20/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 22 од Законот за сметководството за непрофитните организации (“Службен весник на Репуб- лика Македонија” бр.24/2003).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 12 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова Решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12 став 5 и член 22 од Законот означен во точката 1 од ова Решение.

Според наводите во иницијативата овластувањето на министерот за финансии да определува кои посебни податоци се потребни за системот на државната евиденција и по потреба да донесува поблиски прописи за спроведување на Законот за сметководство на непрофитните организации, немало уставна основа, бидејќи во Законот не било определено кои се тие посебни податоци и кои се тие конкретни поблиски прописи за спроведување на Законот. Ваквите овластувања отстапувале од општиот принцип за поделба на власта на законодавна, извршна и судска, не можеле да се толкуваат како разработка на конкретни законски норми и воделе кон самоволност на извршната власт.

Притоа, фактот што Министерството за финансии било надлежно за работите што се однесуваат на системот на сметководство, ревизијата и платниот промет, согласно член 19 став 1 алинеја 7 од Законот за организација и работа на органите на државната управа не можел да биде основа за навлегување во законо- давната власт.

Оттаму, подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и член 96 од Уставот .

4. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 5 од Законот за сметководството за непрофитните организации, министерот за финансии ќе определи кои посебни податоци се потребни за системот на државната евиденција и ќе ја пропише формата и содржината на образецот за системот на државната евиденција.

Според член 22 од Законот, се овластува министерот за финансии по потреба да донесува поблиски прописи за спроведување на овој закон.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владе-ењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи кога за тоа е овластен со закон.

Од изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека министерс- твото за финансии е орган на државната управа, кој работите од својата надлежност ги извршува врз основа и во рамките на Уставот и законите. Во тој контекст, врз основа на Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот е овластен да донесува акти за извршување на законите.

6. Тргнувајќи од содржината на Законот, произлегува дека во член 9 став 4, член 11 став 3, член 12 став 4 и 5 и член 17 став 8 се содржани посебни овластувања на министерот за финансии да донесе посебни прописи за разработка на одделни законски одредби.

Оттаму според Судот, при постоење на вакво конкретно законско уредување, општата формулација “по потреба” министерот за финансии да донесе поблиски прописи за спроведување на законот, содржана во оспорениот член 22 од Законот, ја доведува под сомнение одредбата по однос на нејзината согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, употребената формулацијата “по потреба” содржана во оспорената одредба е непрецизна и остава можност за правна несигурност што, според Судот ја доведува под соменение одредбата по однос на нејзината согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот проредок. Ова од причини што една одредба се смета за согласна со наведеното начело ако е јасна, прецизна и недвосми- слена, што не би можело да се каже дека е случај со оспорената одредба. Воедно, по стоењето на посебни одредби што го уредуваат овластувањето на министерот за донесување на посебни прописи го прави нецелисходно егзистирањето на даденото општо овластување од членот 22 од Законот, по потреба да се носат поблиски прописи.

Од друга страна оставената можност да се донесат по потреба поблиски прописи за спроведување на законски норми без постоење на каква било законска рамка би можело да содржи во себе опасност од арбитрерност и мешање на законодавната и извршната власт кои во системот на поделбата на власта се јасно разграничени. Според тоа, Судот оцени дека членот 22 од Законот може да се доведе под сомение и по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова Решение.

7. Тргнувајќи од содржината на одредбите на Законот за сметководството за непрофитните организации во целина произлегува дека истиот содржи повеќе одредби што го уредуваат прашањето на внесување, техника на обработка и чување на подато- ците во деловните книги или во сметководствените документи на непрофитните органи- зации, како што се член 1, член 4 став 4, член 5 став 2 и 3, член 9 став 2, член 10 став 1 и 3, член 11 став 1 и 2 и член 12 став 1 од Законот. Посебно од содржината на членот 12 став 1 од Законот произлегува дека непрофитните организации го организираат сметко- водството и начинот на внесување на податоците во сметководството во согласност со овој закон.

Имено, според Судот овластувањето на министерот за финансии да определи кои од податоците се потребни за системот на државната евиденција и да ја пропише формата и содржината на образецот за системот на државната евиденција има законска основа во целината на одредбите од Законот. Ваквото овластување е во функција на извршување и разработка на законските одредби и има за цел да конкретизира кои податоци се потребни за системот на државната евиденција.

Поради јасното овластување на министерот за финансии да ги операциона- лизира законските одредби во функција на нивното извршување Судот утврди дека не би можело да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 12 став 5 од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 51 и членот 96 од Уставот.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 2
од ова Решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 20/2005
25 мај 2005 год.
С к о п ј е
м.л./

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова