68/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на

а) уставноста на член 74 став 1 точка 2 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 38/2002, 33/2003 и 19/2004) и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за вршење на работите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/1998).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека според член 74 став 1 точка 2 од Законот за внатрешни работи, министерот имал овластување да донесе подзаконски прописи за вршењето на работите на Дирекцијата. Врз основа на оваа одредба министерот за внатрешни работи го донел Правилникот за вршење на работите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија било и владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите морале да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој бил должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесувала уредби и други прописи за извршување на законите.

Во членот 96 од Уставот било предвидено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршеле самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа биле одговорни пред Владата.

Меѓутоа, во оспорената законска одредба не биле определени основите и рамките за овој подзаконски пропис, со што се повредувале напред наведените уставни одредби.

Според член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со правилник се утврдувале и се разработувале одделни одредби на законите и други прописи за нивно извршување.

Во иницијативата понатаму се наведува дека од оспорената законска одредба не можело да се заклучи кои одредби од Законот за внатрешни работи требало да се утврдат и разработуваат со подзаконскиот пропис, а министерот за внатрешни работи не бил овластен со Законот за внатрешни работи со подзаконски пропис да го уредува предметот и методологијата на извршувањето на работите од делокругот на надлежностите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, како и начинот на создавање и водење на документација и евиденција во вршењето на работите, како што тоа било предвидено во општата одредба на член 1 од оспорениот Правилник.

Според подносителот на иницијативата ова произлегувало од одредбите на членовите 13-16 од Законот за внатрешни работи. Тоа, со други зборови значело, дека оспорениот Правилник не бил во согласност ниту со овие законски одредби.

Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 74 став 1 точка 2 од Законот за внатрешни работи и уставноста и законитоста на Правилникот за вршење на работите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 74 став 1 точка 2 од Законот за внатрешни работи се овластува министерот да донесе подзаконски прописи за вршење на работите на Дирекцијата.

Со оспорениот Правилник за вршење на работите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање се уредуваат предметот и методологијата на извршувањето на работите од делокругот на надлежностите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање како и начинот на создавање и водење на документација и евиденција во вршењето на работите.

Во членот 2 од Правилникот е утврдено дека Дирекцијата во својата работа обезбедува податоци и документира разузнавачка, терористичка или друга организирана нелегална дејност, насочена кон загрозување или насилно уривање на уставното уредување на Република Македонија.

Во вториот дел од Правилникот се утврдени оперативните средства и методи во методологијата на работа на Дирекцијата .

Во третиот дел од Правилникот се утврдени оперативните модели во методологијата на работа на Дирекцијата.

Во четвртиот дел е утврдена оперативната документација и евиденција во Дирекцијата, а во петтиот дел преодните и завршните одредби.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од член 74 од Законот била предмет на оценување во Уставниот суд на Република Македонија кој со Решение У.бр.229/1997 од 18 март 1998 година одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 74 од Законот за внатрешни работи, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Со наведеното решение Уставниот суд на Република Македонија ја оценувал и уставноста на член 15 став 1 од Законот за внатрешни работи, според кој министерот се овластува да донесува “акт за организација и работа”, и изразил став дека овластувањето на министерот, во горенаведените рамки, да донесува акт за организација и работа на Дирекцијата, не излегува надвор од уставните рамки. Таквото гледиште произлегува од самиот карактер на актот што е овластен да го донесе министерот. Имено, таквиот акт е внатрешен акт на органот со кој се овозможува ефикасно остварување на работата на органот преку внатрешно организационо структурирање и распределба на работните задачи на работното место и нивно успешно извршување преку нивно групирање и организирање во рамки на соодветните единици во кои тие се извршуваат. Се разбира, таквиот акт на министерот мора да биде во согласност со организацијата и работата утврдена со законот и начелата за внатрешна организација и за работа утврдени од Владата. Актот за организација, работа и систематизација на работните места, всушност значи конкретизација на начелата за внатрешна организација и за работата на органот.

Врз основа на изнесеното, а имајќи го предвид фактот дека подносителот на иницијативата го оспорува овластувањето на министерот за внатрешни работи, дека тој не е со закон овластен со подзаконски пропис да го уредува вршењето на работите на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, Судот утврди дека за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното и согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.68/2005
25 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова