Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за систематизација на работните места во Министерството за правда бр.01-300/4 од 5 февруари 2001 година.
2. Владо Мицковски од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот Правилник бил донесен спротивно на член 7 став 2 алинеја 2 од Законот за државните службеници, бидејќи потребното мислење од Агенцијата за државни службеници било дадено после два дена од донесувањето на Правилникот, а не пред да биде донесен. Ова значело дека Правилникот е ништавон и не можел да произведува правно дејство.
Со вака донесениот Правилник, воедно биле повредени член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, бидејќи актот произведувал правн о дејство пред да биде донесен во законита постапка и без да влезе во правна сила.
Потоа во иницијативата се наведува конкретен пример за престанок на работен однос на лице вработено во Министерството за правда, кој престанок се заснова на одредбите од оспорениот Правилник и се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот и негово поништување.
3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за систематизација на работните места во Министерството за правда е донесен врз основа на член 49 став 1, член 55 став 1 и член 58 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000) и Уредбата за описот на звањата и соодветноста на работните места со групите и звањата утврдени во Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.93/2000).
Правилникот содржи 34 одредби поделени во следниве тематски целини: основни одредби, раководење со министерството, раководни државни службеници, организациони облици и работни места во министерството по одделни сектори и преодни и завршни одредби. Во одредбите на Правилникот за секое одделно работно место е определен видот на работните обврски што се извршуваат, како и потребниот степен на образование како посебен услов за вработување.
Во членот 34 од Правилникот е определено дека истиот влегува во сила со денот на објавувањето на огласната табла на Министерството за правда и огласната табла на органите во состав, а ќе се објави по добивањето на мислењето од Агенцијата за државни службеници. Правилникот е заведен под бр.01-300/4 од 5 февруари 2001 година.
Агенцијата за државни службеници, согласно член 7 став 2 алинеја 2 од Законот за државните службеници, дала мислење бр.10-112/2 од 2 февруари 2001 година дека оспорениот Правилник е во согласност со одредбите од Законот за државните службеници.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека во случајот оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не е подобен за уставносудска оценка. Имајќи го предвид основот за донесување на оспорениот Правилник и неговата содржина, Судот оцени дека станува збор за интерен акт со кој се систематизираат, односно се определуваат работните места во Министерството за правда.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 4/2005
11 мај 2005 год.
С к о п ј е
л.а/
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова