У.бр.214/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на членот 11 став 3 од Законот за финансиската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2002), и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за проверка на способностите и оценка на личните предиспозиции на лицата за вршење на работите на финансиската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/2004), во целина и посебно оспорените член 1, член 5, член 8 и член 9 став 4 од истиот Правилник.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 став 3 од Законот означен во точката 1 а) и уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 б) од ова решение.

Имено, иако подносителот на иницијативата оспорената законска одредба нумерички ја означува како член 11 став 2 и истата нумерација е содржана во самиот Закон, Судот утврди дека според поставеноста на одредбата и содржината на оспорениот став всушност станува збор за член 11 став 3 од законот.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба било предвидено да се врши проверка на способностите и оцена на личните предиспозиции “за жал” само по однос на лицата што требало да се вработат како финансиски полицајци, а таква проверка не била предвидена за вршење на функциите од страна на: судиите, јавните обвинители, адвокатите, државените службеници и работниците, со што се доведувала во прашање еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите и достапноста на секое работно место, утврдени во член 9 и член 32 став 2 од Уставот.

Исто така, во иницијативата се наведува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и колективен договор, како што било предвидено со членот 32 став 5 од Уставот. Оттаму, законодавецот со оспорената законска одредба не можел да го овласти министерот за финансии да донесе поблиски прописи според кои ќе се врши проверка на способноста и оцена на личните предиспозиции на лицата за вршење на работите на финансиската полиција.

По однос на оспорениот Правилник, подносителот на иницијативата наведува дека со членот 1 бил уреден начинот на проверка на способностите и начинот на оцена на личните предиспозиции, што единствено можело да биде законска, а не подзаконска материја. Истото се наведува и по однос на членовите 5, 8 и 9 став 4 од Правилникот.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба и Правилникот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 9, член 32 став 2 и 5, член 51, член 91 и 96 од Уставот. Воедно, Правилникот не бил во согласност и со член 11 став 2 од Законот за финансиската полиција, како и со член 19, член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 1 од Законот за финансиската полиција, финансиските полицајци покрај општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа треба да исполнат и посебни услови.

Според став 2 од истата одредба, за финансиски полицаец може да биде назначено лицето кое: е државјанин на Република Македонија (точка 1), да не е постаро од 35 години (точка 3), да е психофизички здраво (способно) и со предиспозиции за вршење на работите на финансиската полиција (точка 4) и да ги исполнува и другите услови пропишани со актот за организација (точка 5).

Според содржината на оспорениот став 3 од членот 11 од Законот за финансиската полиција, министерот за финансии ќе донесе поблиски прописи според кои ќе се врши проверка на способноста и оцената на личните предиспозиции на лицата за вршење на работите на финансиската полиција.

Според содржината на посебно оспорениот член 1 од Правилникот, со овој правилник се пропишува начинот на проверка на способностите и начинот на оцена на личните предиспозиции на лицата за вршење на работите на финансиската полиција.

Во Глава ИИ од Правилникот со наслов “Проверка на способностите и оцена на личните предиспозиции за вршење на работите на финансиската полиција” е содржан поднасловот “1.Проверка на психофизичките способности”, во кој спаѓаат членовите 2 до 6.

Во членот 2 е определено дека проверката на психофизи-чката способност се врши со медицински систематски преглед. Понатаму одредбата разработува како се врши овој преглед. Во членот 3 е определено што опфаќаат психолошките испитувања, а во членот 4 е определено што опфаќаат лабараториските прегледи.

Според посебно оспорениот член 5 од Правилникот, лицето се смета дека е психофизички способно за работа како финансиски полицаец ако резултатите од меди- цинскиот систематски преглед покажат дека не боледува од точно дефинирани заболувања.

Во член 6 од Правилникот е определено дека медицинскиот систематски преглед го врши комисија составена од пет членови и тоа еден лекар по општа медицина, еден психијатар специјалист, еден оториноларинголог, еден очен специјалист и еден лекар за интерни болести.

Во поднасловот “2. Оцена на лични предиспозиции” од Правилникот се содржани три одредби. Според член 7 од Правилникот, оценувањето на личните предиспозиции на лицата за вршење на работите на финансиската полиција се врши со тестирање на стручното знаење, управување на моторно возило од “Б” категорија и способност за работа како финансиски полицаец.

Во посебно оспорениот член 8 од Правилникот во ставот 1 е определено дека тестирањето е поделено на два дела и тоа: тестови за проверка на знаењето и тестови за проверка на способностите. Во следните два става од одредбата е разработено што опфаќаат двата видови тестови. Според став 4 од истата одредба, тестовите се тајни и ги подготвува Комисијата која и го спроведува тестирањето, а според став 5, Министерството за финансии-Финансиска полиција на кандидатите ќе им обезбеди програма за подготвување на тестирањето.

Во член 9 став 1 од Правилникот е определено дека тестирањето се врши пред комисија која е формирана од директорот на Финансиската полиција, а комисијата е составена од шест членови и тоа истакнати стручњаци со прецизно дефинирани професии. Според став 2 од истата одредба, Комисијата избира претседател кој ги координира и закажува тестирањата, а според став 3 оценувањето на резултатите од тестирањето го врши комисијата, објективно и непристрасно, сочинува ранг листа и за тоа го известува директорот на Финансиската полиција и на соодветен начин кандидатот. Според посебно оспорениот став 4, кандидатите кои постигнале најдобри резултати на тестирањето дире-кторот на Финансиската полиција ги предлага за финансиски полицајци.

Во член 10 од Правилникот е определено дека истиот влегува во сила осмиот ден од објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Правилникот е донесен од Министерот за финансии, врз основа на член 11 став 3 од Законот за финансиската полиција.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според став 5 од истата одредба, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 19 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), Министерството за финансии ги врши работите што се однесуваат на точно дефинирани области, но врши и други работи утврдени со закон.

Според член 55 став 1 од Законот министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 1 од Законот, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Според член 61 став 1 од Законот, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

5. Тргнувајќи од надлежноста на Владата на Република Македонија определена во член 91 алинеја 5 од Уставот, произлегува дека во надлежност на Владата, како носител на извршната власт спаѓа и донесувањето на прописи за извршување на законите. Во реализација на вака определената надлежност, министрите според одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управата донесуваат, меѓу другото правилници со кои се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, кога за тоа се овластени со закон, како што е случајот со оспорената законска одредба. Ограничувањето во утврдувањето и разработката на одделни одредби од законите се состои во тоа што со актите што ги донесуваат не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Член 32 став 5 од Уставот определува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во конкретниот случај станува збор за овластување на министерот за финансии да донесе посебен пропис за проверка на способноста и оцена на личните предиспозиции на лицата за вршење на работите на финансиската полиција, што се јавуваат како посебни услови за засновање на работен однос, според содржината на член 11 став 2 точка 4 од Законот за финансиската полиција. Имено, според оваа одредба за финансиски полицаец може да биде назначено лице кое е психофизички здраво (способно) и со предиспозиции за вршење на работите на финансиски полицаец.

Според член 7 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/ 1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/ 2003), работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој и друг закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и а кт на работодавецот.

Оттаму, во смисла на наведената законска одредба, Законот за финансиската полиција е законот со кој се уредуваат посебните услови што треба да ги исполни кандидатот за засновање на работен однос како финансиски полицаец, кој закон е леџ специалис.

Според член 6 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/1994, 30/1996, 47/2000 и 73/ 2001), работен однос може да заснова секое лице што ги исполнува условите утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот (став 1). Посебните услови можат да се предвидат како услов за засновање на работен однос само ако се потребни за извршување на работите на определено работно место (став 2). Како посебни услови за засновање на работен однос можат да се предвидат, особено: видот и степенот на стручната подготовка, особено знаење и способност за извршување на соодветните работи, работно искуство, посебна здравствена состојба, психофизичка способност и други (став 3). Скоро идентична содржина има и членот 6 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/1995 и 11/ 1998).

Тргнувајќи од содржината на уставните одредби што се однесуваат на надлежностите на извршната власт во донесувањето на прописи за извршување на законите и од системските решенија содржани во Законот за организација и работа на органите на државната управа, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 11 став 3 од Законот за финансиската полиција, според Судот, таквото овластување на министерот не е во несогласност со одредбите од Уставот врз кои се темели иницијативата.

Имено, органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ја содржи рамката на овластувањето на органот на државната управа, која во конкретниот случај е содржана во членот 11 став 2 точка 4 од Законот. Инаку, според член 2 став 1 од Законот, финансиската полиција е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии.

Што се однесува до наводот за несогласност на законската одредба со член 9 и 32 став 2 од Уставот од причина што проверката на способноста и оцената на личните предиспозиции на лицата за вршење на одделно наведените функции не била предвидена, како што тоа се барало за финансиските полицијци, Судот оцени дека вака изнесениот навод е несонован, од причина што не припаѓа во негова надлежност да оценува нешто што не е содржано во конкретна норма.

Имено, согласно член 13 од Законот за работните односи, пред донесување на одлука за избор за определено работно место, може да се врши проверка на способноста за вршење на работите на работното место на начинот определен во колективен договор, ако е тоа утврдено како услов за засновање на работен однос, освен за приправници. Соодветни решенија се содржани и во одредбите на Законот за државните службеници. Конечно на кој начин и дали воопшто ќе се врши проверка на способностите за вршење на определени работи, зависи од оцената на самиот работодавец во зависност од видот на работното место за кое се заснова работен однос според специфичноста на секоја дејност.

Оттаму, при неспорно постоење на можност за проверка на способностите за вршење на работите за секое поединечно работно место, Судот оцени дека не може да се постави прашање за повреда на членот 9 и 32 став 2 од Уставот, од аспект на изнесениот навод во иницијативата.

6. Тргнувајќи од содржината на оспорениот Правилник Судот утврди дека истиот е поделен на две тематски целини: проверка на психофизичките способности и оцена на личните предиспозиции, а законската рамка што ги предвидела психофизичката способност и личните предиспозиции како посебен услов за засновање на работен однос е содржана во членот 11 став 2 точка 4 од Законот за финансиската полиција.

Според членот 13 од Законот за работните односи, пред донесување на одлука за избор за определено работно место, може да се врши проверка на способноста за вршење на работите на работното место на начин определен во колективен договор, ако е тоа утврдено како услов за засновање на работен однос, освен за приправници. Според член 8 од Општиот колективен договор за нестопанска дејност, проверка на способностите за вршење на работите на работното место, ако е тоа утврдено како услов за засновање на работен однос, врши работодавецот, односно органот што тој го овластил и тоа особено по пат на: тестирање, аудиција, разговор и слично и други начини утврдени со колективниот договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец. Скоро идентична содржина има и членот 12 од Гранковиот колективен договор.

Од цитираните одредби од Законот за работните односи и колективните договори, произлегува дека позитивната законска регулатива предвидува можност за проверка на способностите за вршење на работите за конкретно работно место, ако тоа е предвидено како услов за засновање на работен однос, во кои пак способности неспорно, според член 11 став 2 точка 3 од Законот за финансиската полиција спаѓаат и психофизичката способност и личните предиспо-зиции. Притоа оставена е широка можност за начинот на кој ќе се врши проверката, а истата може да се направи од страна на работодавецот или пак орган овластен од него.

Во конкретниот случај со Правилникот по однос на проверката на психофизичката способност е утврдено дека истата се врши преку медицински систематски преглед од страна на комисија составена од пет членови, медицински лица од различни области. По однос на проверката на личните прдиспозиции, во оспорениот Правилник е утврдено дека се врши по пат на две тестирања и тоа: тестирање на стручното знаење и тестирање на способностите. Тестирањата ги врши комисија од шест членови, составена од стручњаци од строго дефинирани области.

Што се однесува до овластувањето на директорот на Финансиската полиција да го предложи кандидатот кој постигнал најдобар резултат во тестирањето за финансиски полицаец, содржано во посебно оспорениот член 9 став 4 од Правилникот, законскиот основ за ваквото овластување се наоѓа во членот 8 став 2 од Законот за финансиската полиција. Имено, според оваа одредба, финансиските полицајци ги назначува и ги разрешува Министерот за финансии по предлог на директорот на Финансиската полиција.

Од сето наведено произлегува дека оспорениот Правилник во целина и посебно оспорените членови 1, 5, 8 и 9 став 4, преставуваат разработка на член 8 став 2 и член 11 став 2 точка 4 од Законот за финансиската полиција заради извршување на наведените законски одредби. Воедно, во оспорениот акт не се утврдуваат права и обврски за граѓаните надвор од дадената рамка во овој закон, како и во Законот за работните односи и колективните договори.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорениот Правилник не може да се доведе под сомнеие по однос на неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, односно со принципот на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, ниту по однос на останатите уставни и законски одредби врз кои се темели иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 214/2004
11 мај 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова