64/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12 точка 9 и точка 65 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004 и 12/2005).

2. Васил Радиноски од Вевчани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека општина Вевчани двапати поднела иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Законот за територијална поделба на Република Македонија од 1996 година, односно на членот 8 точка 85 со кој дотогаш единствената катастарска единица (катастарска општина) Вевчани била пресечена и дел од неа (викенд населбата Горна Белица) била ставена како населено место во Струга. Двете иницијативи Уставниот суд на Република Македонија, и покрај уредно доставена документација и докази за фактичката состојба ги отфрлил со оценка дека промените сврзани со територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините според Уставот се исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија. Општина Вевчани во неколкупати се обраќала до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Министерството за правда и Министерството за локална самоуправа со иницијативи за измени на член 8 точка 85 од Законот за територијална поделба од 1996 година. Одговорот од сите овие органи бил дека нивното барање ќе биде решено при донесувањето за новиот Закон за територијална организација на општините во Република Македонија. Во текот на расправата за донесувањето на оспорениот закон во Собранието на Република Македонија и покрај тоа што имало интервенција со посебен амандман, претставникот на Владата предлагач на законот, амандманот не го прифатил.

Понатаму во иницијативата се наведува дека во член 4 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004) и во член 18 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) децидно било кажано дека катастарските граници треба да се поклопуваат со општинските граници. Членот 12 став 1 точка 9 и член 65 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа на Република Македонија бил во спротивност со двата наведени члена бидејќи катастарските граници не требало да се сечат, а од друга страна во член 12 катастарската општина Вевчани била поделена помеѓу две општини. Овие два члена се спротивставувале еден на друг, а ист случај било помеѓу законите за територијалната организација на локалната самоуправа на Република Македонија (во делот кој се однесува на член 12) и Законот за локалната самоуправа (член 18). Според подносителот на иницијативата, бидејќи не било можно во еден правен систем законите или делови од истите да се во спротивност, Уставниот суд бил должен со својата одлука да ја утврди уставноста и законитоста, односно неуставноста и незаконитоста на наведените закони, односно членови од тие закони. Во едниот дел од образложението подносителот на иницијативата е согласен дека Собранието е орган што ги донесува законите, што ја врши промената во делот на територијалната поделба, но не е согласен да се донесуваат незаконски и неуставни решенија. Членот 12 став 1 точка 9 и 65 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа и член 18 од Законот за локалната самоуправа биле очигледно во колизија и заради тоа Уставниот суд бил надлежен и требало да реши во полза на подносителот на иницијативата како би се исправил очигледен превид од страна на Владата и Собранието на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 12 од Законот, во општините од членот 10 на овој закон се утврдуваат следниве населени места:

9. Општина Вевчани – селото Вевчани;
65. Општина Струга – градот Струга и селата: Безово, Биџево, Богојци, Бороец, Брчево, Буринец, Велешта, Вишни, Враниште, Глобочица, Горна Белица, Горно Таташи, Долна Белица, Делогожди, Добовјани, Долно Таташи, Драслајца, Дренок, Заграчани, Збажди, Јабланица, Калишта, Корошишта, Лабуништа, Лакаица, Ливада, Ложани, Локов, Луково, Мали Влај, Мислешево, Мислодежда, Модрич, Мороишта, Нерези, Ново Село, Октиси, Радожда, Радолишта, Франгово, Шум, Пискупштина, Подгорци, Поум, Присовјани, Ржаново, Селци, Ташмаруништа, Тоска и Џепин.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ја предвид уставно утврдената надлежност на Судот, јасно произлегува дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, меѓутоа нема надлежност да одлучува за меѓусебната согласност на одделни членови од ист закон, ниту пак за меѓусебната согласност на законите како акти од ист правен ранг.

Од друга страна, Уставниот суд ја оценуваше уставноста на оспорениот закон во целина и со Решение У.бр.195/2004 од 29 декември 2004 година не поведе постапка поради тоа што согласно Уставот, регулирањето на прашањата во врска со територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините е во исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на одделни членови од ист закон, ниту пак за меѓусебната согласност на законите и дека Уставниот суд веќе ја оценувал уставноста на оспорениот закон во целина и не повел постапка, а нема основи за поинакво постапување по однос на наводите содржани во оваа иницијатива.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.64/2005
11 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова