Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 31 став 4 и 5 од Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/1997, 16/2000 и 17/2003).
2. Сојузот на телесно инвалидизирани лица на Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата која е подржана и од Заедницата на инвалидизираните лица на Македонија со член 31 став 4 од Законот за социјалната заштита било утврдено дека: “Висината на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице не може да изнесува помалку од 20%, ниту повеќе од 30% од просечната плата, согласно со член 25 од ставовите 1 и 2 од овој закон”.
Со став 5 од член 31 од Законот за социјалната заштита било утврдено дека: “Начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право со акт ќе ги определи министерот за труд и социјална политика”.
Со овие одредби од Законот за социјалната заштита, кои влегоа во сила на 28 март 2003 година, со Законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/2003), всушност била изменета претходната одредба од член 31 став 4 од Законот за социјалната заштита која гласеше “висината на правото на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице изнесува 30% од просечната плата согласно со член 25 ставовите 1 и 2 од овој закон.
Користејќи го ова право министерот за труд и социјална политика донел Правилник за начинот на остварување, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице (“Службен весник на Република Македонија” бр.32 од 12 мај 2003 година), со кој корисниците на ова право ги поделил на две категории и висината на надоместокот за првата категорија ја утврдил на 29%, а за втората категорија на 25% од просечната плата по работник во Република Македонија, остварена во последните три месеци.
Во иницијативата се наведува дека министерот за труд и социјална политика со своја одлука донел нов Правилник за содржина на образецот за издавање наод, оцена и мислење за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице, потребната медицинска и друга документација, начинот на остварување, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице (“Службен весник на Република Македонија” бр.88/2004), со кој го укинал претходниот правилник и висината на износот на надоместокот за помош и нега од друго лице за корисниците од првата категорија ја намалил на 26%, а за втората категорија на 23% од просечната плата по работник во Република Македонија, остварена во последните три месеци.
Според подносителот на иницијативата основано се поставувало прашањето за уставноста на член 31 став 4 и 5 од Законот за социјалната заштита со кои му било дадено право на министерот за труд и социјална политика да ги утврдува и критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице затоа што не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 и член 34 од Уставот на Република Македонија.
Со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија било утврдено дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Со член 34 од Уставот на Република Македонија било утврдено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.
Со одредбите од член 31 став 4 и 5 од Законот за социјалната заштита биле пренесени овластувања на министерот за труд и социјална политика кои припаѓале на законодавната власт, а не на извршната власт. Со тоа се нарушувал принципот на поделбата на власта. Од друга страна се работи за права од доменот на социјалната сигурност на граѓаните (во случајов граѓани кои поради својата инвалидизираност се особено социјално загрозени), а кои според член 34 од Уставот на Република Македонија се регулирале со закон. Со давање право на министерот за труд и социјална политика да ги утврдува и критериумите за утврдување на висината и висината на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице се нарушувало правото на социјална сигурност, бидејќи министерот можел кога сака и колку сака да го менува тоа право, што било потврдено и во пракса.
Поради наведеното се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 34 став 4 и 5 од Законот за социјалната заштита и, следствено, да се одлучи и за законитоста на актите на министерот донесени врз основа на тие одредби од законот.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 31 став 4 од Законот за социјална заштита било предвидено дека висината на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице не може да изнесува помалку од 20%, ниту повеќе од 30% од просечната плата, согласно со член 25 ставовите 1 и 2 од овој закон.
Во оспорениот член 31 став 5 од Законот, додека важел било предвидено дека начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право со акт ќе ги определи министерот за труд и социјална политика.
Судот исто така утврди дека со членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/2004) оспорениот член 31 став 4 станува став 5, а ставот 5 станува став 6 кој се менува и гласи: министерот ја проопишува содржината на обрасците за издавање на наодот, оцената и мислењето за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице, потребната медицинска и друга документација која се приложува кон барањето за остварување на ова право, начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како и поблиску ги утврдува критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право согласно со овој закон.
4. Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.157/2004 од 26 јануари 2005 година ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 31 став 5 (со измените од 1994 година ставот 5 се менува по содржина и станува став 6) од Законот за социјална заштита поради тоа што престанал да важи, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата и во овој дел согласно членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
Имајќи го предвид фактот дека со иницијативата се оспорува и ставот 4 на член 31 од законот (кој со измените од 2004 година станува став 5), произлегува дека всушност сите наводи во иницијативата се однесуваат на ставот 5 од Законот, односно на правото на министерот да ги утврдува критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, поради што Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставнит суд на Република Македонија иницијативата се отфрла.
Во иницијативата исто така се бара Судот да одлучи и за законитоста на актите на министерот донесени врз основа на член 31 став 4 и 5 од законот.
Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата не ги идентификува актите од министерот што ги оспорува, Судот оцени дека постојат процесни пречки да одлучува по наводите на овој дел од иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
Решението по однос на ставот 4 од член 31 од Законот Судот го донесе со мнозинство гласови.
У.бр.220/2004
11 мај 2005 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова