36/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 2 од Законот за обезбедување на лица и имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1999).

2. Зоран Арсовски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 5 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со членовите 25, 26 и 31 од Уставот, затоа што Министерството за внатрешни работи има должност да ги гони сторителите на кривични дела и прекршоци и да поднесува кривични и прекршочни пријави до надлежен суд, а не да поставува услови, обврски и забрани за правните лица кои вршат дејност на обезбедување на лица и имот.

Имено според подносителот на иницијативата, со даденото законско овластување Министерството за внатрешни работи да издава дозвола за работа на правните лица се повредувала нивната приватност и тие не можеле слободно да ја вршат дејноста за која се основаат.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за обезбедување на лица и имот се уредуваат условите и начинот на обезбедување на лица и имот и дека обезбедувањето на лица и имот е дејност од јавен интерес.

Според членот 3 од наведениот закон, обезбедување на лица и имот, под услови утврдени со овој закон и во согласност со Законот за трговските друштва, вршат правни лица регистрирани за вршење на таа дејност во вид на давање на услуги и правни лица регистрирани за вршење на истата дејност за сопствени потреби.

Во членот 5 став 1 од Законот е предвидено дека правното лице кое дејноста на обезбедување на лица и имот ја врши во вид на давање на услуги се стекнува со право на вршење на дејност со упис во трговскиот регистар.

Во оспорениот став 2 на членот 5 е предвидено дека “за уписот од став 1 на овој член, покрај условите предвидени со прописите за упис во трговскиот регистар потребно е правното лице да има најмалку пет лица кои имаат лиценца за работа и дозвола за работа од Министерството за внатрешни работи”.

Во член 8 од Законот е предвидено дека работи на обезбедување на лица и имот можат да вршат лица кои имаат лиценца за работа, која ја издава Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот доколку лицето ги исполнило предвидените законски услови меѓу кои е предвидено и писмен стручен испит. Стручниот испит според член 9, пак, се полага пред комисија формирана од Министерството за внатрешни работи која ја сочинуваат претставници на Комората и претставници на Министерството за внатрешни работи.

Според став 2 на овој член проверка на оспособеноста за ракување со оружје како дел од стручниот испит врши комисија на Министерството за внатрешни работи составена од овластени лица.

Понатаму, во членот 10 од Законот е предвидено дека по барање на правните лица кои вршат дејност на обезбедување на лица и имот Министерството за внатрешни работи дава стручна помош во организирањето на обезбедување на лица и имот и врши обука на вработените.

Во членовите 17 и 18 од наведениот закон се утврдени задачите односно дејствијата што работниците за обезбедување на лица и имот можат да ги преземаат во извршување на дејноста.

При вршење на обезбедување работниците можат да бидат вооружени согласно прописите за набавување, поседување и носење оружје за кои Министерството за внатрешни работи еднаш годишно организира гаѓање со оружјето со кое се вооружени.

Во членот 32 од наведениот закон е предвидено дека надзор над спроведувањето на овој закон врши Министерството за внатрешни работи.

Од изнесеното произлегува дека со овој закон се овозможува легално вршење на дејноста обезбедување на лица и имот и се уредуваат видовите и субјектот за вршење на дејноста која е утврдена како дејност од јавен интерес со цел да се изврши јасно диференцирање на оваа дејност од комплексот на останатите стопански дејности.

Имајќи ги предвид облежјата на вршењето на оваа дејност со која во суштина се штитат лицето и имотот кој е предмет на обезбедувањето, законодавецот водел сметка во вршењето на оваа дејност да не бидат доведени во прашање уставните гаранции за неприкосновеност на животот и физичкиот интегритет на човекот и правната заштита на сопственоста, како и тоа во вршењето на оваа дејност правните субјекти да не навлезат во вршење на одредени дејствија кои се во ингеренција на други државни органи.

4. Во член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.

Со членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на истиот член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот Собранието на Република Македонија донесува закони.

Од изнесеното произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјекти на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регуларот на економските текови во стопанството.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Во насока на обезбедување на наведениот принцип во Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2004) се регулирани организационите форми на трговските друштва, организацијата и правилата на нивното функционирање. Воедно со наведениот закон се уредени и прашањата кои се однесуваат на уписот и постапката на уписот на трговските друштва. Целта на уписот на трговските друштва е да се обезбеди правна сигурност на друштвото и на сите учесници во трговскиот промет, законитост, задолжителност на уписот, јавност на друштвото и друго.

Имено, во член 62 став 3 од наведениот закон кој е поместен во оддел 3 “Предмет на работење” поднаслов “Слобода на вршење на дејност” е предвидено:

“Ако за одделни дејности со закон е пропишано дека можат да се вршат само врз основа на согласност, на дозвола или на друг акт на државен орган или на друг надлежен орган, уписот на таа дејност во трговскиот регистар ќе се изврши само врз основа на согласност, на дозволата или на друг акт на тој орган”.

Од наведеното произлегува дека Законот за трговските друштва како системски закон со кој се регулираат односи во стопанството допушта со други закони со кои се уредуваат односи од одделни специфични дејности да предвиди започнувањето на вршењето на некои дејности да се врши по уписот во трговскиот регистар при што за упис во трговскиот регистар е потребно правното лице да има дозвола за работа од надлежен орган.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за трговските друштва и Законот за обезбедување на лица и имот, Судот смета дека одредбата од член 5 став 2 не може да се третира надвор од контекстот на наведените прописи имајќи предвид дека нејзината содржина е одраз на улогата на државата во воспоставување на правилата на однесување на субјектите на пазарот со цел почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот како темелни вредности на уставниот поредок.

Според тоа, Судот смета дека со законската определба со која трговските друштва што вршат дејност на обезбедување на лица и имот за да можат да ја вршат таа дејност треба да имаат дозвола од Министерството за внатрешни работи не се доведуваат во прашање наведените уставни принципи, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.36/2005
11 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова