У.бр.53/2004-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2005 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за прогласување на културни установи од општ интерес на општина Гостивар бр.07-73/1 од 4 февруари 2004 година, објавена во “Службен гласник на општина Гостивар” бр.1/2004 од 4 февруари 2004 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесената иницијатива од Министерството за локална самоуправа со Решение У.бр.53/2004 од 23 февруари 2005 година поведе постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за културата и Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Гостивар на 4 февруари 2004 година донел Одлука за прогласување на културни установи од општ интерес на општина Гостивар бр.07-73/1 (“Службен гласник на општина Гостивар” бр.1/2004).

Во член 1 од наведената одлука е предвидено дека културните установи и тоа: Домот на културата “АСНОМ”, Народната матична библиотека “Вук Караџиќ” и Пионерскиот дом “Панче Попоски” се прогласуват за културни установи од општ интерес на општина Гостивар.

Во членот 2 од Одлуката е утврдено дека “се оспорува во целост Одлуката на Владата на Република Македонија во посебниот дел од која во врска со општина Гостивар да културните установи но со месен карактер (Општина Гостивар) да се прогласат национални установи Центарот за култура “АСНОМ” – Гостивар”.

Согласно член 3 од Одлуката се обврзува административниот орган на општина Гостивар со овластување на градоначалникот да го следи текот на работите околу наведените установи и за истите да го информира градоначалникот и Советот на општината.

Според членот 4 од Одлуката копие од оваа одлука се доставува до наведените културни установи на општина Гостивар од член 2, до Владата на Република Македонија, до Заедницата на единиците на локална самоуправа на Република Македонија и до Парламентот на Република Македонија.

Според членот 5 од Одлуката оваа одлука влегува во сила осмиот ден од објавувањето во “Службен гласник на општина Гостивар”.

5. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 8 став 1 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и локалната самоуправа.

Според член 114 став 2 од Уставот на Република Македонија единици на локалната самоуправа се општините.

Согласно Амандманот ЏВИИ точка 1 со кој се заменува ставот 1 на член 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според ставот 2 од членот 115 од Уставот општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Согласно член 1 од Законот за локална самоуправа се уредуваат надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот-сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Според член 21 став 1 од Законот за локална самоуправа општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење. Во членот 22 се утврдени надлежностите на општините. Според точка 5 од став 1 на овој член општините се надлежни, помеѓу другото, и за институционалната и финансиската поддршка на културните установи и проекти; негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности; организирањето културни манифестации; поттикнувањето на разновидни специфични форми на творештвото.

Согласно член 94 од Законот за културата (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998 и 49/2003) организациите со општествен капитал што се регистрирани за вршење дејност од посебен општествен интерес во областа на културата, во периодот пред донесувањето на амандманите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1990 година основани согласно со закон од страна на општествено-политичка заедница, самоуправна интересна заедница на културата или општествено-политичка организација продолжуваат да работат како национални установи до утврдувањето на нивниот статус согласно со овој закон, односно до завршувањето на постапката за трансформација согласно прописите за трансформација на општествениот капитал.

Во членот 95 од Законот е утврдено дека Владата на Република Македонија со одлука определува на кои организации од членот 94 на овој закон им ги презема основачките права и ги утврдува како национални установи.

Според член 96 став 1 од Законот советот на единицата на локалната самоуправа, на непосреден повик од Министерството за култура, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на одлуката од член 95 на овој закон, со одлука определува на кои од другите организации од член 94 на овој закон, освен организациите од член 95 на овој закон, им ги презема основачките права и ги утврдува како општински – градски установи, а во ставот 2 од истиот член од Законот е определено дека Владата на Република Македонија и советот на единицата на локалната самоуправа, во рок од 30 дена по влегувањето во сила на законот со кој се уредува финансирањето на општините, со договор го утврдуваат пренесувањето на имотот, опремата, кадрите, средствата и други релевантни прашања за пренесување на основачките права за организациите од став 1 на овој член. До потпишувањето на договорот тие продолжуваат да се финансираат од Буџетот на Република Македонија и да работат како национални установи.

Согласно член 2 од Одлуката донесена од Владата на Република Македонија на 22 декември 2003 година и објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.84/2003, за општина Гостивар е утврдено дека се преземаат основачките права на установите и се утврдуваат како национални установи за културата и тоа: Домот на културата “АСНОМ”, Народната и матичната библиотека “Вук Караџиќ” и Пионерскиот дом “Панче Поповски” се обединуваат и продолжуваат со работа како национална установа – Центар за култура “АСНОМ” – Гостивар.

Од содржината на изнесените законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија има право со одлука да определува на кои организации (од членот 94 од Законот за култура) им ги презема основачките права и ги утврдува како национални установи. Согласно овие законски одредби, како и одредбите од Законот за локална самоуправа постапило и Министерството за локална самоуправа, како надлежен орган за вршење надзор над законитоста на прописите на општината.

Имено, согласно член 71 став 2 од Законот за локална самоуправа доколку органот – Министерството за локална самоуправа смета дека прописот не е во согласност со Уставот и со закон, во рок од 45 дена од денот на доставувањето на прописот, донесува решение за запирање на примената на прописот, со кое ги образложува и причините за запирање. Во ставот 3 од истиот член од Законот е определено дека решението од ставот 2 на овој член се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Доколку на територијата на единицата на локалната самоуправа има и други установи од областа на културата кои Владата не ги прогласила како установи од национален интерес, советот на единицата на локалната самоуправа е овластен да ги утврди како општински – градски установи и да ги преземе основачките права.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, како и од содржината на оспорениот акт со кој советот на единицата на локалната самоуправа одредени установи од областа на културата кои со одлука на Владата се прогласени како установи од национален интерес ги прогласува како установи од локален интерес, Судот утврди дека Советот на општината Гостивар со оспорената одлука ги пречекорил законските овластувања и уредил прашања кои не се во негова надлежност.

6. Според член 41 точка 3 од Законот за локалната самоуправа прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.

Имајќи ја предвид наведената законска одредба, како и утврдената фактичка состојба од која произлегува дека оспорената одлука со која се уредуваат прашања од областа на културата не е усвоена со мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност и со наведената законска одредба.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.53/2004
11 мај 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова