У.бр.188/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 18 и 19 од Договорот за изменување и дополнување на Колективниот договор на Стопанска банка АД – Скопје, склучен меѓу Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје и Конференцијата на синдикалните организации на Стопанска банка АД – Скопје под У.О.бр.716 од 31 октомври 2003 година.

2. Мирјана Деспотова од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 18 и 19 од Договорот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата и во нејзиното дополнување, односно допрецизирање, се наведува дека оспорените членови по својата содржина биле нејасни и конфузни бидејќи од нив не произлегувало дали критериумите и бодовите за вреднување при утврдување на приоритет за задржување на работното место, во случај на прогласување на работниците за технолошки вишок се однесувале на оние работни места кои се укинуваат или за работни места на кои се намалува бројот на извршители.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека со примената на критериумите утврдени во оспорените одредби поради големите овластувања на извршните директори дадени особено во однос на точките 1, 4 и 5 на членот 18 доаѓало до субјективност при бодирањето на работниците, со што тие се доведувале во нерамноправна положба и тоа поради нивното различно политичко уверување од она на директорот, потоа поради одмазда, уцена и сл.

На крајот, во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби се повредувале членовите 9 и 32 од Уставот, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност и законитост, иако во иницијативата не се посочува со кој закон и член од закон овие одредби се спротивни.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 18 од Договорот, всушност се менува членот 161 и тој гласи:

“При определувањето на бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, се утврдуваат следните критериуми и нивно вреднување со бодови при утврдувањето на приоритетот за задржување на работното место на работниците:

И. Потреба за ефикасно функционирање на работата на Стопанска Банка

– нема потреба 0 бод
– незначителна потреба 5 бода
– има потреба 10 бода
– неопходна потреба 30 бода

ИИ. Стручна подготовка и квалификација

– Основно образование, неквалификуван и полуквалификуван работник 1 бод.
– Средна стручна подготовка, средна стручна подготовка на одредено занимање и квалификуван работник 3 бода.
– Виша стручна подготовка и високо квалификуван работник 5 бода.
– Висока стручна подготовка која е ирелевантна за работното место 8 бода.
– Висока стручна подготовка која е релевантна за работното место 10 бода.

ИИИ. Работно искуство

– нема работно искуство 0 бод
– има незначително работно искуство 2 бода
– го има бараното работно искуство 5 бода

ИВ. Успешност во работењето

– значително подпросечни резултати 0 бод
– незначително потпросечни резултати 2 бода
– просечни резултати 7 бода
– понекогаш натпросечни резултати 10 бода
– постојано натпросечни резултати 15 бода
– постојано натпросечни резултати
и понекогаш одлични резултати 20 бода
– постојано одлични резултати 25 бода

В. Вид и значење на работно место

– работно место со незначителна
сложеност и одговорност 1 бод
– работно место со средна сложеност
и одговорност 4 бода
– работно место со значителна сложе-
ност и одговорност 10 бода

ВИ. Работен стаж во Стопанска банка

до 1 година 0 бод
– повеќе од 1 година до 4 години 1 бод
– повеќе од 4 години до 8 години 2 бода
– повеќе од 8 години до 12 години 3 бода
– повеќе од 12 години до 16 години 4 бода
– повеќе од 16 години до 20 години 5 бода
– повеќе од 20 години до 24 години 6 бода
– повеќе 24 години до 28 години 7 бода
– повеќе од 28 години до 32 години 8 бода
– повеќе од 32 години до 36 години 9 бода
– повеќе од 36 години до 40 години 10 бода.

ВИИ. Возраст

– од 18 до 19 години 0 бод
– повеќе од 19 до 29 години 1 бод
– повеќе од 29 до 39 години 2 бода
– повеќе од 39 до 49 години 3 бода
– повеќе од 49 до 59 години 4 бода
– над 59 години 5 бода

ВИИИ. Здравствена состојба

– нормална здравствена состојба 0 бод
– работник кој бил отсутен од работа
повеќе од 3 месеци последните 2
години поради нарушено здравје, а
неговата/нејзината здравствена
состојба не се подобрила и истата
е утврдена официјално од јавна
здравствена институција 5 бода

ИЏ. Економско социјална состојба

– работник кој е единствено вработен
во семејството и кој издржува едно
лице 2 бода
– работник кој е единствено вработен
во семејството и кој издржува 2 лица 3 бода
– работник кој е единствено вработен
во семејството и кој издржува повеќе
од 2 лица 5 бода
– самохран родител кој издржува
едно или повеќе од едно лице 5 бода”

Судот, исто така, утврди дека со оспорениот член 19 од Договорот, всушност се менува членот 162 и тој гласи:

“За примена на критериумите утврдени во член 161 од овој Колективен договор писмено се искажува директорот на соодветниот сектор, извршниот директор на соодветната филијала или непосредниот раководител на работникот”.

4. Според членот 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата,националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 ставот 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно изречното уставно овластување содржано во наведениот член од Уставот, правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос се утврдени во Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994-исправка, 14/1995, 53/1997, 59/1997-исправка, 21/1998, 25/2000, 34/2000-исправка, 50/2001, 25/2003 и 40/2003), а определени права, обврски и одговорности, со оглед на специфичностите во одделни области се утврдени со други специјални закони и со колективни договори.

Од аспект на прашањата што се уредуваат со оспорените одредби на Колективниот договор од посебно значење е членот 129 од Законот за работните односи. Според овој член од Законот структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврдени со колективен договор на ниво на работодавец, односно со колективен договор на ниво на гранка, доколку работодавецот има потпишано таков договор.

Судот утврди дека наведената одредба од Законот за работните односи на идентичен начин е преземена и во членот 68 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/1994, 30/1994-исправка, 87/2001 и Спогодбите за продолжување на важноста на овој договор објавени во “Службен весник на Република Македонија” бр.67/1999, 45/2000, 47/2003, 85/2003 и 20/2004). Според последната спогодба, важноста на овој договор е продолжена заклучно со 30 јуни 2004 година.

Согласно член 21 од гранскиот Колективен договор за финансиските организации во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/1994, 8/1997 и Спогодбата за продолжување на важноста на овој договор објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.14/2000, според која важноста на овој договор се продолжува за две години сметано од 23 декември 1998 година, а тоа значи до 23 декември 2000 година), при определување на бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, а во согласност со Општиот колективен договор, со колективен договор на ниво на работодавец може да се утврдат следните рамковни критериуми и нивно вреднување со бодови при утврдувањето приоритет за задржување на работното место на работниците:

– потреба за ефикасно функционирање на
работата на работодавецот до 30 бода
– стручна подготовка и квалификација до 10 бода
– работно искуство во организацијата до 10 бода
– успешност во работењето до 25 бода
– видот и значењето на работното место до 10 бода
– работниот стаж до 5 бода
– возраст до 5 бода
– здравствена состојба до 5 бода
– економско социјална состојба до 5 бода”

Имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 18 од Договорот за изменување и дополнување на Колективниот договор на Стопанска банка АД – Скопје, членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, како и членот 129 од Законот за работните односи кој што директно упатува дека структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврдени со колективен договор на ниво на работодавец, каков што е и овој договор, Судот оцени дека оспорениот член 18 е во согласност со напред наведените уставни и законски определби. Ова пред се од причина што во овој член на Договорот се утврдени конкретни критериуми и мерила во рамките на секои од тие критериуми врз основа на кои се врши вреднување, односно бодирање на работниците при определувањето на бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени.

Со оглед на наведеното, како и на тоа што критериумите и нивното бодирање во членот 18 од Колективниот договор се утврдени на начин што тие еднакво се однесуваат на сите работни места и на сите вработени во Стопанска банка АД – Скопје, според Судот со овој член од Колективниот договор не се повредува ниту уставното начело на еднаквост на граѓаните утврдено во членот 9 став 2 од Уставот во однос на кој, исто така се оспорува неговата уставност. Ова е уште една причина поради која не може да се постави прашањето за согласност на овој член од Колективниот договор со Уставот и со Законот за работните односи.

Од истите причини, прашањето за согласноста со Уставот и со Законот за работните односи не може да се постави ниту за оспорениот член 19 од Колективниот договор, во кој е утврдено дека за примената на критериумите писмено се искажува директорот на соодветниот сектор, извршниот директор на соодветната филијала или непосредниот раководител на работникот. Имено, кој орган, односно овластено лице во име на работодавецот ќе го врши бодирањето на работниците во постапката за прогласување на технолошки вишок е прашање кое се утврдува во самиот колективен договор на ниво на работодавец, а во конкретниот случај страните меѓу кои е склучен Колективниот договор на АД “Стопанска банка” се определиле за лицата за кои се смета дека се најкомпетентни и најдобро запознаени со стручноста, работното искуство, успешноста во работењето на секој работник, видот и значењето на работното место, потребата за ефикасно функционирање и сл.

Наводите во иницијативата дека примената на критериумите, односно бодирањето на работниците се вршело пристрасно и субјективно поради што работниците се доведувале во нерамноправна положба не може да претставуваат основ за изразување на сомневање во уставноста и законитоста на оспорените одредби затоа што примената на овие критериуми е фактичко прашање за кое Судот не е надлежен да одлучува. Заштитата од ваквото постапување работниците можат да ја остварат во постапка пред другите судови.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.188/2004
4 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова