Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/2004).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 29 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во училишната матура во гимназиското образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005) и
– Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005).
4. СЕ ЗАПИРА извршувањето на актите и дејствијата донесени односно преземени врз основа на членот 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/2004) и врз основа на оспорените правилници означени во точката 3 од ова решение.
5. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија.
6. Слаѓана Ананиевска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 29 и 55 од законот означен во точката 1 од ова решение и за оценување на уставноста и законитоста на правилниците означени во точката 3 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член 29 од Законот се уредувал начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите во државната матура, училишната матура и завршниот испит во средните училишта и дека тоа се уредувало со Концепција за матура и завршен испит што ја донесувал министерот на предлог на Државниот матурски одбор и со посебен пропис што го донесувал министерот. Ваква концепција до моментот на поднесување на иницијативата не била донесена, ниту пак бил формиран државен матурски одбор. Поради тоа, овој член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Понатаму во член 55 од истиот закон било утврдено дека одредбите што се однесуваат на полагање на државна матура, училишна матура и завршен испит ќе се применуваат по влегувањето во сила на новите планови и програми. Нови планови и програми согласно овој закон се уште не биле донесени, поради што и овој член бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Двата оспорени члена од Законот не биле во согласност и со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, каде било забрането ретроактивно дејство на законите.
Оспорените правилници не биле во согласност со член 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, бидејќи биле донесени без претходно да бидат влезени во сила новите планови и програми. Правилниците не биле во согласност и со членовите 26 и 27 од истиот закон, бидејќи создавале облигација за полагање на училишна матура во гимназиското образование, односно завршен испит во средното стручно образование, а наведените членови од Законот утврдувале право на учениците на избор: државна матура или училишна матура во гимназиско образование, односно државна матура или завршен испит во средните стручни училишта.
Според подносителот на иницијативата, доколку се дозволело матурантите од учебната 2004/2005 година да полагаат матура по наведените прописи, тоа кај учениците ќе создадело страшна психолошка бариера. Тие за полагањето матурски испит по новиот закон дознале 3 месеци пред матурирањето, постапката се уште не им била јасна, а термините за полагање на матурата биле утврдени во периодот кога тие требало да поднесуваат документи за упис на факултет и да подготвуваат приемни испити.
7. Судот на седницата утврди дека со членот 29 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, членот 38 се менува и гласи:
“Испитните програми за полагање на испитите во државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура ги донесува министерот, на предлог на Бирото за развој на образованието.
Начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура, училишната матура и завршниот испит од ставот 1 на овој член се уредуваат со Концепцијата за матура и завршен испит во јавното средно образование и со посебен пропис што го донесува министерот.
Концепцијата за матура и завршен испит во јавното средно образование, на предлог на Државниот матурски одбор, ја донесува министерот.
Државниот матурски одбор кој се состои од 15 члена го формира министерот од редот на стручни и компетентни лица.
Мандатот на Државниот матурски одбор е четири години”.
Со членот 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, членот 114 се менува и гласи:
“Одредбите од членовите 26 став 2, 27, 28, 29 ставови 1, 2 и 3 и 30 став 2 на овој закон, кои се однесуваат на државната матура, училишната матура и завршниот испит ќе се применуваат од влегувањето во сила на новите планови и програми”.
8. Судот исто така утврди дека врз основа на член 38 став 2 од Законот за средното образование, министерот за образование ги донел оспорените правилници, со кои се уредува начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во училишната матура во гимназиското образование односно начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование во траење од четири, односно од три години.
9. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Со Законот за средното образование се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.
Во делот ИВ од овој закон, се одредбите од членовите 33, 35, 37, 38 и 39 кои се однесуват на државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура.
Според членот 33 од овој закон, во гимназиското образование се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование. Во гимназиско образование, во втора, трета и четврта година на образование, може да се запише и вонреден ученик од оправдани причини утврдени во статутот на училиштето. Учениците во гимназиското образование полагаат државна матура или училишна матура. Во гимназиското образование може да се реализира и програма за меѓународна матура за што согласност дава министерот. Програмата за меѓународна матура е со иста важност како и гимназиското образование.
Согласно членот 35 од овој закон, по завршувањето на последната година на јавното стручно образование се полага државна матура или завршен испит. По завршувањето на јавното стручно образование со четиригодишно траење учениците полагаат државна матура или завршен испит. По завршувањето на јавното стручно образование со тригодишно траење учениците полагаат завршен испит.
Членот 37 од овој закон утврдува дека учениците кои ја завршиле последната година во јавното уметничко образование полагаат училишна матура според утврдени програми.
Согласно членот 39 од овој закон, во средното образование за ученици со посебни образовни потреби се образуваат ученици според сообразени програми за соодветни занимања односно образовни профили или за работно оспособување. Во зависност од следењето на сообразените програми за соодветни занимања, односно образовни профили учениците со посебни образовни потреби можат да полагаат државна матура или завршен испит.
Од наведените законски одредби произлегува дека учениците во гимназиското образование полагаат државна матура или училишна матура, учениците во јавното стручно образование со четиригодишно траење полагаат државна матура или завршен испит, а учениците во јавното стручно образование со тригодишно траење полагаат завршен испит.
Со членот 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, членот 114 се менува и гласи: “Одредбите од членовите 26 став 2, 27, 28, 29 ставови 1, 2 и 3 и 30 став 2 на овој закон, кои се однесуваат на државната матура, училишната матура и завршниот испит ќе се применуваат од влегувањето во сила на новите планови и програми”.
Членовите 26 став 2, 27, 28, 29 ставови 1, 2 и 3 и 30 став 2 на кој се однесува оспорениот член се одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование со кои всушност во членот 33 се додава нов став 2, а постојниот став 2 се менува; членот 35 се менува во целина; во членот 37 пред зборот “матура” се додава зборот “училишна”; членот 38 се менува во целина; во членот 39 по зборот “занимања” се додаваат зборовите “односно образовни профили” и се додава нов став 2.
Очигледно е дека од правно технички аспект, оспорениот член е нејасен и создава дилеми за кои одредби од Законот всушност станува збор што создава правна несигурност спротивно на уставниот принцип за владеење на правото.
Исто така, оспорениот член ја условува примената на одредбите кои се однесуваат на државната матура, училишната матура и завршниот испит од влегувањето во сила на новите планови и програми, што значи дека нивното донесување зависи од волјата на министерот, така што и примената на законот во овој дел зависи од волјата на извршната власт. Со други зборови ова би значело дека времето на почетокот на примената на Законот зависи од волјата на извршната власт односно од кога таа ќе донесе нови планови и програми.
Притоа, според Судот останува нејасно што подразбира законодавецот под поимот “нови планови и програми”, односно дали под поимот нови планови и програми се мисли на наставни планови и програми по кои учениците ќе ја започнат и ќе ја следат наставата во средното образование или пак се мисли на планови и програми за полагање на завршниот испит (матура), дотолку повеќе што законот употребува термини: наставни планови, наставни предмети, програми, испитни програми и слично.
Имајќи ја предвид содржината на оспорениот член и дилемите што произлегуваат од нејзината непрецизност, Судот оцени дека целиот член создава правна несигурност и дека основано може да се постави прашањето за неговата согласност со уставниот принцип за владеење на правото, како и со уставниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.
10. Според членот 38 од Законот за средното образование (оспорен член 29 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование “Службен весник на Република Македонија” бр.67/2004), испитните програми за полагање на испитите во државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура ги донесува министерот, на предлог на Бирото за развој на образованието. Начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура, училишната матура и завршниот испит од ставот 1 на овој член се уредува со Концепцијата за матура и завршен испит во јавното средно образование и со посебен пропис што го донесува министерот. Концепцијата за матура и завршен испит во јавното средно образование, на предлог на Државниот матурски одбор, ја донесува министерот. Државниот матурски одбор кој се состои од 15 члена го формира министерот од редот на стручни и компетентни лица. Мандатот на Државниот матурски одбор е четири години.
Тргнувајќи од содржината на овој член од Законот очигледно е дека тој е упатувачка норма според која испитните програми за полагање на испитите во државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура ги донесува министерот на предлог на Бирото за развој на образованието, а начинот на полагањето и оценувањето на учениците се уредува со концепција за матура и завршен испит што ја донесува министерот на предлог на Државниот матурски одбор, како и со посебен пропис што го донесува министерот.
Оттука, Судот оцени дека со овој оспорен член од Законот како упатувачка норма не се доведува во прашање уставниот принцип за владеење на правото, поради што не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
11. По однос на оспорените правилници Судот оцени дека тие се донесени пред донесувањето на новите планови и програми, пред донесувањето на испитните програми и пред донесувањето на новата Концепција за матура и завршен испит во јавното средно образование.
Исто така, оспорените правилници се однесуваат само на училишна матура односно завршен испит, а Законот предвидува полагање на државна матура или училишна матура, односно државна матура или завршен испит. Тоа значи дека акт со кој ќе се уреди начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура воопшто не постои, иако согласно законот учениците можат да избираат дали ќе полагаат државна матура или училишна матура, односно државна матура или завршен испит.
Оттука Судот оцени дека оспорените правилници се донесени пред да влезат во сила новите планови и програми, дека се однесуваат на матурскиот испит на учениците од учебната 2004/2005 година кои ја следеле наставата според други планови и програми и дека нема одредби за полагање на државна матура со што на учениците им се ускратува законски даденото право на избор, поради што основано може да се постави прашањето за нивната согласност со Законот за средното образование.
Понатаму, според оспорените правилници, училишната матура во гимназиското образование се состои од три дела и тоа: писмена работа од јазикот и литературата на кој ученикот ја следел наставата, устен испит по еден задолжителен или изборен наставен предмет за кој ученикот се определил и индивидуална матурска работа.
Завршниот испит во средното стручно образование во траење од четири години се состои од три дела и тоа: писмена работа од јазикот и литературата на кој ученикот ја следел наставата, устен испит по еден наставен предмет од посебно стручните предмети односно од предметите карактеристични за образовниот профил и практична работа.
Завршниот испит во средното стручно образовние во траење од три години се состои од писмена работа од јазикот и литературата на кој ученикот ја следел наставата и практична работа.
Овие факти според мислењето на Судот се битни со оглед на тоа што според Правилникот кој престанал да важи со оспорените правилници, завршниот испит во стручното образование се состои од писмена работа по македонски јазик и литература, односно јазик на кој ученикот ја следел наставата и литературата и практична работа,а завршниот испит во гимназиското образование се состои од писмена работа по македонски јазик и литература, односно јазикот на кој ученикот ја следел наставата и литературата и усни испит и по два општообразовни или изборни предмети за кои ученикот се определил.
Од изнесеното произлегува дека со оспорените правилници за учениците во средното стручно образование во траење од четири години покрај другото се воведува и устен испит по еден наставен предмет, а за учениците во гимназиското образование покрај другото се воведува индивидуална матурска работа.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените правилници, како и фактот што тие се донесенеи во февруари 2005 година, така што учениците спротивно на нивните легитимни очекувања дознале за промените три месеци пред полагањето на матурските испити, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот во однос на правната сигурност како елемент на принципот на владеење на правото, како и во однос на уставната забрана за повратното дејство на законите и другите прописи.
12. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
13. Со оглед на тоа што со реализирање на оспорените акти можат да настанат тешко отстранливи последици, Судот одлучи како во точката 4 од ова решение.
14. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.31/2005
27 април 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова