194/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 23 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.85/2003).

2. Извршниот одбор на Собранието на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, претставувано од претседателот на истото, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со предвидувањето усогласувањето на пензиите да се врши со 40% наместо со 80% според индексот на движењето на трошоците на животот, се менувал досегашниот износ на индексација на усогласување што ќе влијаело на висината на пензијата, затоа што така се признавал само 50% од порастот на трошоците на живот, поради што требало да се очекува и намалување на износот на пензиите, а со тоа и намалување на постигнатото ниво на стандардот што било спротивно на членот 34 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 23 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување усогласувањето на старосната пензија се врши за половина од 80% од движењето на индексот на трошоците на животот и за 20% од движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Републиката.

4. Согласно член 34 од Уставот на Република Македонија граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Од содржината на оваа одредба, произлегува дека Уставот ги предвидува социјалната сигурност и социјалното осигурување како права со тоа што упатува истите да се утврдат со закон.

Врз основа на ова овластување е донесен Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000) беше пропишано усогласувањето на пензиите да се врши според комбинираниот систем и тоа: според индексот на движењето на трошоците на живот во висина од 80% и од движењето на просечно исплатените плати на сите вработени во Република Македонија во висина од 20%.

Со новиот Закон за измена и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.85/2003) е предвидено (член 23) дека усогласувањето на пензиите ќе се врши за половина од 80% од движењето на индексот на трошоците за живот и за 20% од движењето на просечно исплатените плати на сите вработени во Републиката.

Од изнесеното произлегува дека законодавецот користејќи го институтот “преодно решение”, а раководен од економските услови во Републиката и финансиската солвентност на Фондот за обезбедување на долгорочна и редовна исплата на пензиите, се одлучил за примена на комбинација на различни параметри при усогласувањето на пензиите.

На таков начин, законодавецот се определил да ја одржува вредноста на пензијата во рамките на можните средства и да обезбедува нејзино унапредување во одржлив и стабилен пензиски систем, што според него е единствено можно решение кое е компатибилно на пензискиот систем.

Според тоа, Судот оцени дека законодавецот е овластен да ги определува правата од пензиското и инвалидското осигурување и нивниот обем условувајќи го усогласувањето на пензиите со општествено економските услови во Републиката, поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со Уставот на Република Македонија.

Што се однесува до прашањето за повреда на стекнатите права на што се повикува подносителот на иницијативата, Судот оцени дека стекнатото право на корисниците на старосна пензија е правото на користењето на пензијата, а осцилациите во смисла на нејзино смалување и зголемување е всушност политика на државата во зависност од економските состојби во неа.

Според тоа, правото на социјалното осигурување, а во тие рамки и на пензиското осигурување е едно од основните уставни права на граѓаните, поради што овластувањето на државата со закон да го уреди ова право има за цел да се создадат правни услови за негово остварување.

Во таа смисла со Законот за пензиското и инвалидското осигурување е определено задолжително пензиско и инвалидско осигурување, а стекнувањето и остварувањето на правата од овој вид на осигурување се врши во зависност од должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиското и инвалидското осигурување под условите утврдени со закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.194/2004
27 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова