Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
– Одлуката за издвојување на Секторот за маркетинг на Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија, донесена од Собранието на Република Македонија, а објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.74/2004;
– Одлуката за издвојување на дел од Македонската радио -телевизија во кој не се врши основна дејност, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија на 22 јули 2004 година, а заведена под бр.02-4660/4 од 23 јули 2004 година и
– Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места, донесен од Управниот одбор на Јавното претпријатие Македонска радио -телевизија на 16 ноември 2004 година, а заведен под бр.01-20/6 од 17 ноември 2004 година.
2. Соња Јоксимовиќ-Кораќ и други од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека спротивно на членот 6 од Законот за основање на Јавното претпријатие Македонска-радио телевизија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/1998), на членот 3 став 1 точка а) од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, како и на членот 4-а став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/2002) со оспорените акти било извршено издвојување на секторот Маркетинг од Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија и негово организирање како посебно правно лице (ДООЕЛ), односно со Правилникот овој сектор бил укинат заедно со сите работни места во него.
Според подносителите на оваа иницијатива согласно наведените законски одредби издвојувањето на дел од ова јавно претпријатие во посебен правен субјект можело да се изврши само за делот што не ја врши основната дејност на јавното претпријатие, а тоа не било случај со ново основаното друштво чија дејност била иста како и на јавното претпријатие.
Освен со наведените законски одредби, оспорените акти биле во спротивност и со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот и затоа во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност и законитост, а потоа и да ги укине.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за издвојување на Секторот за маркетинг на Јавното претпријатие Македонска радио -телевизија Собранието на Република Макеоднија ја донело врз основа на член 4-а став 2 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1996, 6/2002 и 4/2003).
Според членот 1 од оваа одлука, од Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија се издвојува постојниот организационен дел утврден во членот 2 оддел Б – Заеднички функции на Македонска радио-телевизија точка 8 од Правилникот за организација и систематизација на работните места – Сектор за маркетинг и се организира како друштво со ограничена одговорност.
Според членот 2 од Одлуката, издвоениот дел – Сектор за маркетинг ќе се приватизира преку Агенцијата за приватизација, во согласност со одредбите на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
Според членот 3, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Во однос на второ оспорената одлука Судот утврди дека Управниот одбор на Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија на седницата одржана на 16 ноември 2004 година оваа одлука ја преформулирал како “Предлог за донесување одлука за издвојување на дел од Македонската радио-телевизија во кој не се врши основната дејност”, кој што предлог се доставува до основачот – Собранието на Република Македонија. На овој начин според Судот самиот доносител на второ оспорената одлука истата ја ставил вон сила така што таа повеќе и не постои.
4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а притоа имајќи ја предвид содржината, односно прашањата на кои се однесуваат оспорените акти, Судот утврди дека тие не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и поради тоа Уставниот суд не е надлежен за оценување на нивната согласност со Уставот и со законите во однос на кои се оспоруваат.
Имено, според Судот прво оспорената одлука иако е донесена од Собранието на Република Македонија не претставува пропис со оглед на тоа што не содржи никакви правни норми со кои на општ начин се регулираат определени прашања или односи за неопределен број субјекти, туку со неа Собранието на Република Македонија, во име на Републиката како основач на Јавното претпријатие Македонска радио телевизија, одлучило за идниот статус на одделен дел од ова јавно претпријатие, поради што оваа одлука има карактер на поединечен, односно конкретен, а не на општ акт.
Според Судот, исто така, ниту другите два оспорени акти, а од кои едниот како што е веќе наведено престанал да важи, односно повеќе не постои, не претставуваат прописи, туку се интерни акти, со кои се уредуваат внатрешни прашања во врска со организацијата и работата на Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија.
5. Оттука, со оглед на тоа тоа што оспорените акти не се прописи и Судот не е надлежен за оценување на нивната согласност со Уставот и со законите, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.24/2005
27 април 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова