224/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 17 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005).

2. Душан Андоновски од Стар Дојран, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со предвидувањето осигуреникот да стекне старосна пензија кога ќе наполни 64 години (маж), односно 62 години (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж, осигуреникот кој немал таков стаж бил ставен во нееднаква положба во однос на другите осигуреници. Ова од причина што средствата што се уплатувале во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, се уплатувале со цел кога работникот ќе наполнел одредена возраст да се стекне со право на пензија и биле сопственост на оној работник во чие име се уплатувани во Фондот. Од тие причини согласно членот 30 од Уставот на Република Македонија, сопственик на тој паричен износ бил работникот, а со нивното неисплаќање (доколку немал 15 години работен стаж) се повредувало правото на сопственост.

Исто така, со иницијативата се предлага Судот да го задолжи Собранието на Република Македонија со закон да го уреди ова прашање.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 17 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, осигуреникот кој не наполнил пензиски стаж од 20 години стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 65 години живот (маж), односно 63 години (жена) и најмалку 15 години стаж на осигурување.

Исто така, Судот утврди дека членот 17 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување бил предмет на оцена при што Судот не повел постапка за оценување на неговата уставност.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување.

Со оглед на тоа што членот 17 бил предмет на оцена, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Што се однесува до предлогот во иницијативата, Судот да го задолжи Собранието на Република Македонија да донесе закон кој ќе содржи одредби какви што подносителот на иницијативата смета дека треба да бидат содржани, Судот оцени дека предлогот излегува ндвор од неговите уставни надлежности, што е и дополнителен основ иницијативата согласно член 28 алинеја 3 да биде отфрлена.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.224/2004
27 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова