Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението бр.09-1187/1 за ставање во примена на востановениот катастар на недвижностите на катастарската општина Кисела Вода И – општина Кисела Вода, донесено од Реубличката геодетска управа на 18 март 1999 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/1999).
2. Општината Сопиште на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението означено во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата со оспореното решение бил повреден членот 30 од Законот за премер и катастар на земјиштето (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.34/1972 и 13/1978), на начин што Републичката геодетска управа сама ги утврдила границите меѓу општината Сопиште и општината Кисела Вода наместо, согласно наведената одредба, тоа да го направи со формирана заедничка комисија од двете општини. Поради ваквиот пропуст дел од КО Сопиште припаднал на КО Кисела Вода. Воедно се појаснува дека општината Сопиште била формирана согласно Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определувањето на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/1996 и 56/ 1996-исправка). Формирање на мешовита заедничка комисија било предвидено и во членот 27 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 27/1986 и 17/1991).
Како втора причина за оспорување на решението се наведува дека законо- давецот при донесувањето на Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004) ја утврдил границата меѓу двете општини врз основа на оспо- реното решение, па дел од општината Сопиште означен како КО Кисела Вода И и припаднал на општината Кисела Вода.
Со повикување на содржината на член 17 и 18 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) се наведува дека со донесување на оспореното решение дошло до промена и нарушување на природната и географска целина на општината Сопиште.
Од наводите содржани во иницијативата и дополнувањето на иницијативата, произлегува дека оспореното решение, посебно се оспорува поради: нарушување на основните права на граѓаните од аспект на избирачкото право, нарушување на правата на граѓаните од територијата на општината Сопиште од областа на комуналните дејности, одземање на дел од територијата на општината Сопиште и одземање на дел од вкупното население и избирачите, економско ослабување на општината и нарушу- вање на уставната положба и правата на општината утврдени со Уставот и закон.
3. Судот на седницата утврди дека Републичката геодетска зправа, врз основа на член 80 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, донела Решение за ставање во примена на востановениот катастар на недвижностите на катастарската општина Кисела Вода И – општина Кисела Вода. Во решението е определено дека катастарот на недвижностите ќе се применува од денот на објавувањето на решението во ” Службен весник на Република Македонија”. Понатаму е определено дека со денот на примената на катастарот на недвижностите престанува да се применува катастарот на земјиштето, востановен според Законот за премер и катастар на земјиштето.
Републичката геодетска управа е претходник на сегашниот Државен завод за геодетски работи.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Согласно член 3 став 2 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, катастарот преставува збир на податоци од премерот, бонирањето и катастарското класирање на земјиштето и на утврдените права на недвижностите.
Согласно член 80 од Законот, Државниот завод за геодетски работи донесува решение за примена на востановениот катастар на недвижностите, а реше- нието се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Тргнувајќи од содржината на оспореното Решение и содржината на цитира- ните законски норми, Судот утврди дека истото нема карактер на пропис подобен за уставносудска оцена. Ова од причина што со оспореното Решение тогашната Репуб- личката геодетска управа, исполнувајќи ја законската обрска од членот 80 од Законот обнародува, односно објавува дека обезбедениот збир на податоци за катастарската општина Кисела Вода И – општина Кисела Вода се става во примена. Објавувањето на прописите претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста.
Бидејќи целта на оспорениот акт е да се објави, да се декларира дека е спроведена постапката за премер, катастар и запишување на недвижностите на територијата на катастарската општина Кисела Вода – И, а не да уреди права и обврски за субјектите во правото, по оцена на Судот оспорениот акт нема карактер на пропис.
Од друга страна, оспореното решение ниту со еден негов елемент не упатува дека се однесува на утврдување на границите на општината Сопиште, ниту пак може да се утврди во каква постапка е донесено и дали во постапката што претходела на неговото донесување била почитувана законската процедура за утврдување на спорните меѓуопштински граници.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 27/2005
20 април 2005 год.
С к о п ј е
л.а/
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова