Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката ВИИ-1-в) од Правилникот за претплатнички однос, донесен од Управниот одбор на АД “Македонски телекомуникации” Скопје на 31 октомври 2005 година.
2. Богољуб Златаноски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката ВИИ-1-в) од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Правилникот не била во согласност со членовите 68 став 1 алинеја 3 и 55 од Уставот, како и со начелата на рамноправност, совесност, чесност и еднакви вредности на давањата утврдени во Законот за облигационите односи затоа што Македонски телекомуникации воведувала такса која може да се утврди само со закон од страна на Собранието на Република Македонија, што Македонски телекомуникации ја искористувала монополската положба и со еднострано менување на договорите ја нарушувала еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, како и затоа што Македонски телекомуникации наплатувала такса и кога без согласност на корисникот телефонот е исклучен и не дава никаква услуга.
3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на АД “Македонски телекомуникации” на 31 октомври 2000 година донел Правилник за претплатнички однос.
Во овој Правилник, покрај другото, во Главата ВИИ-1-в) е предвидено дека претплатата е месечен износ кој се наплатува од претплатникот како надоместок за ставање на телекомуникациската линија на располагање на претплатникот, без оглед дали тој ја користи или не.
Во натамошната постапка Судот утврди дека оспорениот Правилник престанал да важи со Одлуката за одобрување на воведување на општи услови за засновање претплатнички однос и користење на услуги на АД “Македонски телекомуникации” Скопје бр.30552/1 донесена од Менаџмент колегиумот на АД “Македонски телекомуникации” на 12 јуни 2003 година.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот што оспорениот акт престанал да важи, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.204/2004
20 април 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова