У.бр.52/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 и 14 април 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) Одлуката за утврдување на општински-градски установи од областа на културата во општина Тетово бр.07-60/4, донесена од Советот на општина Тетово на 29 јануари 2004 година, и

б) Заклучоците бр.07-60/3 донесени од Советот на општина Тетово на 29 јануари 2004 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Министерството за локална самоуправа со Решение У.бр.52/2004 од 9 февруари 2005 година поведе постапка за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Законот за културата и Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Тетово на 29 јануари 2004 година донел Одлука за утврдување на општински-градски установи од областа на културата во општина Тетово.

Во член 1 од наведената одлука е предвидено дека “со оваа одлука се утврдува на кои организации со општествен капитал што се регистрирани за вршење на дејност од посебен општествен интерес во областа на културата, во периодот пред донесувањето на Амандманите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1990 година, основани согласно законот од општествено политика заедница, самоуправна интересна заедница на културата или општествено политичка организација, Советот на општина Тетово им ги презел основачките права и ги утврдува како културни установи од локален интерес”.

Во член 2 став 1 точка 1, 2 и 3 од Одлуката е предвидено дека се презема основачкото право на предложените установи и се утврдуваат како општински градски установи за култура: 1. Домот на култура “И. А. Смок” – Тетово, 2. Матична библиотека “Кочо Рацин” – Тетово и 3. Музеј на тетовскиот крај.

Во натамошниот текст се наброени и други установи од локален интерес како што се: Градски хамам Тетово; Тетовското Кале; Пионерски дом Тетово; Работнички универзитет Тетово; Градски кина; Стариот објект на Одделението за премер и катастар Тетово; Комплексот Арабати Баба Теќе; Воспитно поправниот дом Тетово и Градскиот историски архив.

5. Во натамошната постапка Судот утврди дека Советот на општина Тетово на 29 јануари 2004 година донел Заклучоци со кои според точка 1 се оспорува Одлуката на Владата на Република Македонија бр. 22-5574/1 од 22 декември 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2000) за утврдување на мрежата на националните установи од областа на културата и се бара од Владата на Република Македонија уште еднаш да ја разгледа и да ја измени споменатата одлука со која се утврдува мрежата на националните установи од областа на културата во Република Македонија.

Во точката 2 од Заклучоците се наведува дека Советот на општина Тетово како општински градски установи од локален карактер во културата ги утврдува следните установи: Домот на културата “И. А. Смок” – Тетово, Градска библиотека “Кочо Рацин” Тетово и Музејот на тетовскиот крај.

Во точката 3, пак, од Заклучоците се наведува дека за реализација на овој заклучок градоначалникот на Советот на општината неопходно да презема поконкретни и поефикасни актив-ности за враќање и функционирање на овие културни установи под надлежност на општина Тетово.

Судот, исто така, утврди дека врз основа на член 95 од Законот за културата (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998 и 49/2003) Владата на Република Македонија на седницата одржана на 22 декември 2003 година донела Одлука за утврдување на мрежата на националните установи од областа на културата.

Во член 1 од наведената одлука е предвидено дека со оваа одлука се утврдува на кои организации со општествен капитал што се регистрирани за вршење дејност од посебен општествен интерес во областа на културата, во периодот пред донесувањето на амандманите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1990 година, основани согласно закон од страна на општествено политичка заедница, самоуправна интересна заедница на културата или општествено политичка организација, Владата на Република Македонија им ги презема основачките права и ги утврдува како национални установи.

Понатаму, во членот 2 од Одлуката е утврдено кои установи во секој град поименично се утврдуваат како национални установи.

Во градот Тетово како национални установи се утврдени:

“Домот на културата “Иљо Антевски Смок” – Тетово, Матичната библиотека “Кочо Рацин”, продолжува со работа како Национална установа – Библиотека “Кочо Рацин” – Тетово и Музеј на тетовскиот крај продолжува со работа како Национална установа “Музеј на тетовскиот крај” – Тетово.

6. Со Законот за културата се утврдуваат основите на културата како темелна вредност на Република Македонија, облиците на остварување на културата, начинот и условите на нејзиното финансирање, како и други прашања од интерес за културата (член 1 став 1).

Според член 2 став 2 од наведениот закон, Републиката го гарантира остварувањето на културата преку утврдување на националниот интерес на Републиката во културата и обезбедување услови за негово остварување.

Националниот интерес во културата во смисла на овој закон, е културата што е од јавен интерес за сите граѓани на Републиката и е неопходно нејзино континуирано вршење, како и достапност на сите граѓаните под еднакви услови (член 8 став 1).

Националниот интерес во културата го остваруваат националните установи и други субјекти согласно со овој закон (член 8 став 3). Локален интерес во културата, во смисла на овој закон, е културата што е јавен интерес од локално значење за граѓаните во единиците на локалната самоуправа (член 7 став 1).

Од наведените законски одредби произлегува дека Републиката го гарантира остварувањето на културата како темелна вредност на Република Македонија, го гарантира нејзиното остварување преку утврдување на националниот интерес на Републиката, како и обезбедувањето на услови за нејзино остварување преку утврдување на национални установи.

Во насока на остварување на националниот интерес кој е заеднички интерес на граѓаните на Републиката, како и остварување на локалниот интерес кој е од интерес за граѓаните на единицата на локалната самоуправа, законодавецот во преодниот период до завршување на постапката за трансформација на општествениот капитал во организациите од областа на културата го уредил прашањето за тоа кој е надлежен и кој ги презема основачките права на установите од овие области во зависност од тоа дали тие се од национален или локален интерес.

Согласно членот 94 од Законот за култура, организациите со општествен капитал што се регистрирани за вршење дејност од посебен општествен интерес во областа на културата, во периодот пред донесувањето на амандманите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1990 година, основани согласно закон основани од страна на општествено-политичка заедница, самоуправна интересна заедница на културата или општествено-политичка организација продолжуваат да работат како национални установи до утврдување на нивниот статус, согласно овој закон, односно до завршувањето на постапката за трансформација согласно прописите за трансформација на општествениот капитал.

Според член 95 од Законот Владата на Република Македонија со одлука определува на кои организации од членот 94 на овој закон, им ги презема основачките права и ги утврдува како национални установи.

Согласно член 96 став 1 од Законот за културата, советот на единицата за локална самоуправа може со своја одлука, доколку на територијата на општината има и други културни установи кои не се опфатени со одлука на Владата на Република Македонија, за тие установи да ги преземе основачките права и да ги утврди како општински-градски установи.

Од наведените законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија е овластена да определи кои организации што се регистрирани за вршење на дејност од посебен општествен интерес во областа на културата продолжуваат да работат како национални установи до утврдување на нивниот статус и да ги презема основачките права до завршување на постапката за трансформација на општествениот капитал.

Доколку на територијата на единицата на локалната самоуправа има и други установи од областа на културата кои Владата не ги прогласила како установи од национален интерес, советот на единицата на локалната самоуправа е овластен да ги утврди како општински – градски установи и да ги презема основачките права.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, како и од содржината на оспорените акти со кои Советот на единицата на локалната самоуправа одредени установи од областа на културата кои со одлука на Владата се прогласени како установи од национален интерес ги прогласил како установи од локален интерес, Судот оцени дека оспорените акти не се во согласност со одредбите од Законот за културата.

7. Воедно, Судот во натамошната постапка изврши увид во записникот од вонредната седница на Советот на општина Тетово одржана на 29 јануари 2004 година, при што утврди дека оспорените акти не се усвоени со мнозинство гласови согласно член 41 точка 3 од Законот за локална самоуправа.

Имено на седницата на Советот од вкупно 23 членови на советот присутни биле 16 советници, при што оспорената одлука била усвоена со 12 гласови “за”, 1 “воздржан” и 3 “против”, а оспорените заклучоци биле усвоени со 12 гласови “за” и 4 гласови “против”.

Според член 41 точка 3 од Законот за локалната самоуправа прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.

Имајќи ја предвид наведената законска одредба, како и утврдената фактичка состојба од која произлегува дека оспорените акти со кои се уредуваат прашања од областа на културата не се усвоени со мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, Судот оцени дека тие не се во согласност и со наведената законска одредба.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.52/2004
13 и 14 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова