28/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 и 14 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на

а) членовите 232 став 1 точка 3, 247 став 1 и 2, 261 став 2 и 262 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија”бр.14/1998, 38/2002 и 38/2004).

б) член 6 став 1 и 2 од Правилникот за програмата, организацијата, начинот на полагање на возачкиот испит, проверката на оспособеноста на кандидатите за возачи, посебните критериуми во поглед на стручната подготовка што треба да ги исполнуваат претседателот и членовите на испитната комисија како и просториите и опремата во кои се спроведува испитот и водењето на евиденции во врска со возачкиот испит (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2002).

2. Авто школа “Омега” – Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во членот 232 став 1 точка 3 од оспорениот закон не било содржано решение како треба да се постапи со кандидатите кои веќе биле запишани пред да влезе во сила новиот закон, односно не било регулирано дали тие ќе продолжат да го полагаат возачкиот испит, или немаат такво право, или пак ќе требало да се почека тие да го завршат основното образование, како што предвидува оспорениот дел од законската одредба.

Во врска со членот 247 од истиот закон, подносителот во иницијативата наведува дека во ставот 1 децидно се наведени условите кои треба да ги исполнуваат возилата за оспособување на кандидати, но со ставот 2 од истиот член на авто школите им било ускратено правото да позајмуваат возила.

Според подносителот на иницијативата членот 261 од Законот бил во спротивност со Уставот, бидејќи законодавецот не го одредил статусот на затекнатите членови на испитните комисии за спроведување на возачки испити, кои биле во редовен работен однос во авто школите. Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оваа одредба се “фаворизирале” испитните комисии образувани од Министерството за внатрешни работи и со што се нарушувало начелото за еднаквост и рамноправност.

Со предвидување и покрај писмено и на усно полагање на возачкиот испит во членот 262 од Законот, според подносителот на иницијативата истиот бил противуставен, без децидно да се наведе во што се состои неговата неуставност.

Според подносителот на иницијативата, со членот 6 од Правилникот се нарушувал уставниот принцип на еднаквост на граѓаните бидејќи во истиот било наведено дека претседателот и членовите на испитната комисија на установите за средно или високо образование и на авто школите се од редот на лицата кои се во постојан работен однос кај основачот, а во комисија која ја образувал министерот за внатрешни работи, членови можат да бидат и лица кои не се во редовен работен однос во тоа министерство. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека на Министерството за внатрешни работи не може да му се даде право да образува испитна комисија доколку не е основач на авто школа.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се спорат одредени членови од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и од Правилникот без да се наведе со кои членови од Уставот истите не се во согласност, или пак се бара нивно дополнување и изменување.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

Со Законот за безбедност на сообраќајот на патишата се уредуваат правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, должностите во случај на сообраќајна незгода, условите за стекнување право на управување со возила, оспособување на кандидатите за возачи и полагање испит за возачи, уредите и опремата што мораат да ги имаат возилата, димензиите, вкупната маса и основното оптоварување на возилата, условите кои мора да ги исполнуваат возилата во сообраќајот, посебните мерки за безбедност, како и организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Членот 232 е содржан во Главата ВИ точката 2 од Законот со кој се регулираат условите за стекнување право на управување со моторно возило. Со иницијативата се оспорува членот 232 став 1 точка 3 која гласи: “да има завршено најмалку основно образование”. Но, од наводите содржани во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата не го оспорува овој дел од одредбата, и не наведува негова несогласност со Уставот, туку смета дека одредбата не содржи решение како ќе се постапува со кандидатите кои веќе биле пријавени за полагање пред да стапи во сила овој закон. Имено, иницијаторот бара да се одреди статусот на кандидатите, односно наведува што треба да содржи наведената одредба.

Во оспорениот член 247 став 1 од Законот, кој е содржан во точката 3 со наслов “Оспособување на возачи” децидно се наведени условите што треба да ги има возилото со кое се врши практична обука на кандидатите за возачи. Подносителот на иницијативата не ја оспорува оваа законска одредба во однос на ниту една одредба од Уставот, туку бара истата да содржи и можност авто школата да располага и со позајмени возила.

Согласно член 261 став 1 од Законот, испитната комисија е составена од претседател и испитувачи.

Во оспорениот член 261 став 2 е предвидено дека претседател и испитувач може да биде лице кое има високо образование и ако врз основа на дозвола за инструктор непрекинато оспособувало или испитувало кандидати за возачи најмалку три години. Според подносителот на иницијативата оспорената одредба требало да содржи и решение по однос на статусот на затекнатите членови од испитната комисија, а за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Наведувајќи во иницијативата дека со воведување и на усмен дел во возачкиот испит членот 262 не е во согласност со уставот, без притоа да наведе со која одредба од Уставот се доведува под сомнение неговата согласност, произлегува дека подносителот на иницијативата всушност смета дека законската одредба не содржи решение какво што тој сака да има.

Со иницијативата подносителот го оспорува членот 6 став 1 и 2 од Правилникот, без да ги посочи одредбите од Уставот и при тоа не оспорувајќи ја содржината на оспорената одредба, смета дека на Министерството за внатрешни работи не може да му се даде право да образува испитна комисија доколку не е основач на авто школа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата ја отфрли.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.28/2005
13 и 14 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова