У.бр.53/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 и 14 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Борис Младеновски и Тодор Жабев, двајцата од Велес за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Борис Младеновски и Тодор Жабев, двајцата од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата што со дејствија на Основниот суд во Велес, а според дополнувањето на барањето од Борис Младеновски и со дејствија на Апелациониот суд во Скопје преземени во повеќе постапки што се воделе пред судовите.

Имено, според наводите содржани во барањето на двајцата подносители, како и во дополнувањето на барањето поднесено од Борис Младеновски, како дејствија со кои им биле повредени слободите и правата се наведуваат дејствијата на Основниот суд во Велес, како и дејствија на Апелациониот суд во Скопје преземени во постапка по изјавена жалба – Ксж.бр.91/2005. Имено, со преземените дејствија од страна на судиите подносителите на барањето биле ставени во категорија на граѓани од “втор ред” и со тоа им било повредено правото на социјална припадност.

Според подносителите со таквото постапување на судовите им било повредено и правото на судска заштита, а со тоа и правата од работен однос кои права не можат да ги остварат заради незавршувањето на одредена судска постапка. Имено, истите повеле поголем број на постапки пред Основниот суд во Велес, различни по вид и кои се уште немале судска завршница.

Во барањето исто така се наведува дека Основниот суд во Велес во одредени постапки различно ја применувал позитивната законска регулатива, во зависност од својството во кое во одредена постапка се јавувале сега подносителите на барањето.

Заради наведените дејствија, подносителите биле доведени во нерамноправна положба во однос на службените лица во судските постапки кое било спротивно на членовите 9, 25, 30 и 32 од Уставот.

Поради наведеното подносителите на барањето бараат од Уставниот суд да донесе одлука со која ќе ги поништи дејствијата на Кривичниот совет на Основниот суд во Велес преземени со Решение КС.бр.25/2004 и Кс.бр.61/2004 и да го задолжи истиот да донесе законити одлуки во врска со обвинителниот акт К.бр.335/2003 – со посебните барања и со обвинителниот акт К.бр.153/2003, во согласност со одредбите на Законот за кривичната постапка.

3. Судот, од приложените докази на седницата утврди дека Борис Младеновски и Тодор Жабев биле стечајни доверители во постапката што се води против стечајниот должник “Графичар” – АД Велес. Во врска со оваа постапка, подносителите на барањето иницирале голем број на други судски постапки кои се од различни области – кривична и граѓанска кои во поголем дел се уште немале судска завршница, а со исходот од некои од нив подносителите не биле задоволни.

Подносителите доставија документација во врска со постапките поведени пред Основниот суд во Велес, но во конкретниов случај истата не е од влијание за утврдување на потребната фактичка состојба од страна на Уставниот суд.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавање за преземање дејстие со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51 е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Тргнувајќи од корпусот на слободите и правата што ги штити Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на утврдената надлежност во членот 110 алинеја 3 од Уставот, произлегува дека Судот во постапката за заштита на слободите и правата не е надлежен да штити право на судска заштита, ниту право од работен однос. Од друга страна, пак, подносителите на барањето ниту во еден момент не наведуваат дека овие права им биле повредени по основ на дискриминација заради нивната полова, расна, верска, национална, социјална и политичка припадност. Впрочем, такво нешто не произлегува ниту од приложената документација.

Според тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај барањето на подносителите во суштина не се однесува на заштита од дискриминација по основ на нивната социјална и политичка припадност, туку за испитување на законитоста на работата и актите (решенија и други одлуки) на судовите кои што постапувале по нивните барања, односно предлози во процесната и во кривичната постапка, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

5. Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.53/2005
13 и 14 април 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова