Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 и 14 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 8, 17 и 31 став 1 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998, 31/2000 и 42/2003).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 31 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 12 и 13 од Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација, донесен од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000).
4. Петре Стоилев од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 9, 21 и 37 од пречистениот текст на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000), а во суштина се работи за членовите 8, 17 и 31 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998, 31/2000 и 42/2003).
Според наводите во иницијативата со член 8 од Законот враќањето и надоместокот за одземен имот се вршело без право на надомест на обична штета и надомест на испуштена корист со што била исклучена одговорноста на Република Македонија за надомест на обична штета и надомест на испуштена корист причинета врз основа на прописите со кои се вршело одземање и ограничување на сопственоста заради остварување на општокорисни цели.
Меѓутоа и покрај тоа што со одредбата од член 8, Законот го исклучувал правото на надомест на обична штета и надомест на испуштена корист, од анализата на членовите 16, 17 и 31, произлегувало дека законодавецот фактички нецелосно ги применил правилата за деликтна – вондоговорна одговорност на државата со воспоставување на поранешна состојба и надомест во пари предивдени во одредбата од член 174 од Законот за облигационите односи. Оттука, според подносителот на иницијативата одредбата од член 8 од Законот била спротивна на одредбата од член 30 став 3 од Уставот.
Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека законодавецот при регулирање на денационализацијата морало да ги има предвид и остнатите институти на македонското граѓанско право, односно одредбите од членовите 16 и 203 од Законот за облигационите односи и член 158 од Законот за сопственост и други стварни права.
Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од членовите 17 и 31 од Законот, барателите на денационализација се ставале во нерамноправна положба со што се повредувало уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 став 2 од Уставот. Ова оттаму што според член 16 од овој закон, недвижноста се враќала во сопственост во состојба во која се наоѓала на денот на влегувањето во сила на овој закон, а со оспорената одредба доколку вредноста на недвижниот имот по одземањето била зголемена, барателот се условувал да ја плати разликата за зголемената вредност. Од друга страна, пак, според член 31 надоместот се определувал според состојбата на имотот во моментот на одземањето.
Имајќи предвид дека Законот за денационализација, ниту кој било друг закон не содржел одредби кои предвидувале обврска за плаќање на разликата за зголемената вредност на недвижноста на оние граѓани поранешни сопственици на недвижноста, на кои не им била одземена недвижност, подносителот смета дека одредбата од член 17 била во спротивност со член 30 од Уставот.
Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека ако се имала предвид целта на Законот за денационализација, а тоа било враќање на одземениот имот, се поставувало прашањето зошто сопствениците на одземената недвижност се условувале да ја платат разликата за зголемената вредност на недвижноста.
Подносителот на иницијативата, поаѓајќи од одредбата од член 31 од Законот, смета дека законодавецот нецелосно ги регулирал условите, начинот и постапката за утврдување на вредноста на недвижниот имот кој е предмет на денационализација при враќање на имотот и при давање на надомест за одземен имот во корист на државата, поради што на Владата и дал поголеми овластувања отколку што и припаѓало согласно член 91 алинеја 5 од Уставот. Тој смета дека законодавецот морал да ги постави општите рамки за утврдување на вредноста на недвижниот имот кој е предмет на денационализација во согласност со уставното начело утврдено во член 30 од Уставот. Воедно, законодавецот требало да пропише дека гарантира праведен надомест кој не можел да биде понизок од пазарната вредност.
Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека со оспорените членовите 17 и 31 од Законот не биле целосно определени условите, начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација, поради што Владата на Република Македонија, со Уредбата бр.23-2590/1 од 23 мај 2000 година, ги пречекорила овластувањата и ги утврдила условите и начинот на утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација што произлегувало од содржината на членовите 2, 4, 13 и 14 од наведената Уредба.
Имено, со одредбите од членовите 2 и 4 од Уредбата, вредноста на одземените станбени згради и станови и деловни простории кои постојат и кои не постојат од една страна се проценувала според градежната вредност на истиот имот на денот на одземање зголемена за локациската погодност, според одредбата од член 12 при проценување на земјоделско земјиште и друго земјиште вредноста се намалувала за зголемента вредност поради изградени одредени објекти, а со одбредбата од член 13 било предвидено дека ако шумата постои и има прираст, вредноста на прирастот се одбива од проценетата вредност.
Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со одредбите од член 8, 17 и 31 од Законот за денационализација и членовите 12 и 13 од Уредбата на Владата, се повредувале начелата на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право.
5. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8 од Законот за денационализација враќањето и надоместокот за одземен имот се врши без право на надомест на обична штета и надомест за испуштена корист.
Според член 8 став 1 алинеја 3, 4, 6, 7 и 11 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според став 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Според став 4 од овој член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Со донесување на Уставот на Република Македонија и неговата операционализација со законите со кои започна да се остварува процесот на трансформација (приватизација) на општествената сопственост, а особено со Законот за денационализација на поранешнаите сопственици и нивните наследници им е признато правото на враќање во сопственост на одземениот имот.
Имено, одземањето на недвижностите од дотогашните сопственици по сила на законот имаше за последица губење на правото на сопственост.
Преминувањето на сопственоста на одземената недвижност врз државата беше целосно и безусловно, така што поранешните сопственици ги изгубија сите права врз одземената недвижност и државата со нив располагаше неограничено. Поради што со актот на одземањето од страна на државата правото на сопственост на овие лица врз недвижноста престанала да постои.
Со Законот за денационализација во суштина се врши трансформација на имотот на државата која го стекнала според присилните прописи и тој имот се враќа на поранешните сопственици.
Меѓутоа, враќањето на одземениот имот на поранешните сопственици не треба да се сфати дека на тој начин се воспоставува континуитет на правото на сопственост од моментот на одземањето па се до враќањето на имотот.
Имено, со денационализацијата се воспоставуваат нови сопственички односи кои треба да бидат евидентирани, односно да се изврши промена на сопственоста врз вратениот имот и тоа преминува од општествена односно државна сопственост во сопственост на поранешниот сопственик.
Основен услов за да може да се врати во сопственост бараниот имот е да се утврди дека тој е сопственост на државата и дека не постојат други пречки утврдени со закон што би го попречиле неговото враќање.
Имајќи го предвид наведеното Судот смета дека оспорената одредба (член 8) според која враќањето на одземениот имот се врши без право на надоместок на обична штета и надоместок за испуштена корист не може да се доведе во корелација со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Ова пред се поаѓајќи од фактот што од моментот на одземање на имотот од поранешните сопственици до денот кога тој имот ќе им се врати или ќе им се плати надоместок на тој имот, сопственик била државата и сосема е исправно и логично државата да ја исклучи можноста поранешниот сопственик да бара надомест за обична штета и надомест за испуштена корист, затоа што тој за целиот период од околу 50 години не бил сопственик и не може да бара надомест за нешто што не било негова сопственост.
Притоа, треба да се има предвид дека во случај на денационализација не станува збор за одземање или ограничување на сопственоста, туку напротив за враќање односно надомест на имот кој бил одземен од државата, поради што доаѓа и до исклучување на институтите кои се применуваат во случај на ограничување на правото на сопственост. Таквите промени во сопственосната структура се резултат на историските промени на политичкиот и економскиот систем на Република Македонија.
Со оглед на наведеното според мислењето на Судот не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 8 од Законот со темелните вредности на уставниот поредок и со одредбата на член 30 од Уставот.
Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба од член 8 од Законот, не водела сметка за другите институти во македонското граѓанско право содржани во Законот за облигационите односи и Законот за сопственост и други стварни права, како и за сугестиите за можни подобри решенија од постојните според Судот се неосновани и се надвор од надлежноста на Уставниот суд.
6. Понатаму, Судот утврди дека според член 17 став 1 од Законот, за недвижност чија вредност по одземањето е зголемена на барателот му се понудува по следниот приоритет:
1) враќање во сопственост на недвижноста доколку барателот ја плати разликата за зголемената вредност на недвижноста;
2) воспоставување сопственички дел до висината на првобитната вредност на недвижноста и
3) давање надомест.
Според ставот 2 на овој член, разликата во вредноста на недвижноста од став 1 точка 1) на овој член, барателот е должен да ја плати во рок од една година од правосилноста на решението за денационализација.
Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање на надомест за имот одземен во корист на државата.
Како што веќе е наведено денационализацијата претставува мерка на државата односно добра волја на државата изрезена преку законски акт со кој се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќа сопственоста во првобитна состојба, а доколку тоа не е можно државата обезбедува надоместок. Во таа смисла, во Законот е содржано општото правило дека недвижноста се враќа во сопственост во целост или во дел во состојба во која се наоѓа на денот на влегување во сила на овој закон. Притоа, во оспорениот член 17 и во членот 18 од Законот, е направен исклучок од правилото во случај кога вредноста на надвижноста по одземањето е зголемена или е намалена.
Во првиот случај (член 17) кој е и оспорен, за недвижноста чија вредност по одземањето е зголемена на барателот по принцип на приоритет му се понудува: враќање во сопственост доколку ја плати разликата за зголемената вредност; воспоставувањето на сопственички дел во висината на првобитната вредност, и давање надоместок.
Имајќи ги предвид одредбите од член 9 и 30 од Уставот, целината на Законот за денационализација, како и содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека и со оваа одредба се потврдува фактот дека државата го враќа имотот, односно недвижноста во онаа состојба во која се наоѓал во моментот на одземањето.
Оттука, Судот оцени дека не се основани наводите на подносителот на иницијативата дека поранешниот сопственик треба да плати за својот имот. Ова пред се имајќи предвид дека зголемувањето на вредноста на недвижноста настапила по одземање на имотот кога поранешниот сопственик го изгубил правото на сопственост. Во таа смисла, со поинаквото толкување на оваа одредба би се овозможило поранешните сопственици да се стекнат со имот чија вредност е зголемена иако тие во моментот на зголемувањето на вредноста не биле сопственици, туку сопственик била државата и врз основа на тоа неосновано да се збогатат.
Според тоа Судот одлучи дека со оспорнеата одредба не се нарушува начелото на еднаквост ниту оваа одредба би можела да се гледа во корелација со член 30 од Уставот.
7. Судот понатаму утврди дека во оспорениот член 31 став 1 од Законот, е утврдено правото на надоместот на поранешените сопственици за имотот кој не се враќа, како и кога имотот не се враќа затоа што тој престанал да постои.
Според ставот 2 на член 31 од Законот, надоместокот се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно со Уредбата за процена на вредноста и утврдување на надомест за денационализираниот имот што ја донесува Владата на Република Македонија.
Во членовите 9 и 10 од наведениот закон се утврдени случаите кога не се враќа во сопственост имотот и ако тој постои. Имено тоа се случаи кога сопственоста не се враќа поради постоење на јавен интерес како и во случаи кога имотот на кој до денот на влегување во сила на законот право на сопственост стекнало физичко или правно лице со правно дело или одлука на надлежен орган, како и во случај кога се работи за национализиран сточен фонд.
Од наведените одредби произлегува дека законодавецот ги регулирал ситуациите кога предмет на денационализација е имот кој не се враќа поради тоа што престанал да постои и во тој случај на поранешниот сопственик му следува право на надомест кој се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето. Притоа Уредбата на Владата е правен инструмент со кој се утврдува методологијата на кој начин ќе се изврши проценка на вредноста на имотот во моментот на одземањето.
Тоа значи дека при утврдување на висината на надоместот кој се дава како компензација за одземениот имот што не може да се врати не е пазарната вредност на имотот (што според подносителот на иницијативата би требало да биде), туку вредност утврдена според состојбата во која се наоѓал предметниот имот во моментот на одземањето.
Ова, пред се, имајќи предвид дека кај денационализацијата (кој е обратен процес од експропријација) државата не одзема или ограничува право на сопственост, туку државата во суштина сака на соодветен начин и до одреден степен да ги обештети поранешните сопственици, што не е случај и кај експропријацијата, каде нужно се наметнува обврска на државата согласно Уставот на сопственикот да му се определи правичен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност на предметот на експропријацијата.
Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба од член 31 став 1 не би можела да се доведе во корелација со член 30 од Уставот.
8. Во однос на оспорената одредба од член 31 став 2 од Законот за денационализација, Судот утврди дека истиот бил предмет на уставносудска оценка при што Судот со Решение У.бр.165/2003 од 9 септември 2004 година не повел постапка за оценување на неговата уставност. Притоа, Судот оценил дека определувањето на надомест за имот кој не може физички да се врати, според неговата вредност во времето на одземањето дури и кога тој не соодветствува на претпоставената пазарна вредност на тој имот не може да се смета за арбитретно и произволно туку е израз на волјата на законодавецот да ги обештети поранешните сопственици дури и кога имотот престанал да постои. Оттаму, овластувањето на Владата на Република Македонија со Уредба да изврши процена и да го утврди надоместокот за денационализација е во функција на извршување на законот и произлегува од член 91 алинеја 5 од Уставот.
Со оглед на тоа што оспорената одредба била предмет на оцена пред Уставниот суд, а по повод на предметната иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
9. Според член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Судот утврди дека со Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација се пропишуваат мерилата, критериумите и начинот на утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација (член 1).
Понатаму, во наредните одредби од Уредбата се утврдуваат мерилата и критериумите, како и методот врз основа на кој се врши проценка на одделните видови на имот и тоа на станбени згради и станови, деловни згради и деловни простории, стопански објекти и капацитети, движен и недвижен имот од културата, уметничко историско значење, движен имот, земјоделско земјиште, шуми, шумско земјиште, пасишта и утрини и на градежното земјиште.
Утврдување на вредноста на земјоделското земјиште, шуми, шумско земјиште, пасишта и утрини се проценува во висина на даночната основа за данок на промет на недвижности и права утврдени од надлежниот орган за јавни приходи за соодветно подрачје спрема културата, класта и површината.
Во оспорените членови 12 и 13 од Уредбата е утврдено дека при процена на ваков вид на имот вредноста се намалува за зголемената вредност поради изградба на сообраќајници, туристички објекти, вештачки езера, хидромелиоративни системи и други објекти, а во однос на процена на вредноста на шумата која постои вредноста на прирастот се одбива од проценетата вредност.
Со Законот за денационализација се утврдени условите и постапакта под кои одземениот или друг имот што е предмет на денационализација се враќа во сопственост или не се враќа, односно се дава надомест. Во член 10 од Законот е утврдено дека начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот во државна сопственост со пропис го определува Владата, како и дека согласно член 31 став 2 од Законот надомест што се дава за имот кој не се враќа како и кога имот што се враќа, затоа што престанал да постои се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето согласно Уредбата за процена на вредноста на имотот.
Имајќи го предвид наведеното, според мислењето на Судот, утврдениот начин на пресметување на вредноста на имотот кога се работи за земјоделско земјиште, шуми и шумско земјиште е во духот и интенцијата на законодавецот, вредноста на имотот да се проценува според состојбата и вредноста на тој имот во моментот на неговото одземање од страна на државата. Оттука, Судот оцени дека сосема е оправдано при утврдување на вредноста на овој имот од проценетата вредност да се одбие вредноста што е резултат на вложување на општествената заедница и природните законитости на кои погодности немал влијание поранешниот сопственик, односно нема вложувања од негова страна, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 30 од Уставот.
Според мислењето на Судот, повикувањето на подносителот на иницијативата дека со оспорената одредба поранешниите сопственици на овој вид на имот се доведувале во нееднаква положба во однос на поранешните сопственици на станбени згради и станови и деловни згради и деловни простории е неосновано. Ова, пред се, оттаму што тие не се наоѓаат во еднаква правна положба, односно се работи за различен вид на имот за кој се врши проценка и се утврдува надоместок.
Со оглед на наведеното, а тргнувајќи од фактот што Уредбата е донесена врз основа на овластување од член 10 од Законот за денационализација, што е во согласност со уставната положба и надлежност на Владата на Република Македонија, како и од тоа дека со Уредбата не се уредува прашањето на надоместокот на денационализираниот имот, туку само начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста со оспорените одредбии со Уставот и со Законот за денационализација.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.219/2004
13 и 14 април 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова