10/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 и 14 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 11, 13 став 2, 16 и 19 од Правилникот за утврдување на критериумите, мерилата и постапката за доделување на користење службени станови на воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.76/2004, 87/2004 и 19/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 11, 13 став 2, 16 и 19 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 11 од Правилникот не бил во согласност со начелото на владеење на правото, со член 51 и со начелото на еднаквост на граѓаните утврдено во Уставот, затоа што структурата на службениот стан што му се доделува на користење на лицето се определувала само според чинот на воениот старешина, односно видот на образованието, а не и врз основа на други дополнителни критериуми.

Со оспорениот член 13 став 2 од Правилникот се повредувале наведените уставни одредби како и одредби од член 136 став 3, а во врска со член 2 и 3 од Законот за општата управна постапка, затоа што со предвидената обврска заинтесираното лице да достави потврда од кога е во служба во Армијата, наместо тој доказ да се прибави по службена должност заинтересираното лице се малтретирало и шиканирало.

Понатаму подносителот на иницијативата наведува дека и член 16 од Правилникот не бил во согласност со наведените уставни одредби, со член 183 став 5 од Законот за служба во Армијата и со членовите 55 став 1, 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, затоа што со подзаконски прописи не можело да се пропишува приговор како правно средство по кој одлучува комисијата која составува предлог листа на редот на првенство за доделување на користење на службен стан.

Воедно, подносителот смета дека и со оспорениот член 19 од Правилникот се повредувале означените уставни и законски одредби со оглед на тоа што министерот за одбрана без спроведување постапка доделувал стан на користење на командантите на гарнизоните и на воените старешини со генералски чин.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на член 183 став 5 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија во кој се утврдени основни и дополнителни критериуми врз основа на кои се определува редоследот на доделување на користење на службен стан.

Во оспорениот член 11 од Правилникот е утврдена структурата односно големината на станот што може да го добие на користење воениот старешина според чинот односно видот на образованието и должноста што ја извршува цивилното лице.

Во оспорениот член 13 став 2 од Правилникот се предвидени потребните документи што треба да ги достави заинтересираното лице, а кои се однесуваат на тоа од кога е лицето на служба во Армијата, станбениот статус, семејниот статус, материјалната положба и друго.

Понатаму, во Правилникот е утврдено дека по барањата за доделување на станови на користење одлучува Комисијата за доделување на користење на службени станови која изготвува предлог листа.

Според оспорениот член 16 кандидатот поднесува приговор до комисиајта во рок од 15 дена од денот на објавувањето на предлог листата, која одлучува по приговорот во рок од 15 дена.

По разгледување на приговорите комисијата утврдува листа на редот на превенство за доделување на станови која се објавува на огласна табла во Министерството за одбрана и во командите на единиците на Армијата во гарнизоните во кои се доделуваат службените станови.

Во оспорениот член 19, пак, од Правилникот е предвидено дека решение за доделување на користење на службен стан на командантите на гарнизоните и на воените старешини со генералски чин, донесува министерот за одбрана без спроведување постапка.

Во натамошната постапка Судот утврди дека со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за утврдување на критериумите, мерилата и постапката за доделување на користење службени станови на воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2005) се извршени измени и дополнувања на оспорените членови. Единствено непроменет е оспорениот член 19 од Правилникот.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Според член 32 став 5 од Уставот, правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија се уредува статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата на служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002 и 25/2003).

Служба во Армијата вршат воени и цивилни лица кои службата ја вршат со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, односно тие имаат статус на вработени во Министерството.

Во членот 183 од наведениот закон во главата “Станбено обезбедување” е предвидено дека воен старешина за време на вршење на служба во Армијата има право на користење на службен стан во местото на вршење на службата за што плаќа закупнина.

Имајќи ги предвид наведените одредби наспрема содржината на оспорените одредби од Правилникот, произлегува дека правото на добивање на службен стан и плаќање на закупнина за стан е уредено со закон, а министерот за одбрана како работодавец на воените старешини и цивилните лица во служба на Армијата ги утврдува критериумите, мерилата и постапката за доделување на користење на службен стан.

Оттука, според мислењето на Судот оспорениот Правилник не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, со кој се уредуваат прашања од сферата на вршењето на јавната власт, туку е интерен акт со кој во рамките на законот се овозможува спроведување на постапка за доделување на службен стан во сферата на работните односи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.10/2005
13 и 14 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова