Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата за утврдување на дисциплинска и материјална одговорност во Пролетер АД Крива Паланка, донесени од Одборот на директори под бр.03-176/1 од 2 септември 2002 година.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорениот акт бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 52 од Уставот на Република Македонија. Имено, правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективни договори, а не со Правила како што било направено во конкретниот случај. Од друга страна, оспорените правила влегле во сила со денот на донесувањето, не биле објавени, ниту пак соопштени на вработените со што бил повреден член 52 од Уставот. Воедно со оспорените правила биле повредени член 2 до 5, член 106 до 112, член 117, член 119, член 123, член 127 став 1 и член 128 од Законот за работните односи. Ова од причина што за повреда на работната обврска и причинетата штета работникот одговарал спо ред законот и колективните договори, а не според законот и Правилата. Предвидувањето според членот 16 од оспорениот акт за престанок на работниот однос без отказ во случаи на кршење на работниот ред и дисциплината и неисполнувањето на работните обврски било спротивно на член 127 од Законот за работните односи, каде за вакви случаи било определено отказниот рок да не биде пократок од 30 дена.
Освен тоа личната одговорност на работникот за повреда на работната обврска во Правилата се дефинирала како “дисциплинска” или “дисциплина”, со што се повредувал Законот за работни односи кој не ги користел наведените термини, а воедно се повредувал и Уставот.
Подносителот на иницијативата предлага при одлучувањето да се имаат предвид донесените одлуки во пос тапките по предметите на Судот У.бр.37/1998, У.бр. 229/1997, У.бр.230/2000 и У.бр.62/2003.
Врз основа на наведеното, се предлага поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените Правила и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на актот.
3. Судот на седницата утврди дека Правилата за утврдување на дисцип- линската и материјална одговорност во Пролетер АД Крива Паланка се донесени од Одборот на Директори под бр.03-176/1 од 2 септември 2002 година. Правилата се соста- вени од: општи одредби, одредби што го уредуваат престанок на работниот однос, одредба што го уредува предлогот за поведување постапка, одредби што ја уредуваат расправата пред првостепен дисциплински орган, одредби што ја уредуваат расправата пред второстепен орган и одредби што ја уредуваат материјалната одговорност . Прави- лата имаат вкупно 33 члена, од кои во последниот е определено дека актот влегува во сила со денот на донесувањето.
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијати-вата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од карактерот на оспорениот акт, кој уредува права од работен однос што настануваат внатре во конкретно Акционерско друштво, во случајот АД Пролетер од Крива Паланка, Судот оцени дека актот нема карактер на пропис, туку уредува интерни прашања поврзани со работните односи на вработените во споменатото Друштво, како приватноправен субјект.
Со оглед на тоа што оспорениот акт нема карактер на пропис, согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за неговата соглас- ност со Уставот и со Законот за работните односи.
По однос на предлогот за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените правила, според Судот не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова–Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.208/2004
6 април 2005 год.
С к о п ј е
мл/л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова