Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 20 став 1 точка 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001 и 5/2003).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба се повре- дувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 79 став 2 и член 122 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека процена на можните воени и други опасности со кои се загрозуваат сувернитетот, самостојноста и терито- ријалниот интегритет на Републиката можеле да вршат единствено вооружените сили на Република Македонија, односно Генералштабот, а не и Министерството за одбрана како орган на државната управа.
Врз основа на наведеното, предлага Судот да поведе постапка за оцену- вање на уставноста на оспорената одредба.
3. Судот на седницата утврди дека според член 20 став 1 точка 2 од Законот за одбрана, во остварувањето на одбраната Министерството за одбрана, меѓу другото, врши процена на можните воени и други опасности со кои се загрозува сувернитетот, самостојноста и територијалниот интегритет на Републиката и загрозеноста на терито- ријата од природни непогоди и други несреќи
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Маке- донија.
Според членот 79 став 2 од Уставот, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, а според ставот 3 на овој член претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Во членот 122 став 1 од Уставот е утврдено дека вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Репуб- ликата, а во ставот 2 на истиот член од Уставот е утврдено дека одбраната на Репуб- ликата се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Врз основа на наведените уставни одредби, произлегува дека одбраната како систем на одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката е уредена со Законот за одбрана.
Имено, според содржината на член 1 став 2 од Законот, одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.
Во Законот за одбрана претседателот на Републиката Македонија и врховен командант на вооружените сили, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата имаат точно дефинирани надлежности.
Во остварувањето на одбраната на Република Македонија претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили на Република Македо- нија, според член 18 став 1 точка 2 од Законот донесува план за одбрана на Репуб- ликата.
Според содржината на целината на член 20 од Законот, Министерството за одбрана како еден од органите на државната власт е поставено како орган кој врши работи од организационен карактер, а според оспорената точка 2, меѓудругото, врши и процена на можните воени и други опасности и загрозеноста на територијата од природни непогоди и други несреќи.
Според член 25 став 1 од Законот, Генералштабот на Армијата како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана е тело кое врши работи од оперативен и стручен карактер, меѓу кои, согласно став 2 точка 2 од истата одредба, предлага план за употреба на Армијата на Министерството за одбрана.
Согласно член 12 од Одлуката за методологијата за спроведување на подготовките за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.83/2003), доне- сена од Владата на Република Македонија, врз основа на овластувањето од член 19 точ- ка 14 алинеја 1 од Законот, активностите на Планот за одбрана на Република Македонија опфаќаат изработка на процена на можните воени и други опасности со кои се загрозува сувернитетот, самостојноста и територијалниот интегритет на Републиката и документи на Планот за одбрана.
Во членот 13 став 1 од Одлуката е определено дека процената опфаќа: можни воени загрозувања и други опасности, видови на агресија, начин на борбено дејствување на агресорот, начин на спротивставување на можните воени загрозувања и други опасности, начин на спроведување на мерките за заштита и спасување на насе- лението и материјалните добра од воени разурнувања и последиците предизвикани од нив во воена состојба, како и констатации и предлог мерки. Според став 2 од истата одредба, Министерството за одбрана при изработка на процената од став 1 соработува со другите министерства и другите органи на државната управа и управните организа- ции. Кои се документите на Планот за одбрана е определно во членот 14 од истиот акт, а во нив спаѓа и планот за употреба на Армијата.
Значи процената претставува единствен обединет акт, составен дел на Планот за одбрана во кој е извршена обработка на добиените информации од соодвет- ните безбедносни (разузнувачки и контраразузнавачки) структури на државата, кој акт претходи на изработката на документите за Планот за одбрана.
Оттаму, Судот утврди дека процената претставува комплекс од превземени организационо-технички дејствија кои дејствија му претходат и се во функција на донесу- вањето на Планот за одбрана на Републиката што го донесува претседателот на Репуб- лика Македонија и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија.
Генералштабот на Армијата, според законските одредби не е организационо- техничко тело, туку согласно член 25 став 1 од Законот е највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата и истото предлага план за употреба на Армијата, како еден од документите што го чинат Планот за одбрана.
Од аспект на командувањето со Армијата, чиј врховен командат е претседателот
на Републиката, според Судот, не е суштествено што Министерството за одбрана врши процена на можните воени и други опасности, а Генералштабот на Армијата му го предлага на Министерството за одбрана планот за употреба на Армијата, како еден од документите на Планот на одбрана, туку што овој план за одбрана, односно документите за употреба на Армијата и наредбите за нејзината употреба согласно членот 18 став 1 точката 5 од Законот ги донесува претседателот на Републиката, на кој начин тој непосредно, а не преку Министерството за одбрана, ја остварува и командната функција со Армијата на Република Македонија.
Оттаму, според Судот со законската определба Министерството за одбрана да врши проценка на можните и други опасности и загрозеноста на територијата не се нарушува уставната позиција на претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија утврдена во член 79 став 2 од Уставот, ниту се повредува уставната определба вооружените сили на Република Македонија да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката утврдена во член 122 став 1 од Уставот. Поврзано со наведените уставни одредби оспорената одредба не може да биде ставена под сомнение ни по однос на нејзината согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.199/2004
6 април 2005 год.
С к о п ј е
мл/л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова