Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 1 од Тарифниот систем за наплата на услуги што ги врши АД Топлификација – Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/1996).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Милосија Шекутковска, Звонко Николовски, Игор Пецовски, Јован Димчевски и Јовица Николовски сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата со оспорената одредба од Тарифниот систем за наплата на услуги што ги врши АД Топлификација – Скопје, граѓаните на градот Скопје биле ставени во нерамноправна положба од причина што едни плаќале со пресметка според отоплуваната површина, а други плаќале по мерач, што било спротивно на Уставот на Република Македонија и на Одлуката за мерките и начинот на заштита на потрошувачката на топлинска енергија за затоплување на објектите, која била донесена од Собранието на град Скопје на 10 февруари 1987 година и била објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.7/1987.
Оспорената одредба од наведениот тарифен систем за наплата на услуги што ги врши АД Топлификација – Скопје се наведува понатаму во иницијативата, била спротивна на член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, како и на членовите 2, 5 и 6 од Одлуката на Собранието на град Скопје.
Имено, според членот 2 од наведената одлука, заштедата на потрошувачката на топлинска енергија се обезбедува со воведување на мерно регулациона опрема (мерачи) за топлинска енергија во сите објекти во кои постои топлификационен систем.
Во членот 5 од истата одлука било определено дека сите корисници на топлинска енергија од топлификациониот систем се должни да извршат вградување на мернорегулациони уреди за мерење на потрошувачката на топлинска енергија на главниот довод во потстаницата. Во членот 6 било утврдено дека рокот за вградување на мернорегулациони уреди (мерачи) во објектите определени со член 5 од оваа Одлука е до 31 март 1987 година. Рокот за вградување на мернорегулациони уреди (мерачи) на главниот довод на топлинска енергија (топлотни потстаници) за постојните индивидуални и колективни станбени објекти бил до крајот на 1988 година.
Подносителот на иницијативата смета дека со наведената одлука на Собранието на град Скопје не било предвидено подвојување на граѓаните на тие што живеат во колективни и на тие што живеат во индивидуални згради, поради што оспорената одредба од Тарифниот систем за наплата на услуги што ги врши АД Топлификација – Скопје била спротивна на таа одлука.
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот тарифен систем го донел Управниот одбор на АД Топлификација – Скопје на седницата одржана на 23 септември 1996 година. Според член 9 став 1 од овој акт корисниците од првата група за станбен простор во објект со над четири станбени единици (колективен) надомест плаќаат со пресметка според отоплуваната површина, а корисниците на станбен простор во објект со четири и помалку станбени единици (индивидуален) и сите останати корисници од првата група надомест плаќаат по мерач.
Корисниците од втората и третата група надомест плаќаат по пресметка, односно според инсталирана моќност и според мерач.
5. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од содржината на Тарифниот систем за наплата на услуги што ги врши АД Топлификација – Скопје, Судот утврди дека истиот претставува автономен акт на работење со кој се уредени интерни прашања во врска со системот за наплата на услугите што ги врши ова акционерско друштво, поради што оспорениот тарифен систем не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.
Со оглед на наведеното, Судот не се впушти во оценување и на другите наводи во иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.26/2005
30 март 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова