Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3, член 51 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Славољуб Арсиќ од Пробиштип за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на расна, национална и социјална припадност.
2. Славољуб Арсиќ од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 од Уставот, а кои му биле повредени со акти и дејствија на службени лица на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија Подрачна единица Штип.
Според наводите во барањето подносителот смета дека поради фактот што тој е црно обоен, што по националност е ром со православна вероисповест, а е роден во Србија, Јавното претпријатие во подрачната единица во Штип не го прифатила неговото барање за проценка на станот кој го имал под закуп со што не му било овозможено истиот да го купи.
Подносителот на барањето, исто така, наведува дека Јавното претпријатие не му го простила долгот на име заостаната закупнина иако на други лица долгот им бил простен.
Оттука, според подносителот на барањето Јавното претпријатие во зависност од верската, расната и социјалната припадност имало различен пристап во постапката за наплата на долг за неплатена закупнина и постапката за проценка на стан.
3. Судот на седницата од увидот извршен во списите како и дејствијата што ги презело Јавното претпријатие по повод барањето на подносителот за бришење на долгот и проценка на станот утврди дека лицето Славољуб Арсиќ врз основа на договор за доделување на стан од страна на Р.О. “Рудници за олово и цинк” Злетово склучил договор за користење на стан со општинската самоуправа интересната заедница за становање Пробиштип бр.606 од 8 јули 1988 година и истиот е носител на станарско право.
Согласно Законот за продажба на станови во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/1990 и 62/1992) носителот на станарско право кој нема да го купи станот го задржува правото да го користи станот под услови и на начин утврден со закон, за подоцна овој однос меѓу давателот на станот на користење односно државата и корисникот на станот да се трансформира во закупен однос.
Подносителот на барањето Славољуб Арсиќ на 13 јануари 2005 година поднел барање до Министерството за транспорт и врски бр.19-7/1, за склучување договор за купопродажба на државен стан.
Во натамошната постапка Судот утврди дека подносителот на барањето на 14 февруари 2005 година, поднел барање до Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор за одложено плаќање на заостанатиот долг, бришење на каматната стапка на заостанатиот долг и барање Јавното претпријатие да изврши проценка на вредноста на станот за да му се одобри купување на станот.
На 16 февруари 2005 година, Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор во врска со поднесените барања на лицето Славољуб Арсиќ му доставило одговор. Во одговорот се наведува дека согласно член 2 од Одлуката на Управниот одбор на Јавното претпријатие од 29 јуни 2004 година, закупците кои се тужени ќе бидат ослободени од плаќање на затезна камата заклучно со 31 декември 2004 година под услов да го платат основниот долг (закупнина и судски трошоци) во целост или на рати, но не повеќе од 12 месечни рати со склучување на спогодба со извршна клаузула кај нотар. Понатаму, во писмениот одговор ЈП го известило подносителот дека долгот може да го плати на 12 месечни рати со претходно склучување на спогодба.
По однос на барањето за издавање на проценка на стан подносителот е известен дека Јавното претпријатие издава проценка само по добиено барање од Министерството за транспорт и врски поради што тој бил упатен такво барање да поднесе до Министерството со кое и се склучува договорот за купување на стан. Меѓутоа, пред издавање на проценката барателот треба да го има регулирано прашањето за долгот.
Од увидот извршен во Аналитичката картица што се води во ЈП за регулирање закуподавен однос исто така е констатирано дека лицето Слабољуб Арсиќ, со одредени исклучоци, од 1994 година на име закупнина должи 231.050,00 денари.
4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија е предвидено дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено некое право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба која покажува дека постапката за остварување на правото за купување на стан се уште е во тек, Судот утврди дека во конкретниов случај не постои конечен или правосилен акт или дејствие со кои на подносителот на барањето би можело да му биде повредено правото на недискриминација утврдено во член 110 алинеја 3 од Уставот, поради што не се исполнети процесните услови од член 51 од Деловникот, Судот да одлучува за барањето, и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.32/2005
30 март 2005 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова