2/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението бр.13-8063/21-7 донесено од министерот за здравство на Република Македонија на 20 октомври 2004 година.

2. Бранислава Гиноска и група граѓани од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата оспореното решение не било во согласност со Уставот затоа што со него се повредувало правото на работа, односно со него се забранувало на матичните лекари да работат како специјалисти во ординациите за кои конкурирале.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 200-р од Законот за здравствена заштита по пријава на д-р Вељо Раткушиновски и д-р Бранислава Гиноска од Охрид за основање на приватна здравствена установа – ординација по општа стоматологија по основ на закуп, а по спроведен конкурс за издавање под закуп на делови од Јавната здравствена установа Медицински центар Охрид – министерот за здравство донел Решение со кое на наведените лица им се дава под закуп просторот и опремата во ординацијата по општа стоматологија во објекти на Медицинскиот центар.

Со ова решение д-р Вељо Раткушиноски и д-р Бранислава Гиноска ќе основаат приватна здравствена установа – ординација по општа стоматологија.

Понатаму, во решението е наведено дека решението за дозвола за почнување со работа на приватната здравствена установа – ординација по општа стоматологија ќе се издаде по извршениот упис во регистарот на надлежниот суд, по исполнување на условите по однос на кадарот и по превземањето на здравствените работници вработени во ординацијата која се издава под закуп.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Имајќи ги предвид наведените одредби, како и содржината на оспореното решение Судот оцени дека во конкретниов случај се работи за конкретен поединечен акт со кој на подносителот на иницијативата, врз основа на конкурс во процесот на приватизација на дел од стоматолошката дејност, му се дава под закуп ординација во објект на медицинскиот центар.

Со оглед на тоа што оспореното решение нема карактер на пропис, туку е поединечен акт, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.2/2005
23 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова