Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт “Капиштец” локалитет “Геолошки завод” – Скопје, донесена од Советот на општината Центар – Скопје под бр.07-1004/1 од 7 јуни 2004 година, објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.6/2004.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Генералниот урбанистички план на градот Скопје и со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).
3. Радојца Марковиќ од Скопје, застапуван од адвокатот Александар Марковиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата измените во Деталниот урбанистички план што биле извршени со оспорената одлука биле во спротивност со Генералниот урбанистички план на град Скопје, а со тоа и во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и со подзаконските акти донесени врз основа на овој закон, како и со член 8 став 1 алинеја 3 и 10 од Уставот. Во прилог на ова се наведува дека согласно член 11 став 3 од Законот, деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде во согласност со генералниот урбанистички план, а во конкретниот случај ова не било испочитувано, затоа што земјиштето на урбанистичките парцели 1.9 и 1.20 кое според Генералниот урбанистички план на град Скопје било со намена за водостопански објекти, со текстуалниот и графичкиот дел на оваа одлука било пренаменето со тоа што на У.П. 1.9 се предвидувала изградба на објект со намена – јавна администрација, а на У.П. 1.20 – изградба на заеднички станбени објекти со деловен (комерцијален) простор. Со оваа одлука, исто така, била извршена промена на намената на земјиштето и на У.П. 1.18, кое според Генералниот урбанистички план на градот Скопје било наменето за јавни општествени функции, а со одлуката се предвидувала намена јавни објекти и 30% заеднички станбени објекти. Во овој случај промената на намената на земјиштето била извршена согласно ставот на Стручната комисија која ја спроведувала јавната анкета по нацртот на Деталниот урбанистички план.
Освен тоа, во иницијативата се наведува дека посочените отстапувања од Генералниот урбанистички план на градот Скопје во поглед на намената на земјиштето биле направени по изготвување на Предлогот на планот и Предлогот на одлуката за негово донесување, односно во фазата на нивното разгледување и усвојување од страна на Советот на општина Центар. На овој начин бил повреден членот 20 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и била сторена повреда на постапката за донесување на плановите во смисла на членот 14 став 3 од Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови.
Поради наведеното, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа да ја укине.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 23 точка 6 од Статутот на општина Центар, а во врска со член 22 став 5 и 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999 и 53/2001).
Според членот 1 став 1 од Одлуката, со оваа одлука се врши изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт “Капиштец” локалитет “Геолошки завод” – Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.5/2001).
Според ставот 2 на членот 1 од Одлуката, Одлуката за измени и дополнувања ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на град Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина и начин на графичка обработка на плановите (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).
Во членот 2 од Одлуката е утврдена површината и границите на просторот за кој се донесуваат измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план, со биланс на показатели во однос на намената на земјиштето со вкупно изградена површина и вкупна површина на парцелите.
Според членот 3 од Одлуката, измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план содржат текстуален дел и графички прилози, кои заедно со параметрите за уредување на просторот и Извештајот од јавната анкета со осврт од стручната консултација, се составен дел на Одлуката.
Во членот 4 од Одлуката се уредува прашањето во врска со заверувањето на самата одлука, а во членот 5 е утврден рок во кој Одделението за урбанизам на општината ќе ја обезбеди комплетната документација за остварување на планскиот документ.
Според членот 6, Одлуката со сите нејзини делови се чува во и за нејзината реализација се грижи Одделението за урбанизам на општината.
Според членот 7, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.
5. Во однос на постапката во која е донесена оспорената одлука Судот, врз основа на прибавената документација ја утврди следната фактичка состојба:
Одделението за урбанизам на општина Центар, со Заклучок бр.18-263/1 и К.бр.18-1804/3 од 18 февруари 2004 година го утврдил Нацртот на Деталниот урбанистички план за Градска четврт “Капиштец” локалитет “Геолошки завод” – Скопје.
По Нацртот на деталниот урбанистички план била организирана јавна анкета согласно одлуката донесена од градоначалникот на општина Центар бр.08-263/2 од 18 февруари 2004 година.
Соопштението за организирање на јавната анкета било објавено во весниците “Дневник” и “Утрински весник” од 21-22 февруари 2004 година, во кое граѓаните и правните лица се известуваат дека Нацртот на планот ќе биде изложен во просториите на Месната заедница “Мито Хаџивасилев Јасмин” и дека во рок од 10 дена, сметано од 21 февруари 2004 до 02 март 2004 година можат да поднесуваат писмени забелешки на анкетни листови.
Извештајот од јавната анкета по Нацртот на планот, со образложение за прифатените и неприфатените забелешки е изготвен под бр.08-263/4 од 10 март 2004 година.
Од овој извештај е видно дека со оглед на забелешката искажана на Стручната консултација одржана на 18 декември 2003 година од страна на Градската управа за внатрешни работи – Сектор за сообраќај, Комисијата зазела став да се корегира сообраќајницата на која било укажано од Градската управа и да се повтори јавната анкета по Нацртот на деталниот урбанистички план. Комисијата, исто така, зазела став на објектот со намена јавна функција, да се овозможи намена домување до 30% од вкупната бруто површина за урбан модул 1.18.
Понатаму, од прибавената документација се утврди дека по Нацртот на планот стручно мислење под бр.13-12339 од 11 ноември 2003 година доставило Министерството за транспорт и врски, а, исто така, стручно мислење доставил и Главниот архитект на градот Скопје со бр.18 а-3387/1 од 19.11.2003 година, со образложение дека Нацртот на планот во целост бил изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на град Скопје, барањата во програмата за содржината на Планот и Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.
Стручната ревизија на Нацртот на планот била изготвена од Архитектонскиот факултет – Скопје, од октомври 2003 година, а одговорот на стручната ревизија од изготвувачот на планот е од ноември 2003 година.
Исто така, е изготвено и известување за постапување по Извештајот од јавната анкета, бр.08-263/5 од 18 март 2004 година.
Предлогот на планот е изготвен од АД “ЗУАС” – Скопје, со тех.бр.1043/2002 од април 2004 година.
Министерството за транспорт и врски, по разгледување на доставеното барање и приложената документација, согласно членот 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање издало согласност на Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт “Капиштец” локалитет “Геолошки завод” – општина Центар.
Одлуката за изменување и дополнување на означениот детален урбанистички план била донесена на седницата на Советот на општина Центар одржана на 7 јуни 2004 година. Од записникот од оваа седница е видно дека еден советник предложил на страница 3, во билансот на показатели во реден бр.2 – јавни функции во алинејата 4 да се исправи техничката грешка и наместо зборовите “водостопански објекти” да стои “Јавна администрација” со оглед на тоа што зборовите водостопански објекти имале друго значење и не биле соодветно употребени во конкретниот случај. Советот на општината едногласно го прифатил овој предлог и по заклучување на претресот, Одлуката за изменување и дополнување на овој урбанистички план била донесена заедно со исправката на оваа техничка грешка.
Според одговорот добиен од Советот на општината Центар оваа техничка грешка во Предлогот на Одлуката конкретно се однесувала на У.П. 1.9 во која била предвидена намена на земјиштето – Водостопански објекти која формулација се однесувала на објекти што се во функција на вршење водостопанска дејност како што се: брани, канали, мостови и др. Ако одлуката била донесена со таа формулација за оваа урбанистичка парцела таа практично и не можела да се спроведе и сама по себе ќе била неважечка.
За илустрација на нелогичноста на формулацијата “Водостопански објекти” и неможноста за нејзино спроведување и примена во Деталниот урбанистички план за локалитетот “Геолошки завод”, во одговорот се наведува и тоа дека “Водостопански објекти” во Генералниот урбанистички план на град Скопје имале посебни ознаки.
Во одговорот на Советот на општината се наведува дека третманот на сите три урбанистички парцели на кои се укажува во иницијативата бил еднаков и во Нацртот и во Предлогот на овој урбанистички план, така што во тој поглед, освен исправката на техничката грешка, не биле направени никакви суштински измени на седницата на Советот на општината. Имено, и во Нацртот и во Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, на У.П. 1.20 била предвидена изградба на објект со намена ЗОД – Заеднички станбен објект со деловен простор, на која уште кога се изработувале овие измени и дополнувања веќе бил изграден ваков објект врз основа на издадено одобрение за градба согласно Деталниот урбанистички план што важел во тоа време. На останатиот дел на просторот, нумериран со УП 1.9, а со намена според Генералниот урбанистички план на град Скопје – Водостопанство со шифра 821, како и кај УП 1.20, со измените и дополнувањата е предвиден објект со намена – Јавна администрација за водостопанство. Во однос на УП 1.18, чиј третман, исто така, бил ист во целата постапка на донесувањето на овој план, во одговорот на Советот на општината Центар се наведува дека ставот на стручната комисија за намената на земјиштето на оваа парцела за јавна функција и 30% за домуање бил заземен по повод усвојување на забелешката поднесена од АДГ “Маврово” во текот на првата јавна анкета, која била спроведена од 26 ноември 2003 до 05 декември 2003 година, а за која било објавно соопштение во весникот “Утрински весник” од 26 ноември 2003 година. Инаку, прифатената забелешка била во согласност и со членот 7 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.
6. Во член 8 став 1, алинеите 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Видовите на плановите, содржината, изработувањето, како и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).
Според членот 2 од овој закон, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.
Во членот 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирање, се утврдени видовите на планови, меѓу кои се и генералниот и деталниот урбанистички план.
Според членот 11 став 1 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според ставот 3 на овој член од Законот, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбанистичкото подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули, површина за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина, сообраќајна мрежа и др. Во овој став, исто така, е утврдено дека деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план.
Согласно членот 17 став 1 од Законот, плановите се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 3 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, а одлуката за спроведување на јавната анкета согласно ставот 7 на овој член ја донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација.
Според членот 18 став 1 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од подрачјето опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Според ставот 2 на овој член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета по нацртот на деталниот урбанистички план, со образложение за неприфатените забелешки изработува општината.
Согласно член 19 од Законот, пред организирањето на јавната анкета, на нацртот на деталниот урбанистички план се врши стручна ревизија, од страна на правно лице што има добиено овластување од членот 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.
Согласно членот 22 став 4 и 5 од Законот, Генералниот урбанистички план на град Скопје го донесува градот Скопје, а деталниот урбанистички план за населено место за подрачјето на општината го донесува општината од подрачјето на градот Скопје.
Според ставот 6 на членот 22 од Законот, урбанистичките планови од ставовите 4 и 5 на овој член се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.
На крајот, во членот 20 став 1 од Законот, на кој подносителот на иницијативата посебно се повикува е утврдено дека измените и дополнувањата на плановите од членот 7 на овој закон се вршат во иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Разгледувајќи ја оспорената одлука за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт “Капиштец” – локалитет “Геолошки завод” во однос на наведените законски одредби, а притоа имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека оваа одлука, односно измените и дополнувањата на овој детален урбанистички план се извршени во постапка утврдена со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова произлегува пред се од фактот што во конкретниот случај планот бил изработен прво како нацрт, а потоа како предлог и во овие фази се спроведени сите дејствија што се предвидени со Законот. Имено, на Нацртот на планот била извршена стручна ревизија на која изработувачот на планот доставил одговор, односно извештај, потоа по утврдувањето на Нацртот на планот била спроведена јавна анкета и изготвен извештај, со образложение за неприфатените забелешки и на крајот, по Предлогот на планот, Министерството за транспорт и врски дало согласност.
Од приложената документација и од одговорот на Советот на општина Центар, исто така, произлегува дека посочените три урбанистички парцели во иницијативата имале ист третман во целата постапка на донесување на измените и дополнувањата на овој урбанистички план, односно дека и во Нацртот и во Предлогот на урбанистичкиот план намената на земјиштето на овие парцели била иста, а на седницата на Советот на општината се извршила само исправка на техничка грешка во поглед на означувањето на објектите, а не и суштински измени. Оттука, Судот утврди дека наводите во иницијативата според кои на седницата на Советот на општина Центар е извршена пренамена на земјиштето на овие три урбанистички парцели и со тоа е сторена повреда на постапката при донесување на оспорената одлука се неосновани и поради тоа не може да се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 11 и 20 став 1, а поврзано со нив ниту со другите означени членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Од истите причини не може да се постави прашањето ниту за согласноста на оспорената одлука со членот 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот, од чии аспект се оспорува нејзината уставност.
7. Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорената одлука била во спротивност со Генералниот урбанистички план на градот Скопје, како и со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002), Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија е надлежен да ја оценува согласноста на прописите само со Уставот и со законите, а не и со другите прописи, како што во конкретниот случај се Генералниот урбанистички план на градот Скопје и означениот правилник.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.140/2004
23 март 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова