Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Стефан Рилков од Охрид за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
2. Стефан Рилков од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата што му биле повредени со: дејствија на Основниот суд Охрид преземени во постапката по предметот П.бр.2004/1994; дејствија на Апелациониот суд Битола преземени во постапките по изјавените жалби по предметите ГЖ.бр.2899/1995, ГЖ.бр.488/1997, ГЖ.бр.3068/1999, ГЖ.бр. 2347/2000 и ГЖ.бр. 1356/2003, како и со нечовечко и понижувачко однесување на работодавецот ДОО “Сигурносни појаси” с. Белчишта.
Имено, според подносителот на барањето со дејствија на двата наведени судови му било повредено правото на судска заштита, а со тоа и правата од работен однос, кои не можел да ги оствари поради немање судска завршница по предметот П.бр.2004/1994, што било резултат на непочитување на позитивните законски прописи и координираното функционирење на системот.
Понатаму се наведува дека наведените судови во постапката различно ги применувале одредбите од Законот за работните односи, Колективниот договор на работодавецот склучен во 1994 година, Законот за облигационите односи, Законот за висината на стапката на затезната камата и Законот за загубарите. Посебно, за Апелационот суд Битола се наведува дека ја сторил повредата на начин што имал законска можност да пресуди, но тоа не го сторил.
Поради наведените дејствија на подносителот на барањето не му бил заштитен моралниот и физичкиот интегритет од членот 11 од Уставот, му било повредено правото на соодветна заработувачка, правото на платен дневен, неделен и годишен одмор од членот 32 од Уставот и му било ускратено правото на судска заштита.
По однос на работодавецот единствено што се наведува е дека нечовечки и понижувачки се однесувал без при тоа да се појасни во што се состоело таквото однесување.
Поради наведеното, подносителот на барањето бара Уставниот суд да донесе одлука со која ќе се спречи понатамошната повреда на неговите права.
3. Судот на седницата од приложените докази од страна на подносителот на барањето, утврди дека Стефан Рилков од Охрид бил вработен во ” Застава-ХТД” од Охрид, кое друштво во текот на работењето се трансформирало во повеќе друштва со ограничена одговорност меѓу кои и ДОО ” ;Сигурносни појаси” од с.Белчишта. Работниот однос му престанал на 28 февруари 1995 година.
Подносителот на барањето до Основниот суд Охрид поднел тужба за исплата на побарувања од работен однос заведена под П. бр.2004/1994. Судот истовремено постапувал и по противтужбата на ДОО “Сигурносни појаси” од с.Белчишта, за исплата на повеќе исплатена испратнина.
Сметано од поднесувањето на тужбата, па сй до поднесувањето на бара- њето за заштита на слободите и правата, Општинскиот суд Охрид, а потоа Основниот суд Охрид во пет наврати донесувал првостепени пресуди и тоа: П.бр.2004/1994 од 18 април 1995 година, П.бр. 2004/1994 од 9 мај 1997 година, П.бр.2004/1994 од 17 декември 1998 година, П.бр.2004/1994 од 14 февруари 2000 година и П.бр.2004/1994 од 10 септември 2002 година.
Постапувајќи по изјавените жалби, како на тужителот, така и на тужениот, Окружниот суд Битола, а потоа Апелациониот суд Битола, исто така во пет наврати одлучувал и ги донел решенијата: ГЖ.бр. 2899/95 од 25 октомври 1995 година, ГЖ.бр.488/99 од 19 февруари 1998 година, ГЖ. бр.3068/99 од 25 октомври 1999 година, ГЖ.бр.2374/ 2000 од 30 октомври 2000 година и ГЖ.бр.1356/2003 од 15 септември 2003 година. Уважувајки ги поднесените жалби, судот ги укинувал првостепените пресуди и наложувал враќање на предметот на повторно судење пред првостепениот суд.
Инаку од страна на подносителот на барањето се доставува обемна документација во врска со постапката по поднесената тужба, но во конкретниот случај истата не е од влијание за утврдување на потребната фактичка состојба од страна на Уставниот суд.
4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискри- минација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејствието со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.
Тргнувајќи од корпусот на слободи и права што врз основа на утврдената надлежност во членот 110 алинеја 3 од Уставот ги штити Уставниот суд на Република Македонија, произлегува дека Судот во постапката за заштита на слободите и правата не е надлежен да штити право на судска заштита, право на соодветна заработувачка, право на платен дневен, неделен и годишен одмор и други слободи и права што не се опфатени во член 110 алинеја 3 од Уставот. Од друга страна, подносителот на иници- јативата ниту во еден момент не наведува дека овие права му биле повредени по основ на дискриминација заради неговата полова, расна, верска, социјална и политичка припадност. Такво нешто не произлегува ниту од приложената документација.
Што се однесува до наводите за непочитување на одредбите од поголем број закони и Колективниот договор на ниво на работодавец, како и барањето за забрана на дејствување на судовите Судот тргнувајќи од надлежноста утврдена во член 110 од Уставот, утврди дека не е инстанционо повисок суд по однос на Основниот суд Охрид и Апелациониот суд Битола и не може да ја оценува работата на овие судови од аспект на наводите во барањето. Имено, од наводите во барањето се добива општ впечаток дека подносителот има за цел да издејствува судска завршница на долгогодишниот судски спор, што Уставниот суд не е належен да наложи.
Судот не се впушти во оценување на основаноста на наводот за нечовечко и понижувачко однесување на работодавецот од причина што подносителот на барањето не наведува ниту конкретни причини, ни пак конкретни дејствија со кои му се повредени правата од страна на работодавецот, што преставува процесна пречка за одлучување по овој дел од барањето.
5. Согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.37/2005
23 март 2005 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова