Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27, 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 и 17 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на дел од 7-ма Урбана единица – Охрид, бр.07-408/12 од 7 април 2003 година, донесена од Советот на општина Охрид, објавена во “Службен гласник на општина Охрид” бр. 2 од 11 април 2003 година.
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003).
4. Софија Петреска од Охрид, преку нејзиниот полномошник Коста Шеќеровски од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата оваа одлука ја оспорува поради следниве причини:
– со оспорената одлука била извршена измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од 7-ма Урбана единица во Охрид, во вид на урбан модул ограничен со улици од сите страни и во кој било влезено и градежното земјиште од парцелите на подносителката на иницијативата КП.бр.13680 и 13674/2 во КО Охрид.
– булеварот “Туристичка” не бил снимен и внесен во катастарските операти во Одделението за премер и катастер – Охрид, и не постоеле податоци за регулационите линии на таа јавна сообраќајница.
– при изготвувањето на графичкиот приказ на тој урбан модул, а при непостоење на катастарски податоци за регулационите линии на булеварот “Туристичка”, регулационата линија на тој урбан модул од југозападната страна била означена произволно и истата навлегувала и зафаќала од пешачката патека на булеварот.
– оспорената одлука не била во согласност со член 19 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003).
Поради наведените причини подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка и да донесе одлука со која ќе ја поништи оспорената одлука и истовремено смета дека во случајов има место за донесување на времена мерка заради заштита на добро од општ интерес.
5. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената одлука се утврдува дека со неа се усвојува предлог измената и дополнувањето на дел од Деталниот урбанистички план за 7-ма Урбана единица.
Во членот 2 од оваа одлука е утврдено дека составен дел на оваа Одлука е графичкиот приказ бр. 5 и 6 изработен од ИН ПУМА Скопје под технички бр. 256 од 2002 година.
Според членот 3 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а истата ќе биде објавена во Службен гласник на општина Охрид.
6. Советот на општина Охрид со писмо бр.03-1285 од 12 ноември 2004 година, до Уставниот суд ја достави комплетната документација од која може да се констатира дека Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од 7-ма Урбана единица е донесена во постапка утврдена во Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имено, овој план е изработен во две фази: нацрт на план и предлог на план.
На Нацртот на планот, кој бил изготвен од ДДО “ИН-ПУМА” -Скопје, е извршена стручна ревизија од страна на ДОО “Простор” – Куманово во декември 2002 година, по која изработувачот на планот доставил одговор во јануари 2003 година.
По Нацрт на планот, Министерството за транспорт и врски дало стручно мислење со допис бр.13-570 од 29 јануари 2003 година.
Нацртот на планот, во кој биле вградени сугестиите и забелешките од стручната ревизија и стручните мислења, бил утврден од Секторот за планирање на просторот на Општина Охрид со Записник од 24 февруари 2003 година.
За организирање на јавната анкета по Нацртот на планот градоначалникот на општина Охрид донел Решение бр.08-180 од 24 февруари 2003 година. Според ова решение јавната анкета траела од 24 февруари 2003 до 6 март 2003 година, а соопштението за јавната анкета било објавено во печатен медиум.
Извештајот за јавната анкета, со образложение за неприфатените забелешки е изготевен под бр.22-929/405/03 од 10 март 2003 година. Од извештајот и известувањето за постапување по извештајот произлегува дека во текот на јавната анкета биле доставени 14 анкетни листови, од кои целосно се прифатени три, делумно шест и не се прифатени пет забелешки, чие неприфаќање е образложено во извештајот.
По завршувањето на јавната анкета и извршената стручна консултација одржана на 3 март 2003 година, Предлогот за изменување и дополнување на планот бил изготвен од ДДО “ИН-ПУМА” – Скопје.
Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлогот за изменување и дополнување на планот со акт бр.13-2891 од 28 март 2003 година.
Во натамошната постапка Судот дополнително се обрати до Советот на општина Охрид како доносител на оспорениот акт да достави документ дали согласно Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е побарана согласност од надлежниот орган за заштита на природните реткости.
Советот на општина Охрид во одговорот доставен на 8 февруари 2005 година го извести Судот дека во врска со Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од 7-ма Урбана единица не е побарано мислење од надлежниот орган за заштита на природните реткости. Ова пред се затоа што во Упатството од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот не било наведено дека за добивање на согласност на предлог на Деталниот урбанистички план е потребно да се достави и мислење од орган надлежен за заштита на природните реткости, поради што такво мислење не е добиено.
7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Од наведената одредба произлегува дека основна задача на државата е воспоставување рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу економската и еколошката сфера. Оттука, развојот на економијата и индустријата не може да се одвива неконтролирано и до максимум без да се води сметка за последиците што од тоа произлегуваат за животната средина и природа. Имено, станува збор за темелна вредност која има универзален карактер и како таква треба да биде заштитена и да се негува во средината во која живееме.
При оценување на законитоста на оспорената одлука беа земени предвид одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), како и одредбите од Законот за заштитата на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/1997, 8/1998, 5/1998, 10/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1993).
Според членот 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови кои меѓусебно се усогласуваат.
Во членот 7 од наведениот закон, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува покрај другите и детален урбанистички план.
Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.
Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границите на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули со градежни парцели, површина за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина, сообраќајна мрежа и др. Билансните показатели содржат податоци за површините, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните модули согласно со соодветните стандарди и нормативи.
Во смисла на содржината на член 17 од Законот кој се однесува на деталниот уребанистички планови произлегува дека плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.
Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена во кој рок сите заинтересирани граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).
Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7, пред организирањето на стручната расправа односно јавната анкета, се врши стручна ревизија.
Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.
Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Според член 22 став 6 и 7 од овој закон, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавањето на согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот. Плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.
Тргнувајќи од наведените законски одредби, а притоа имајќи ја во вид изложената фактичка состојба и приложената документација во постапката, произлегува дека оспорената одлука е донесена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно во законски предвидена постапка од страна на законски определени органи со почитување на сите фази на постапката за изменување и дополнување на деталниот урбанистички план.
Оттука, Судот утврди дека наводите во иницијативата дека во спорниот урбан модул е влезено и градежното земјиште од парцелите на подносителот на иницијативата Софија Петреска КП.бр.13680 и 13674/2 во КО Охрид, се неосновани, поради тоа што по однос на двете парцели полномошникот на подносителката на иницијативата, Коста Шеќеровски по одржаната јавна анкета дал свои анкетни листови со забелешки, така што по однос на КП. 13674/2 забелешката не е прифатена, за што е дадено образложение, а по однос на КП.бр.13680 забелешката е прифатена и вградена во планот, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Судот при донесување на ова решение ја имаше во вид одредбата од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот од која произлегува дека при уредување и хуманизација на просторот се бара почитување на законските прописи кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата. Оттука, произлегува дека во постапката за донесување на урбанистички планови за општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран треба да се почитуваат и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро со кој овие езера како добро од општ интерес се споменици на природата и се под посебна заштита.
Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро – нивните води, крајбежија, извори и водотеци, поради карактеристичните одлики и природни убавини, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки, лимнолошки и други научни вредности, културно, естетско, образовно – воспитано, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласуваат за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставаат под посебна заштита.
За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени води од населените места и индустриски објекти.
Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.
Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.
Имајќи предвид дека во конкретниов случај Советот на општина Охрид во постапка која претходи на донесување на оспорениот план не побарала мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и со член 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.
8. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.
Тргнувајќи од содржината на цитирната уставна одредба, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува дали оспорената одлука е во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003), на што укажува подносителот во иницијативата, поради што одлучи во тој дел иницијативата да ја отфрли.
9. При донесување на ова решение Судот оцени дека со извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на Одлуката можат да настапат тешко отстранливи последици, и поради што се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на нивното извршување.
10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.176/2004
16 и 17 март 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова