Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 и 17 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за дополнување на Програмата за изградба, продажба и одржување на становите во сопственост на Република Македонија за 2002 година (“Службен весник на РМ” бр.73/2002).
2. Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената програма не била согласна со Уставот и со закон, затоа што со неа се правела дискриминација меѓу функционерите што користат стан под закуп во сопственост на Република Македонија во однос на другите корисници на овој вид станови и дека со предвидувањето можност функционерите да ги откупуваат службените станови всушност исчезнувала категоријата на службени станови.
3. Судот на седницата утврди дека со Решение У.бр.47/2003 од 5 март 2003 година повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за дополнување на Програмата за изградба, продажба и одржување на становите во сопственост на Република Македонија за 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.73/2002) и ги запрел од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената програма.
Подоцна, со Решение У.бр.47/2003 од 14 мај 2003 година, Судот ја запрел постапката за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за дополнување на Програмата за изградба, продажба и одржување на становите во сопственост на Република Македонија за 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.73/2002), затоа што оваа програма се однесувала за 2002 година, односно престанала да важи, а Судот оценил дека нема основи за оценување на нејзината уставност и законитост во време на важењето.
4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за истата, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.133/2003
16 и 17 март 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова