Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 и 17 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 од Законот за девизната инспекција (“Службен весник на Република Македонија” бр.89/2004).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба се повредувале членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51 и 98 ставови 1, 2 и 5 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што со оваа законска одредба на Државниот девизен инспекторат му била дадена судска власт, што било спротивно на Уставот. Имено, според подносителот на иницијативата привремената забрана на вршење дејност можел да ја изрече само надлежен суд, а не инспекторот, како што предвидувал ставот 3 на оспорениот член 15. Со ваквото решение, подносителот на иницијативата смета дека, се засегнувало непосредно во извршната судска постапка, што не е во согласност со член 98 став 5 од Уставот според кој уредувањето и на извршната постапка како една од видовите на судските постапки е предвидено да биде регулирана со закон. Оспорената одредба, исто така, отстапувала и од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.
3. Судот на седницата утврди дека членот 15 од Законот за девизната инспекција предвидува:
“Решението на инспекторот кое се однесува на парични обврски се доставува на извршување до носителот на платниот промет на субјектот”.
Носителот на платниот промет на субјектот кој го извршува решението е должен за преземените мерки да го извести инспекторатот.
Решението на инспекторот кое се однесува на непарични обврски – привремена забрана на вршење дејност, се доставува на извршување до Управата за јавни приходи.
Управата за јавни приходи која го извршува решението е должна за преземените мерки да го извести Инспекторатот.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите се и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 98 став 1 и 2 од Уставот, судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Според ставот 5 на член 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со Законот за девизната инспекција се уредуваат прашањата за надлежноста, овластувањата и организацијата на вршење на работите на девизната инспекција. Со членовите од 9 до 21 од Законот се уредуваат прашањата за надлежност и овластувања на инспекторот. Имено, според член 10 од овој закон инспекторот врши надзор во деловните простории на субјектот над чие работење се врши надзорот или кај лице овластено за водење на неговите деловни книги.
Согласно член 13 од Законот инспекторот за извршениот инспекциски надзор е должен да состави записник, кој содржи податоци за субјектот, предметот на инспекцискиот надзор и констатираната состојба. Примерок од записникот за извршениот инспекциски надзор му се доставува на субјектот. На записникот може да се вложи приговор до Инспекторатот од страна на субјектот и одговорното лице на субјектот во рок од осум дена од приемот на записникот. За одлуката по приговорот, Инспекторатот во рок од 15 дена од денот на приемот на приговорот, писмено го известува подносителот.
Согласно член 14 од Законот, против решението на иснпекторот со кое се определува управна мерка може да се изјави жалба до министерот за финансии, во рок од осум дена од денот на приемот на решението. Жалбата изјавена против решението од ставот 1 на овој член не го одлага извршувањето.
Согласно член 15 од Законот (оспорен член) решението на инспекторот кое се однесува на парични обврски се доставува на извршување до носителот на платниот промет на субјектот. Носителот на платниот промет на субјектот кој го извршува решението е должен за преземените мерки да го извести Инспекторатот. Решението на Инспекторатот кое се однесува на непарични обврски – привремена забрана на вршење дејност, се доставува на извршување до Управата за јавни приходи. Управата за јавни приходи која го извршува решението е должна за преземените мерки да го извести Инспекторатот.
Во членот 16 од овој закон е предвидено дека ако при инспекцискиот надзор инспекторот утврди сторување на прекршок или има основано сомнение за сторено кривично дело, должен е без одлагање да поднесе барање за поведување прекршочна постапка, односно пријава за сторено кривично дело.
Во членот 59 од Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997 и 35/1997 – исправка), меѓу другото е предвидено дека овластените службени лица во органите на управата можат на сторителот на прекршокот привремено да му ги одземат предметите кои се предмет на прекршокот.
Во член 61 од Законот за прекршоците е предвидено дека со закон овластените службени лица во органите на управата можат на сторителот на прекршокот да му забранат вршење на дејност и должност се до поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка веднаш, а најдоцна во рок од 8 дена. Доколку барањето не е поднесено во рокот од став 1 се смета дека привремената забрана престанала да важи.
Тргнувајќи од анализата на содржината на напред наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека дадените надлежности и овластувања на инспекторот не се во функција на нарушување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, односно со нив не се нарушува владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, бидејќи управните мерки кои ги преземаат, односно извршуваат инспекторите во точно утврдени случаи се од времен карактер. Оттука, јасно произлегува дека со надлежностите на инспекторот да изрекува управни мерки, воопшто не се навлегува во ингеренциите на судската власт, туку напротив, со законската можност инспекторот да изрекува управни мерки се спречуваат потешките последици кои можат да настанат во девизното работење Судот утврди дека со определените овластувања на иснпекторот во оспорената одредба не се навлегува во доменот на судската власт, ниту, пак, со неа се повредува самостојноста и независноста на судовите.
Имено, целта на изрекувањето на ваквата мерка е да се забрза судската постапка и до завршувањето на судската постапка да биде заштитена одредена вредност во системот која со определено дејствие на одреден субјект била загрозена.
Преземањето на оваа управна мерка, според Судот има смисла само ако тоа се остварува веднаш во моментот кога со непосреден надзор на инспекторот кој има овластување за тоа е откриено незаконито работење во деловните простории на субјектот.
Судот оцени дека законското овластување на инспекторот да донесе решение за забрана на вршење на дејност не може да се подведе под сомнение со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.13/2005
16 и 17 март 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова