У.бр.209/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Кичево за централно градско подрачје “Стара Чаршија” – Општина Кичево бр.07-1007/3 од 21 јуни 2001 година, донесена од Советот на општина Кичево (“Службен гласник на општина Кичево” бр.6 од 26 јуни 2001 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/1999 и 102/2000).

3. Василко Јовановски од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата и допрецизирањето на истата, оспорената одлука не била во согласност со една од темелните вредности на уставниот поредок – уредување и хуманизација на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата, предвидена во членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и со член 21-а од Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 53/2001 и 45/2002). Според подносителот на иницијативата, при донесување на оспорената одлука, исто така, не биле почитувани одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/1999 и 102/2000) кој важел во време на донесување на оспорениот детален урбанистички план.

До таквите повреди, според подносителот на иницијативата, дошло на начин што со измената на планот била предвидена нова градба на градежната парцела 6.11. со станбено-деловна намена и оваа градба била предвидена на делот кој со претходниот детален урбанистички план за тој дел бил предвиден плоштад на Кичево. Според подносителот на иницијативата, при донесувањето на Деталниот урбанистички план за делот на ГП 6.11, во општината не било водено сметка дека со новиот Детален урбанистички план се попречувало неговото влегување на станбената зграда, односно при донесување на измена на Деталниот урбанистички план со новопредвидената градежна парцела 6.11 не бил предвиден влез во урбанистичката парцела на која се наоѓал неговиот станбен објект со што се повредувале одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот.

Поради наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, како и да донесе решение за определување на времена мерка со која ќе се запрат од извршување поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од оспорената одлука, со одлуката се донесуваат измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје “Стара Чаршија” – општина Кичево, со предлог – планот изготвен од “ИН-ПУМА” – Скопје со техн. бр.866/2000 од јуни 2001 година, кој е составен дел на оваа одлука. Во членот 2 децидно се наведува што содржи планот, а во членот 3 е регулиран начинот на заверка на планот и се определени органите на кои треба да се достави планот. Во членот 4 е определено дека планот ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски – Подрачна единица во Кичево. Понатаму, со членот 5 е определено на кои органи треба да се достави оспорената одлука. Во последниот член 6 е определено Одлуката да стапи во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Кичево”. Одлуката е донесена на 21 јуни 2001 под бр.07-1007/3 и е потпишана од претседавачот на општина Кичево д-р Ѓорѓија Матески.

5. Советот на општина Кичево на 28 март 2001 година донел Програма за уредување на градежното земјиште во градежниот реон на општина Кичево за 2001 година, во која ги утврдил начинот, постапката, условите и обемот на уредување на градежниот реон на општина Кичево за 2001 година. Меѓу другите, подготвителни работи во Програмата била предвидена и измена и дополна на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје.

Изработувач на нацрт планот за измена и дополна на Деталниот урбанистички план на Кичево за централно градско подрачје “Стара Чаршија” – Општина Кичево е АД за урбанизам, архитектура и инженеринг “ЗУАС” – Скопје.

Архитектонскиот факултет во Скопје – Институт за просторна организација на човековата средина – Скопје во јуни 2000 година направил стручна ревизија на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје – локалитет Стара Чаршија во Кичево. Одговор на ревизијата е направен на 26 јуни 2000 година од страна на АД за урбанизам, архитектура и инженеринг “ЗУАС” – Скопје.

Секторот за планирање на просторот при Министерството за урбанизам и градежништво дало стручно мислење бр.10-5183 од 20 јули 2000 година во кое е наведено дека по вградување на сугестиите и забелешките од Стручната ревизија и Стручното мислење на Министерството за урбанизам и градежништво може да се пристапи кон процедурата за усвојување на планот.

Главниот архитект на градот Кичево, неговите соработници, членовите на Советот за архитектура на Кичево, претставник од МУГПЕ-Кичево и претставници од ЈП “Македонски телекомуникации” ПРЦ-Кичево, “Комуналец”-Кичево, “Електро-Кичево”, одржале стручна консултација за Централното градско подрачје “Стара Чаршија” Кичево на 3 јули 2000 година. Општината Кичево доставила соопштение до Радио Кичево за спроведување на јавна анкета бр.26-1010/1 од 4 јули 2000 година со кое на граѓаните на Општина Кичево им се соопштува дека се организира јавна анкета по Нацрт-измена и дополна на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје Стара Чаршија – општина Кичево и која ќе се спроведе во канцеларијата бр.23 на 1-ви кат во зградата на единицата на локалната самоуправа – општина Кичево. Јавната анкета траела од 4 јули 2000 до 20 јули 2000 година. Од извештајот од спроведената јавна анкета по предметниот Нацрт Детален урбанистички план бр.26-1010/3 од 26 јули 2000 година произлегува дека во текот на спроведената јавна анкета пристигнале вкупно 14 забелешки од анкетните листови за кои Комисијата сочинила извештај.

Градоначалникот на општина Кичево издал соопштение бр.08-776/1 од 12 април 2001 година кое било доставено до “Радио Кичево”, со кое им било соопштено на граѓаните на општина Кичево дека се организира дополнителна јавна анкета по предметниот нацрт-план, со траење од 12 април 2001 до 28 април 2001 година, а која ќе се спроведе во канцеларијата бр.23 на 1-виот кат во зградата на единицата на локалната самоуправа – општина Кичево.

Од извештајот по повторената јавна анкета по нацрт-измените и дополнувањето на Деталниот урбанистички план на централно градско подрачје “Стара Чаршија” – Кичево, бр.08-776/3 од 24 мај 2001 година, произлегува дека пристигнале 16 анкетни листови во кои се содржани забелешките од граѓаните, и во извештајот е наведено кои забелешки се прифатени, а кои не и дадени се причините поради кои не се прифаќаат таквите забелешки.

Од известувањето на градоначалникот на општина Кичево бр.08-776/4 од 18 јуни 2001 година, произлегува дека во предлог-планот е постапено во целост по извештајот од јавната анкета, стручните консултации и стручната ревизија за измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје “Стара Чаршија” – општина Кичево.

Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата до општина Кичево дал свое мислење бр.08-1040/2 од 20 јули 2004 година по предметниот детален урбанистички план.

Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот дало согласност бр.13-6664 од 25 јули 2001 година на Предлог-планот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје “Стара Чаршија” – Кичево.

Оспорената одлука е донесена од Советот на општина Кичево под бр.07-1007/3 од 21 јуни 2001 година и е објавена во “Службен гласник на општина Кичево” бр.6 од 26 јуни 2001 година.

6. Во членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, помеѓу другите како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е определено уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996) влезе во сила на 3 февруари 1996 година по што се направени повеќе измени и дополнувања и тоа со донесување на:

– Законот за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/1997) што влезе во сила на 28 јуни 1997 година,

– Законот за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/1999) што влезе во сила на 8 април 1999 година,

– Законот за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001) што влезе во сила на 20 јулии 2001 година, и

– Законот за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/2002) што влезе во сила на 6 јули 2002 година.

При оценување на законитоста на оспорената Одлука Судот ги имаше предвид одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997 и 18/1999) кои биле во важност во времето на нејзиното донесување.

Според член 2 од Законот, просторното и урбанистичко планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови кои меѓусебно се усогласуваат. Според членот 3 изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес. Постапка за донесување на плановите, вклучително и урбанистичките планови е уредена со самиот закон.

Според членот 7 од наведениот закон, во зависност од просторот што е предмет на планирање, покрај другите се донесува и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според содржинаа на став 3 на оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документациијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој закон.

Во член 15 од Законот, е предвидено дека за изработување на плановите од член 7 на овој закон, Владата на Република Македонија основа јавно претпријатие.

Во смисла на содржината на член 16 од Законот, изработувањето на урбанистичкиот план, освен генерален урбанистички план, може да врши и организација, односно институција овластена од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Во членовите 17 и 18 од наведениот закон е утврдена постапката за донесување на урбанистички планови.

Од содржината на член 17 од Законот, која се однесува на деталните урбанистички планови, произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Според член 20 став 1 од Законот, измените и дополнувањата на плановите од член 7 на овој закон се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку с овој закон не е поинаку уредно.

Според член 21-а од Законот при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот од различни области вклучени во интегралното планирање на просторот. Министерот надлежен за работите на урбанизмот, по претходно прибавено мислење од министерствата надлежни за соодветните области ќе донесе урбанистички стандарди и нормативи од став 1 на овој член.

Според член 22 став 3 од Законот општината донесува урбанистички планови од член 7 точка 2 алинеи 1, 2 и 3 на овој закон, а урбанистичките планови од ставот 3 на овој член се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од Министерството надлежно за работите на урбанизмот (став 6). Плановите за кои не е издадена согласност од став 6 на овој член се сметаат дека не се донесени.

Имајќи ја во вид изложената фактичка и правна состојба, како и сета приложена документација, Судот оцени дека оспорената Одлука за измена и дополна на Деталниот урбанистички план е донесена во законски предвидена постапка, од страна на законски определени органи со почитување на сите фази на постапката за изменување и дополнување на деталниот урбанистички план. Оттука, Судот утврди дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека во постапката е повредено уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот. Имено, со донесувањето на оспорената одлука почитувани се сите законски прописи кои се однесуваат на уредувањето и планирањето на просторот, со должно внимание на она што значи заштита и унапредување на животната средина.

По однос на наводите на подносителот на иницијативата, дека со измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план му било попречено користењето на дополнителниот влез во станбената зграда, Судот утврди дека, на подносителот на иницијативата му стојат на располагање и други правни средства за заштита на своето право во друга постапка. Имено, од приложената документација не може да се констатира одземање или ограничување на сопственоста и правата што произлегуваат од неа, поради што нема повреда на член 30 од Уставот.

Судот оцени дека во конкретниов случај нема повреда на членот 21-а од Законот на која одредба подносителот на иницијативата го темели појаснувањето на иницијативата. Имено, на примената на оваа одредба и тоа во ставот 1 треба да внимава изработувачот на планот со вградување на нормативите и стандардите на просторот, а такво овластување општината Кичево нема. Ова од причина што советот на општината донесува само годишна програма за изработка на планот, согласно член 14 став 1 од Законот, а изработката на плановите е доверена на јавното претпријатие што го основа Владата на Република Македонија, според содржината на член 15. Во ставот 1 од членот 21-а е определена обврската за примена на нормативите и стандардите за планирање на просторот, а во ставот 2 е содржано овластувањето на министерот надлежен за работите на урбанизмот, да ги донесе стандардите и нормативите од став 1 на овој член.

Во врска со наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, кои според член 21-а од Законот задолжително се применуваат при изработување на деталните урбанистички планови, Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да ја оценува согласноста на Одлуката со тој правилник, односно да ја оценува примената на стандардите и нормативите утврдени во истиот. Поради тоа иницијативата во тој дел согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.209/2004
9 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова