Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 5 став 6 од Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1995, 38/2002 и 16/2004).
2. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.70/2004 од 26 јануари 2005 година, по поднесена иницијатива од Мирјана Јовановска од Скопје, поведе постапка за оценување на уставноста на законската одредба означена во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со Амандманот В точка 1 став 3 на Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека на 17 февруари 2005 година, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за изменување на Законот за личната карта кој е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.12/2005 од 22 февруари 2005 година.
Согласно членот 1 од овој закон во Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1995, 38/2002 и 16/2004), во членот 5 ставот 6 се менува и гласи:
“На граѓаните кои зборуваат јазик различен од службениот јазик, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат во личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и писмото што го употребува граѓанинот”.
Согласно членот 2, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето.
Со оглед на тоа што оспорената законска одредба од членот 5 став 6 на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1995, 38/2002 и 16/2004) е суштински изменета, односно истата како таква престанала да постои, а спорното прашање е поинаку уредено со новата измена на Законот, Судот оцени дека не постојат основи за натамошно водење на постапката, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.70/2004
9 март 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова