Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 март 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на мрежата на националните установи од областа на културата бр.23-5574/1 донесена на седница на Владата на Република Македонија одржана на 22 декември 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2003).
2. Градоначалникот на Општина Тетово д-р Муртезан Исмаили на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Владата на Република Македонија означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата членот 2 од оспорената одлука во делот што се однесува за општина Тетово која се однесувала за преземање на основачките права на установите и утврдување како национални установи како што се: Домот на културата “Иљо Антески Смок”, Матичната библиотека “Кочо Рацин” и “Музејот на тетовскиот крај” – Тетово, била несогласна со членовите 94 и 95-а од Законот за култура.
Според поставените критериуми на Владата, била одредена мрежата на националните установи, односно домовите на културата за целата Република Македонија, а во оспорената одлука според истите тие критериуми, некои домови на културата на источна Македонија останале во надлежност на локалната власт, а во некои други делови биле прогласени како национални културни установи.
Конкретно во Тетово постоеле само три објекти за култура, се наведува понатаму во иницијативата, така што ако за тие објекти веќе одлучувала Владата не останувале други објекти каде можело да се оствари локалниот интерес на културата односно членот 96 од Законот за култура останувал безпредметен така што советот на општината не можело и немал каде да одлучува за културни објекти со локален интерес согласно член 7 од Законот за култура, а надлежностите во областа на културата предвидени со членот 22 точки 5 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) не можеле да се имплементираат.
Оспорената одлука, исто така, била во спротивност и со уставните начела на културата од член 47, 48 и 115 став 1 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од оспорената одлука се утврдува на кои организации со општествен капитал што се регистрирани за вршење дејност од посебен општествен интерес во областа на културата, во периодот пред донесувањето на амандманите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1990 година, основани согласно закон од страна на општествено-политичка заедница, самоуправана интересна заедница на културата или општествено-политичка организација Владата на Република Македонија им ги презема основачките права и ги утврдува како национални установи.
Во член 2 од Одлуката во делот што се однесува за општина Тетово е предвидено дека се преземаат основачките права на установите и се утврдуваат како национални установи за културата и тоа:
– Домот на културата “Иљо Антески Смок”, продолжува со работа како Национална установа – Центар за култура “Иљо Антески Смок”- Тетово;
– Матичната библиотека “Кочо Рацин” продолжува со работа како Национална установа – Библиотека “Кочо Рацин” – Тетово;
– “Музеј на тетовскиот крај” – продолжува со работа како Национална установа – “Музеј на тетовскиот крај” – Тетово.
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и со законите.
Согласно член 47 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво.
Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.
Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој.
Според последниот став од овој член од Уставот конечно, Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.
Согласно Амандман ЏВИИ точка 1 со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Со Законот за културата (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998 и 49/2003) се утврдуваат основите на културата како темелна вредност на Република Македонија, облиците на остварување на културата, начинот и условите на нејзиното финансирање како и други прашања од интерес за културата (член 1 став 1).
Според член 2 став 2 од наведениот закон Републиката го гарантира остварувањето на културата преку утврдување на националниот интерес на Републиката во културата и обезбедување услови за негово остварување.
Согласно член 7 став 1 од Законот локален интерес во културата, во смисла на овој закон, е културата што е јавен интерес од локално значење за граѓаните во единиците на локалната самоуправа.
Во членот 8 став 1 од Законот е утврдено дека националниот интерес во културата во смисла на овој закон, е културата што е од јавен интетес за сите граѓани на Републиката и е неопходно нејзино континуирано вршење, како и достапноста на сите граѓаните под еднакви услови, а согласно ставот 3 од истиот член националниот интерес во културата го остваруваат националните установи и други субјекти согласно со овој закон.
Од наведените законски одредби произлегува дека Републиката го гарантира остварувањето на културата како темелна вредност на Република Македонија, го гарантира нејзиното остварување преку утврдување на националниот интерес на Републиката како и обезбедувањето услови за нејзино остварување преку утврдување на национални установи.
Во насока на остварување на националниот интерес кој е заеднички интерес на граѓаните на Републиката, како и остварување на локалниот интерес кој е од интерес за граѓаните на единицата на локалната самоуправа законодавецот во преодниот период до завршување на постапката за трансформација на општествениот капитал во организациите од областа на културата го уредил прашањето за тоа кој е надлежен и кој ги презема основачките права на установите од овие области во зависност од тоа дали тие се од национален или локален интерес.
Согласно членот 94 од Законот за културата организациите со општествен капитал што се регистрирани за вршење дејност од посебен општествен интерес во областа на културата, во периодот пред донесувањето на амандманите на Уставот на СРМ од 1990 година, основани согласно закон од страна на општествено-политичка заедница, самоуправна интересна заедница на културата или општествено-политичка организација продолжуваат да работат како национални установи до утврдување на нивниот статус, согласно овој закон, односно до завршувањето на постапката за трансформација согласно прописите за трансформација на општествениот капитал.
Според член 95 од Законот Владата на Република Македонија со одлука определува на кои организации од членот 94 на овој закон им ги презема основачките права и ги утврдува како национални установи.
Согласно член 96 став 1 од Законот за културата, советот на единицата за локална самоуправа може со своја одлука доколку на територијата на општината има и други културни установи кои не се опфатени со одлука на Владата на Република Македонија, за тие установи да ги преземе основачките права и да ги утврди како општински-градски установи.
Со наведените законски одредби Владата на Република Македонија е овластена да определи кои организации што се регистрирани за вршење на дејност од посебен општествен интерес во областа на културата продолжуваат да работат како национални установи до утврдување на нивниот статус и да ги презема основачките права до завршување на постапката за трансформација на општествениот капитал.
Доколку на територијата на единицата на локалната самоуправа има и други установи од областа на културата кои Владата не ги прогласила како установи од национален интерес, советот на единицата на локалната самоуправа е овластен да ги утврди како општински – градски установи и да ги презема основачките права.
Тргнувајќи од наведените законски одредби, како и од содржината на оспорената одлука, а посебно и од членот 2 од Одлуката во делот за општина Тетово со која одредени установи од областа на културата се прогласени како установи од национален интерес, поради изнесените причини, Судот утврди дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорената одлука а посебно членот 2 од оспорената одлука со Уставот и со законите.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.84/2004
9 март 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова