У.бр.202/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Решението за дозвола за колективно остварување на авторското право на несценски музички дела бр.07-1733/19 од 26 ноември 1998 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/1999), донесено од Министерот за култура на Република Македонија.

2. Славе Димитров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспореното решение било несогласно со Уставот затоа што Министерството за култура го издало на здружение кое немало правен субјективитет.

3. Судот на седницата утврди дека со Решението се дозволува колективно остварување на авторското право на несценски музички дела како: а) облигаторно и б) факултативно и начинот и условите на остварување на овие права, при што упатува на примена на Законот за авторското право и сродните права и други прописи.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Судот, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот, исто така, ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа дека оспореното решение не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен за одлучува, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.202/2004
2 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова