131/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 50 став 4, член 50-а став 5 и член 55 став 6 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 71/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека во сите оспорени одредби било предвидено дека оцената што е дадена од непосредно претпоставениот старешина на старешината кој го извршил оценувањето на војникот, питомецот на Воената академија и на воените лица во резервниот состав на Арми-јата била конечна, така што против второстепеното оценување на оваа категорија лица не била дадена можност таквото оценување да се оспорува пред надлежен суд, што не било случај со професионал-ните војници, воените старешини и цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија согласно член 229 и член 251 точка 22 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Имено, според член 229 од Законот за служба во Армијата на Репуб-лика Македонија, професионален војник и воен старешина кој не бил задоволен со конечната одлука на надлежен орган донесена по приговор, односно жалба имал право во рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд. Ако се споредела оваа законска одредба со оспорените одредби ќе се утврдело дека војниците на служење воен рок, питомците на Воената академија и воените обврз-ници во резервниот состав на Армијата не биле еднакви во однос на професионалните војници, воените старешини и цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија, иако и тие биле воени лица во смисла на член 3 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Поради тоа, со оспорените законски одредби се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3; 9; 50 став 2; 51; 54 став 1 и 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 50 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, војник на отслужу-ва-ње на воениот рок се оценува по завршувањето на основната обука и во последниот месец пред завр-шувањето на воениот рок. Оценувањето на војникот го врши претпо-ставениот старешина на положба командир на вод и нему рамен или повисок воен старешина. Војникот кој не е задоволен со оцената,може во рок од 8 дена да поднесе барање за преиспитување на оцената до непосредно претпоставениот старешина на старешината кој го извр-шил оценувањето на војникот. Оцената од став 3 на овој член е конечна.

Според член 50-а од Законот, питомец на Воената акаде-мија, освен оценувањето по наставните предмети, се оценува и како воено лице на крајот на секоја учебна година. Лице на стручно оспо-собување и усовршување за офицери и подофицери се оценува на крајот на стручното оспособување и усовршување. Оценувањето на лицето на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери го врши претпоставениот старешина на положба коман-дир на вод и нему рамен или повисок воен старешина. Лицето на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери кое не е задоволно со оцената, може во рок од осум дена да поднесе барање за преиспитување на оцената до непосредно претпоставе-ниот старешина на старешината кој го извршил оценувањето. Оцената од став 4 на овој член е конечна.

Согласно член 55 од Законот, офицер, подофицер и војник во резервниот состав на Армијата се оценува по завршување на обука која траела најмалку пет дена или на воена вежба. Оценување се врши врз основа на покажаните резултати на вежбата односно обуката, способноста за вршење на должноста, дисцип-ли-ната, работните и карактерните особини и физичката подготовеност на лицето. Оценувањето го врши непосредно претпоставениот старешина на должност командир на чета и нему рамен или повисок воен старешина. Лицето кое не е задоволно со оцената може во рок од 8 дена да поднесе барање за преиспитување на оцената до непосредно претпоставениот старешина на старешината кој го извршил оценува-њето. Непосредно претпоставениот старешина од став 4 на овој член е должен за барањето за преиспитување на оценувањето да одлучи во рок од 15 дена од денот на доставувањето на барањето. Оцената на непосредно претпоставениот старешина од став 4 на овој член е конечна. Поблиски прописи за оценувањето на воените лица во резервниот состав на Армијата донесува министерот за одбрана.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Маке-донија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колек-тивните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијати-вата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата дека во оспоре-ните членови од Законот, по второстепеното оценување на војник, питомец на Воената академија и воено лице во резервниот состав на Армијата, не била дадена можност оценувањето да се оспорува пред суд, произлегува дека подносителот на иницијативата всушност бара Уставниот суд да одлучува за прашање кое законодавецот не го регу-лирал.

Имено, оспорените одредби уредуваат дека актот за службеното оценување на овие воени лица е конечен во постапката што се води во согласност со организационата и хиерархиската поставеност на воените лица во рамките на односите во службата. Оспорените одредби воопшто не го уредуваат, односно ниту го вклучуваат ни го исклучуваат правото на судска заштита на незадоволните воени лица од добиената оцена. Тоа прашање е предмет на решавање на судовите во согласност со прописите со кои се утврдува судската надлежност.

Имајќи предвид дека подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да одлучува за уставноста на оспорените чле-нови од Законот затоа што не регулираат прашања кои според него требало да бидат регулирани, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување на Судот по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.131/2004
2 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова