У.бр.192/2004-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 март 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката бр.07-1127/6 од 3 јули 2004 година на Советот на општина Струга за донесување измена и дополна на Деталниот урбанистички план за Урбана единица 4 – Запад – Струга објавена во “Службен гласник на општина Струга” бр.38 од 7 јули 2004 година.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.192/2004 од 19 јануари 2005 година по иницијатива на Никола Нестороски од Струга, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука поради тоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија и член 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/1997, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1993).

5. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од оспорената одлука, со одлуката се донесува измена и дополна на Детален урбанистички план за УЕ-4-Запад, Струга. Во членот 2 децидно се наведува што содржи планот, а во членот 3 се наведува дека извештајот од стручната консултација е составен дел на Одлуката. Во членот 4 е определено дека планот ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски ПЕ Струга, а членот 5 определува дека планот се заверува со печат и потпис од градоначалникот на општина Струга со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен. Во членот 6 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”. Одлуката е донесена од Советот на општина Струга под бр.07-1127/6 од 3 јули 2004 година.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и уредувањето и хуманизација на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од анализата на наведената одредба произлегува дека основна задача на државата е воспоставување рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу економската и еколошката сфера. Оттука, развојот на економијата и индустријата не може да се одвива неконтролирано и до максимум без да се води сметка за последиците што од тоа произлегуваат за животната средина и природата. Имено, станува збор за темелна вредност која има универзален карактер и како таква треба да биде заштитена и да се негува во средината во која живееме.

Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е закон за заштита и унапредување на животната средина и природа, со кој всушност се штити една од уставните емелни вредности предвидена во членот 8 став 1 алинеја 10.

Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро нивните води, крајбрежија, извори и водотеци, поради карактеристичните одлики и природни убавини, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки, лимнолошки и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставаат под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриските објекти.

Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините: Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од причина што Советот на општина Струга во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука, не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, а со оглед на фактот што Охридското Езеро, односно неговите води се споменици на природата, Судот оцени дека оспорениот акт не е во согласност со членот 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и со членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.192/2004
2 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова