109/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежното изградено земјиште сопственост на Република Македонија во целина и посебно оспорените член 1, 3 и 7 од Уредбата (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2003, 59/2003, 84/ 2003, 20/2004, 43/2004 и 69/2004).

2. Мирослав Грчев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Уредбата во целина и посебно оспорените одредби означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Владата на Република Македонија врз основа на членот 13 став 1 и 4 од Законот за градежното земјиште можела да го пропише само начинот и постапката за отуѓување на земјиштето сопственост на Република Македонија, но не и да дефинира кои физички и правни лица се стекнуваат со право да го отуѓат земјиштето во сопственост на Република Македонија.

Од друга страна членот 49 од Законот за градежното земјиште определувал трансформација на правото на користење во право на сопственост, поради што во оспорените одредби од Уредбата немале законски основ за отуѓување на градежното изградено земјиште.

По однос на оспорениот член 3 од Уредбата се наведува дека определувал кои граѓани можат, а кои не можат да го откупат од Реублика Македонија градежното земјиште што го користат, што можело да преставува само законска материја. Имено, оваа материја била уредена со членовите 50, 51, 52 и 55 од Законот за градежното земјиште по однос на кои одредби Уставниот суд донел интервентна одлука, но сега со оспорениот член 3, исто како и во укинатите одредби од Законот се вршело опреде- лување на граѓани што можат и граѓани што не можат да го откупат земјиштето, во зависност тоа дали за земјиштето бил платен или не бил платен надоместок за правото на користење.

Одредбата ги делела граѓаните на оние што платиле и оние што не платиле надоместок за правото на користење, меѓутоа во правниот систем на Република Македонија не постоела можност да се добие одобрение за градба и изградениот имот да се запише во катастарските книги без да се докаже дека за земјиштето е платен надоместок за користење. Оттаму, оспорената одредба ги делела граѓаните на оние на кои Владата на Република Македонија им издала потврда за платен надоместок и граѓани на кои не им издала таква потврда, односно на граѓани кои ги купиле објектите и не биле во состојба да се здобијат со таква потврда.

Членот 7 од Уредбата се оспорува од причина што, според подносителот на иницијативата со него се вршела евазија на правниот систем на Република Македонија од причини што условите за стекнување на право на сопственост и обврската за плаќање на надоместок за користење на земјиштето според Уставот се уредуваат со закон, а оспорената одредба тоа прашање го оставала на арбитрерната проценка на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека со Решение У.бр.125/ 2003 од 8 и 9 октомври 2003 година не поведе постапка за оценување на законитоста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение. Судот, исто така, утврди дека причините за оспорување на Уредбата во наведената постапка се идентични со причините од предметната иницијатива, како и дека во постапката по предметот Судот дал одговор на сите прашања што се покренуваат во иницијативата предмет на оцена во оваа постапка.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување.

5. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за согласноста на Уредбата во целина и членовите 1, 3 и 7 со член 13 став 1 и 4 од Законот за градежното земјиште, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.109/2004
2 март 2005 год.
С к о п ј е
мл/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова