117/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 52 став 2 и членот 85 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата посебните права на јавните обвинители и замениците на јавните обвинители при вршење на јавнообвинителската функција не можеле да бидат уредени со акт на министерот за правда како што било предвидено во оспорените одредби. Имено, министерот за правда немал овластување со свој акт да ги пропишува посебните права на јавните обвинители при вршење на јавнообвинителската функција и со дадената законска можност се навлегувало во законодавната власт, која власт во никој случај не му припаѓала на министерот за правда.

Поради повреда на член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 1 од Законот за јавното обвинителство, како посебни права на јавните обвинители и на замениците на јавните обвинители при вршење на јавнообвинителската функција се сметаат:

– правото да влегуваат и да имаат слободен премин на станиците, аеродромите, пристаништата само со покажување на службена легитимација;
– правото на службена дозвола за носење на оружје;
– правото на бесплатна употреба на јавен сообраќај, сувоземен, или езерски на територијата, односно на подрачјето во кое ја извршуваат јавнообвинителската функција и
– правото на посебна заштита на неговата личност, на семејството и имотот, по негово барање од полицијата во местото на живеење секогаш кога за тоа постојат сериозни причини за неговата безбедност.

Според оспорениот став 2 од истата одредба, за посебните права од ставот 1 на овој член, поблиску ги пропишува министерот за правда.

Во член 85 став 1 од Законот е определено кои подзаконски акти и во кој законски рок ќе ги донесе Јавниот обвинител на Република Македонија.

Според член 85 став 2 од Законот, министерот за правда, меѓу другото, ќе донесе и акти за користење на посебните права на јавните обвинители и замениците на јавните обвинители во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, меѓу другото, е надлежно да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија, меѓу другото, е надлежна да донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а според ставот 3 на овој член организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 106 став 1 и 2 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон.

Врз основа на овластувањето од член 95 од Уставот е донесен Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000) со кој се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Според член 55 став 1 од Законот, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон, а според член 61 од истиот закон, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во членот 17 став 1 алинеја 1 од Законот, како дел што се однесува на надлежноста на органите на државната управа, е утврдена надлежноста на Министерст- вото за правда. Според оваа одредба Министерството за правда ги врши работите што се однесуваат на: судството, јавното обвинителство и јавното правобранителство.

Тргнувајќи од изнесената уставна и законска регулатива произлегува дека министер за правда има овластување да врши работи што се однесуваат на јавното обвинителство, а во функција на извршување на законите и другите прописи, но при тоа со актите што ги донесува не може да утврдува права и обврски за јавното обвинителство.

Во конкретниот случај членот 52 став 1 од Законот за јавното обвинителство во целост ги уредува посебните права на јавните обвинители и на замениците на јавните обвинители. Оттаму, оспорениот став 2 од истата одредба, како и оспорениот дел од член 85 став 2 од Законот, според Судот, се со иста функција и имаат за цел да го определат законското овластување на министерот за правда да донесе подзаконски акти за користење на посебните права на јавните обвинители и замениците на јавните обвинители.

Имајќи го предвид фактот дека посебните права на јавните обвинители и замениците на јавните обвинители се утврдени во членот 52 став 1 Закон за јавното обвинителство, според Судот утврденото овластување на министерот за правда да донесува прописи за посебните права утврдени во законска одредба е во согласност со уставно утврдената положба на органите на државната управа, како дел од извршната власт, чија организација и работа се уредува со закон. Според тоа со оспорените одредби не се навлегува во законодавната власт и не се повредува самостојноста на јавното обвинителство како специфичен државен орган.

Од тие причини, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со уставни одредби на кои се заснова иницијативата.

Во однос на прашањето, пак, дали министерот за правда се движел во или излегол од рамките утврдени во членот 56 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според Судот тоа прашање може да биде предмет на оценување само во случај кога би се работело за конкретен пропис и акт што е донесен во смисла на овластувањето утврдено во оспорените одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 117/2004
23 февруари 2005 година
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова