165/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 и 3 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 85/2003, 17/2004 и 69/2004).

2. Раде Настоски од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата одредбата од член 35 став 3 не била во согласност со член 9, 32 и 51 од Уставот, затоа што како основа за пресметување на работното искуство не преставува целокупната плата на државниот службеник, туку како основица се земал само делот од платата, односно само степенот на образованието.

Со таквиот начин на пресметување односно на вреднување на работното искуство само во зависност од степенот на образованието според подносителот на иницијативата се создавала ситуација на урамниловка без притоа да се води сметка за работните задачи кои ги врши државниот службеник, на кој начин се создавала нееднаквост меѓу граѓаните државни службеници и другите вработени во Републиката.

По однос на член 35 став 1 од Законот подносителот не наведува од кој причини истиот го оспорува.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 35 став 1 од Законот за државните службеници е предвидено дека со основната плата која се исплатува на државниот службеник се обезбедува вреднување на соодветниот степен на образование утврден со актот за систематизација за работните места, а за работното место на кое тој е распореден и работно искуство.

Во ставот 2 на овој член е предвидено дека степенот на образование утврден за соодветната група во согласност со член 6 став 6 на овој закон се вреднува и тоа за И група високо образование 200 бодови, ИИ група високо образование 200 бодови, ИИИ група вишо образование 150 бодови и средно образование 100 бода.

Во оспорениот став 3 е предвидено дека работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со кој се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

4. Судот, исто така, утврди дека оспорениот член 35 став 3 бил предмет на оцена пред Уставниот суд и со Решение У.бр.121/2004 од 15 декември 2004 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.

Имено, во наведеното решение Судот изразил став дека Законот за државните службеници предвидел посебни правила од јавно правен карактер кои се разликуваат од оние што важат за вработените во стопанството на кои се применува Законот за работните односи.

5. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај Уставниот суд го оценувал оспорениот член 35 став 3 кој бил оспорен од истите причини како и во оваа иницијатива, а при тоа не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

Воедно Судот оцени дека треба да се отфрли иницијативата и во однос на член 35 став 1 од Законот со оглед на тоа што подносителот на иницијативата не ги навел причините за неговото оспорување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.165/2004
23 февруари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова