Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 февруари 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Невзат Мемети од Тетово, за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на конкретни акти на судовите и управните органи.
2. Невзат Мемети од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на конкретни акти донесени од надлежните судови и управни органи, бидејќи според наводите во иницијативата тој не можел да ги оствари своите правни интереси поради неправилното работење и одлучување на тие органи.
Имено, во иницијативата се наведува дека во 1988 година со решение на управниот орган надлежен за имотно-правните работи во општина Тетово, на подносителот на иницијативата му било одземено земјиште од катастарска парцела во Тетово, заради друга намена. Меѓутоа, според Законот за експропријација од 1995 година одземањето на сопственоста можело да се врши исклучиво заради јавен интерес, па поради тоа поранешното управно решение со кое му било одземено земјиштето било спротивно на Законот за експропријација и на Уставот на Република Македонија кој определил дека сопственоста е неприкосновена и може да се одземе или ограничи само кога се работи за јавен интерес. Во иницијативата, исто така, се наведува дека Основниот суд во Тетово донел правосилно решение ВПС бр.18/1989 за надомест, врз основа на кое требало на подносителот на иницијативата да му се исплати определениот износ, меѓутоа решението не било извршено поради неправилното работење на Основниот суд во Тетово.
3. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според ставот 3 на овој член, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Со оглед на тоа, Уставниот суд не одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на надлежните органи, ниту овој Суд има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапките и одлуките на судовите и другите органи по конкретни предмети на граѓаните.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Поаѓајќи од означената уставна одредба и барањето со иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.201/2004
9 февруари 2005 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова