Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 јануари 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на:
а) уставноста на член 36 од Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997 и 35/1997-исправка),
б) уставноста на член 38 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/2002),
в) уставноста и законитоста на
– Решението П.бр.10392/97 од 9 јули 1998 година донесено од Основниот суд Скопје I – Скопје.
– Решението П.бр.10392/97 од 2 септември 1998 година донесено од Основниот суд Скопје I – Скопје,
– Решението ПРК.бр.1174/99 од 9 мај 2000 година донесено од Основниот суд Скопје II – Скопје, и
– Изјава на Жарко Бошковски – адвокат од Скопје.
2. Драган Петрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 36 од Законот за прекршоците и член 38 од Законот за адвокатурата и уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 в) од ова решение.
Според наводите во иницијативата во член 36 од Законот за прекршоците и членот 38 од Законот за адвокатурата не било предвидено дека адвокатот прекршочно ќе се гони и казнува иако со делата што ги прави им нанесува штета на граѓаните.
Со непредвидувањето на прекршочна одговорност на адвокатите се повредува член 9 и член 53 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата решенијата донесени од Основниот суд Скопје I – Скопје, решението на Основниот суд Скопје II – Скопје и изјавата на Жарко Бошковски – адвокат од Скопје не биле во согласност со Уставот и законите.
3. Судот на седницата утврди дека членот 36 од Законот за прекршоците кој е поместен во Глава VII од Законот “Значење на изразите на овој закон” содржи објаснување на законското значење на употребуваните поими во Законот за прекршоците.
Имено, покрај другото, во оспорениот член од Законот е предвидено дека под поимот физичко лице кое е прекршочно одговорно се опфатени и физичките лица кои вршат самостојна дејност без притоа посебно да нагласи дека адвокатот како физичко лице е прекршочно одговорен.
Имајќи ја предвид содржината на оспорениот член, како и наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата во суштина бара Судот да ја оцени уставноста на член 36 од Законот за прекршоците не затоа што содржи норма која е несогласна со Уставот, туку затоа што не содржи норма за која тој смета дека треба да биде содржана.
Оттука, тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на неговата надлежност, па согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија утврди дека постојат процесни пречки за постапување по барањето и одлучи како во точката 1 а) од ова решение.
4. Судот, понатаму утврди дека по предметот У.бр.134/2002 со Одлука од 22 јануари, покрај другите, го укинал член 38 од Законот за адвокатурата.
Со оглед на тоа што оспорениот член 38 од Законот за адвокатурата е укинат со одлука на Уставниот суд и тој не е во правниот поредок, Судот согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија утврди дека постојат процесни пречки за постапување по барањето и одлучи како во точката 1 б) од ова решение.
5. По однос на наводите во иницијативата со која се бара Судот да ја оцени уставноста и законитоста на решенијата на Основниот суд Скопје I – Скопје, решението на Основниот суд Скопје II – Скопје и изјавата на адвокатот Жарко Бошковски од Скопје, Судот утврди дека тие се поединечни акти и дека тие не се оспоруваат од аспект на заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот за што е надлежен Уставниот суд на Република Македонија.
Со оглед на наведеното, а имајќи во вид дека овие акти не се прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, како и фактот дека Уставниот суд не е инстанционен суд кој ги преиспитува пресудите на судовите донесени во судска постапка, Судот одлучи како во точката 1 в) од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.31/2003
19 јануари 2005 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова