У.бр.224/1998 и У.бр.122/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 јануари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 4, 7, 8, 9 став 4, 20, 27, 28, 29, 30, 31, 34, 44, 45, 46, 47, 48, 49, 50, 55, 56, 59, 61 и 63 од Законот за заштита на спомениците на културата (“Службен весник на СРМ” бр.24/1973) и на Решението на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје бр.231 од 10 април 1967 година и анекс на решение бр.1002/4-2 од 8 февруари 1985 година.

2. Сашо Кузмановски и Трајко Јовев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законот како и на Решението означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорените одредби од Законот ја ограничувале сопственоста и правата што произлегуваат од неа на имателите на недвижности во својство на споменици на културата. Категориите “општествена сопственост” и “посебен општествен интерес” биле категории кои Уставот не ги предвидувал, туку Уставот зборувал за јавен интерес утврден со закон. Притоа, не се работело само за терминолошка, туку и за суштествена неусогласеност која подразбирала и друг режим на односи во оваа сфера, со ингеренции на други субјекти поточно на државата, а не на општината, односно заводите основани од општината и од градот Скопје. Имено, само Републиката го поттикнувала, помагала и штитела развојот на науката, уметноста и културата, а не и општините и градот, преку заводите основани од нивна страна. Поради тоа, оспорените одредби од Законот не биле во согласност со член 30, член 47 и член 51 став 2 од Уставот.

Оспореното решение не предвидувало право на жалба иако за голем број граѓани непосредно и посредно од него произлегувало ограничување на одредени права, што не било во согласност со член 15 од Уставот. Иако оспореното решение било поединечен акт, бидејќи со него за споменик на културата се прогласувало земјоделско земјиште во една населба (Злокуќани) која сама по себе не претставувала споменик на културата, подносителот на иницијативата смета дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за неговата уставност.

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 19 март 2004 година, го донесе Законот за заштита на културното наследство (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/2004) со кој на битно поинаков начин се уредени прашањата од областа на заштитата на културното наследство.

Според членот 183 од овој закон, со денот на примената на овој закон престанува да важи Законот за заштита на спомениците на културата (“Службен весник на СРМ” бр.24/1973 и 42/1976 и “Службен весник на Република Македонија” бр.12/1993).

Според членот 184 од овој закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија, а ќе се применува од 1 јануари 2005 година.

4. Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување на Судот по иницијативата.

Со оглед на тоа што од 1 јануари 2005 година почнува да се применува Законот за заштита на културното наследство, а на истиот датум престанува да важи Законот за заштита на спомениците на културата, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување на Судот.

5. Во врска со Решението на Заводот за заштита на спомениците на културата на Град Скопје бр.231 од 10 април 1967 година и Анекс-решението бр.1002-4/2 од 8 февруари 1985 година, Судот оцени дека тие се поединечни акти за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.224/1998
У.бр.122/1999
12 јануари 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова