173/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 186 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 71/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 186 став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била во спротивност со член 79 став 2, член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 84 алинеја 2 и член 122 став 1 од Уставот,затоа што министерот за одбрана нема уставно овластување да командува со Армијата и да упатува воен старешина и цивилно лице на служба во Армијата да врши должност во воено претставништво и воени мисии на Републиката во странство, во меѓународни организации или во меѓународни воени единици, бидејќи тоа е уставно и законско овластување на претседателот на Републиката.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот став 3 на член 186 е предвидено дека министерот за одбрана може со решение да упати воен старешина и цивилно лице на служба во Армијата да врши должност во воени претставништва и воени мисии на Републиката во странство, во меѓународни организации или во меѓународни воени единици.

4. . Според член 79 став 2 од Уставот, Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Република Македонија.

Според член 84 алинеја 2 од Уставот претседателот на Републиката ги поставува и отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство.

Во член 122 став 1 од Уставот е предвидено дека вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.

Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Според член 1 став 1 од Законот за одбрана, одбраната на Република Македонија се организира како систем на одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката која согласно став 4 на овој член може да се остварува и преку соработка со колективните системи за безбедност и одбрана во кои Републиката пристапила.

Во член 18 точка 12 од Законот за одбрана е предвидено дека во остварувањето на одбраната претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство.

Во членот 186 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија е предвидено дека воени претставници на Републиката во странство се воени аташеа и членовите на воените мисии во странство со чин мајор и повисок чин.

Воените претставници од став 1 на овој член имаат дипломатски статус.

Прашањето на упатување на воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата во странство е уредено со Законот за служба во Армијата. Имено, според член 2 став 3 од овој закон како служба во Армијата се смета и вршењето должност во воените претставништва на Република Македонија во странство, како и учество во мултинационална воена сила формирана согласно меѓународните договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

Во членот 187, пак, од наведениот закон е предвидено дека воените претставници во странство од член 186 став 1 на овој закон и воените старешини и цивилни лица од член 186 став 3 на овој закон имаат право на плата и надоместоци на плата на вработени во дипломатско конзулатните и други претставништва на Републиката во странство.

Од наведеното произлегува дека законодавецот докрај и доследно ја остварил концепцијата дека во системот на одбраната претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили и тој ги поставува и отповикува воените претставници на Република Македонија во странство.

Од изнесените законски одредби произлегува дека правото на министерот за одбрана со решение да упати воен старешина и цивилно лице во странство во рамките на меѓудржавната воена соработка, што е логичен израз на остварување, односно реализирање на меѓународните договори што Република Македонија ги склучила или им пристапила, воопшто не се однесува на поставување претставници на Република Македонија во странство и затоа не засега во правото на претседателот на Републиката да ги поставува и отповикува воените претставници во странство како негова уставна надлежност.

Оттука, со оглед на изнесеното, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот член од Законот, Судот смета дека со него не се уредуваат прашања во врска со командувањето на претседателот на Републиката со Армијата и поставувањето на воени претставници во странство, поради што тој не може да се подведе под сомневање од аспект на член 79 став 2 и член 84 став 2 од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Имајќи го предвид наведеното може да се констатира дека со утврденото овластување на министерот за одбрана да упатува воени и цивилни лица на служба во Армијата во странство не се повредува или органичува утврденото право и позицијата на претседателот на Република Македонија да поставува претставници на Републиката во странство. Оваа констатација соодветно се однесува и на член 122 став 1 и другите одредби од Уставот кои подносителот само ги наведува, а од чиј аспект исто така го оспорува член 186 став 3 од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.173/2004
29 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова