Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 декември 2004 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 101 став 1 алинеите 4 и 5 и ставот 3 во делот што се однесува за став 1 алинеите 4 и 5 на овој член, од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2002, 50/2002-исправка и 46/2004).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.186/2002 и У.бр.130/2004 од 24 ноември 2004 година по иницијативите на политичката партија “Демократски сојуз” и на Марија Којзеклиска, Жарко Караџоски, Спиро Мавровски и Љупчо Балковски од Скопје, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од членот 101 од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, поради тоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 101 став 1 алинеите 4 и 5 од Законот, на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако по негово барање му престане членството во партијата или изјави дека преминува во друга политичка партија.
Според ставот 3 на истиот член од Законот, мандатот на пратеникот му престанува со денот на настапувањето на условите од ставот 1 алинеите 2, 3, 4, 5, 6 и 7, а Собранието тоа го констатира на првата наредна седница.
При оценување на уставноста на оспорените законски одредби, Судот ги имаше предвид следните уставни одредби:
Според членот 1 на Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Според членот 2 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните во Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени политичкиот плурализам и слободните непосредни демократски избори.
Понатаму, во рамките на граѓанските и политичките слободи и права, со членот 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Во членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2 на овој член од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.
Според член 62 став 1 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Според ставот 2 на овој член од Уставот, пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.
Според член 62 став 3 од Уставот, пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.
Според член 62 став 4 од Уставот, пратеникот не може да биде отповикан. Според ставот 5 на истиот член од Уставот, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 63 став 1 од Уставот, пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Според ставот 5 на истиот член, со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии.
Според член 65 став 1 и 2 од Уставот, пратеникот може да поднесе оставка, која ја поднесува лично на седница на Собранието. Според ставот 3 на истиот член, на пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, а според ставот 4, на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија, определувајќи се уште во првите членови од основните одредби за граѓански концепт, што јасно произлегува од членот 2, според кој во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и дека граѓаните власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување, Собранието на Република Македонија го дефинира како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.
Утврдувајќи го Собранието како претставнички орган на граѓаните, Уставот во членот 62 став 2, 3 и 4 на недвосмислен начин се определил за концептот на слободен мандат на пратениците, кој што е општо прифатен во современите демократски општества, со следните карактеристики:
Прво, од членот 62 став 2 на Уставот произлегува дека односот меѓу граѓаните, како суверени носители на власта и Собранието на Република Македонија како нивни претставнички орган е непосреден, односно се остварува без какво било посредување. Оттука, согласно Уставот граѓаните секогаш, независно од изборниот модел според кој се врши изборот на пратеници, избираат пратеници како свои претставници, а не како претставници на политички партии или други посреднички ентитети, па затоа и мандатот добиен од граѓаните му припаѓа само на пратеникот.
Второ, според членот 62 став 3 од Уставот, а во врска со член 61 став 1 од Уставот, пратеникот ги претставува сите граѓани на Република Македонија, а не само граѓаните од неговата изборна единица, ниту само оние кои гласале за него.
Трето, пропишувајќи дека пратеникот во Собранието на Република Македонија одлучува по свое уверување, Уставот на пратеникот му остава целосна слобода во одлучувањето и донесувањето на одлуките во Собранието на Република Македонија (што не е случај кај врзаниот, императивниот мандат), што од друга страна подразбира дека слободата на уверувањето на пратеникот не може да се ограничува со ништо и во ниеден случај. Во таа смисла, на пратеникот не може да му престане мандатот поради причини што може да се поврзат со неговите лични уверувања и неговите постапки засновани на таквите уверувања.
Четврто, одредбата од членот 62 став 4 на Уставот за забрана на отповикување на пратеникот се надоврзува само како нужна консеквенца на претходните карактеристики на слободниот мандат, како негова уставно правна гаранција. Имено, според оваа уставна одредба која е својствена на концептот на слободниот пратенички мандат, никој, вклучувајќи ги и граѓаните како извор на пратеничкиот мандат, не може да бара тој мандат да биде прекинат од причини на несогласување со политичките ставови на пратеникот, па и кога тие се менуваат во текот на траењето на мандатот. Ниту граѓаните, ни кој било друг, не може да се повикуваат на изневерени очекувања ако пратеникот во текот на мандатот ги промени политичките ставови или ветувања што ги презентирал во време на изборот. Слободниот мандат подразбира токму тоа пратеникот да не може да го изгуби мандатот и кога на изборите промовирал едни политички ставови, а за време на мандатот се определил за други. Според тоа, забраната за отповикување на пратеникот има апсолутен карактер во поглед на слободата на неговото уверување и служи како инструмент на концептот на слободен мандат.
Имајќи го предвид ваквиот карактер и суштина на слободниот пратенички мандат и во тој контекст разгледувајќи ги оспорените законски одредби во однос на членот 62 став 2, 3 и 4 од Уставот, во кој јасно е конципиран слободниот мандат на пратениците, Судот оцени дека со оспорените законски одредби, според кои мандатот на пратеникот му престанува по сила на законот и тоа во моментот кога тој ќе ја напушти политичката партија од чија листа на кандидати е избран, се повредуваат принципите на со концептот на слободниот претставнички мандат, според кој мандатот на пратеникот не може да му престане не само по волја на суверенот (граѓаните), туку и по волја на друг субјект, како што е во конкретниот случај, по волјата на законодавецот и тоа поради промена на политички став, а следствено на тоа и промена на политичка партија.
Оттука, со оспорените законски одредби освен што се врши ограничување на слободниот и независен мандат на пратениците, според Судот практично се воведува и врзан мандат и тоа врзан не за граѓаните, туку за законодавецот и политичките партии, што не одговара дури ни на концептот на врзан мандат.
Од друга страна, условувајќи го мандатот на пратеникот со неговото членство во политичката партија од чија листа на кандидати е избран, произлегува дека со оспорените законски одредби се напушта непосредниот однос помеѓу граѓаните и пратеникот, како есенцијален за политичкото претставништво и за самиот концепт на слободниот мандат. Со оглед на тоа што со оспорените одредби законодавецот и политичките партии во односите со пратениците се ставаат над електоратот, односно граѓаните, Судот смета дека со нив се доведува во прашање и остварувањето на уставната определба од членот 2 став 1 од Уставот дека суверенитетот во Република Македонија произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
Понатаму, со оспорените законски одредби, според Судот се врши и директно ограничување на слободата на политичкото здружување и дејствување заради остварување на уверувањата на граѓаните, па и на пратениците, како и на нивното слободно пристапување и истапување од политичките партии, што е утврдено во членот 20 од Уставот.
Исто така, оспорените одредби од Законот немаат основ ниту во членот 65 од Уставот. Имено, тргнувајќи од тоа дека во овој член од Уставот децидно се утврдени случаите и условите за престанок и одземање на мандатот на пратеник и не се остава можност со закон да се утврдуваат други услови, Судот смета дека законодавецот без изрично уставно овластување не може да пропишува други, нови услови за престанок на мандатот на пратеник, како што тоа го сторил со оспорените законски одредби.
Поради наведените причини, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се во согласност со означените одредби од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.186/2002
У.бр.130/2004
22 декември 2004 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова
Издвоено мислење по предметот У.бр.186/2002 и У.бр.130/2004