94/2004-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 декември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите на финансиската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2004).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.94/2004 од 3 ноември 2004 година, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, поради тоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и законот.

4. Судот на седницата утврди дека Правилникот за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите на финансиската полиција содржи три глави, односно 44 члена, од кои Глава И ги регулира општите одредби, Глава ИИ ја регулира примената на одредбите за надлежност на финансиската полиција и Глава ИИИ ја содржи завршната одредба.

5. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во членот 6 став 2 од Законот за финансиската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2002) била предвидена можноста министерот за финансии да донесе поблиски прописи за начинот и постапката за примена на одредбите од став 1 на овој член.

Постапувајќи во рамките на овластувањата кои произлегувале од цитираната законска одредба министерот за финансии го донел сега оспорениот правилник.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.40/2003 од 30 јуни 2004 година го укина членот 6 став 2 од Законот за финансиска полиција оценувајќи дека со наведеното законско овластување се засега во уредување на прашања од кривичната постапка како една од видовите на судските постапки која може да биде уредена само со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови и со што се отстапува од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, поради што истиот не е во согласност со одредбите на Уставот.

Правилникот за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите на финансиската полиција е акт кој ја црпи својата основа во членот 6 став 2 од Законот за финансиска полиција и претставува негова операционализација. Но, со укинувањето на законскиот основ, Судот оцени дека министерот за финансии го губи правото, односно нема законско овластување да донесува поблиски прописи за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите на финансиската полиција.

Судот оцени дека престанувањето на правниот основ кој произлегува од укинатата законска одредба на која се заснова оспорениот Правилниик, претставува основа за негово отстранување од правниот поредок и едновремено претставува престанување на законската можност министерот за финансии да го уредува ова прашање со подзаконски пропис. Оттука, произлегува дека оспорениот правилник не е во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.94/2004
22 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова