У.бр.118/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и Юлен 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“СлуЧбен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за рационализација на вработените во Министерството за внатрешни работи по основ на економски, технолошки, структурални и слични промени бр.151-34850/1 од 7 јули 2003 година.

2. Благица Тодоровска од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената програма не била во согласност со член 129 од Законот за работните односи и член 9 и член 32 од Уставот на Република Македонија. Имено, според наводите во иницијативата, во конкретниов случај не биле применети критериумите од Колективниот договор, односно не биле бодирани работните места, како што било предвидено во членот 129 од Законот за работни односи поради што за технолошки вишок биле прогласени лица вработени од 1998 – 2002 година според субјективноста и волјата на Директорот на ДБК.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека наведената програма била спротивна на член 9 и член 32 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со истата се повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот, односно правото на еднаквост независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, како и правото секому да му е достапно секое работно место под еднакви услови. Ова, бидејќи биле отпуштени од работа лица од македонска националност, а биле примени лица од малцинската застапеност.

Сметајќи дека оспорената програма е во спротивност со Уставот и законот, подносителот на иницијативата на Уставниот суд му предлага да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на програмата за рационализација во МВР по основ на економски, технолошки и структурални промени, а потоа истата да ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека Програмата за рационализација на вработените во Министерството за внатрешни работи по основ на економски, технолошки, структурални и слични промени бр.151-34850/1 од 7 јули 2003 година е донесена согласно заклучокот на Владата на Република Македонија, донесен на Триесет и третата седница на Владата на Република Македонија одржана на 19 мај 2003 година, министерствата да изготват оперативна програма за рационализацијана вработените во министерствата и во органите во состав на министерствата кои се во редовен работен однос, за најмалку 4% до крајот на 2003 година, и со истата се утврдува потребата за воведување на нови промени во структурата, реорганизацијата, програмата и технологијата, кои ќе предизвикаат намалување на бројот на работниците и предвидува обезбедување на права на работниците на кои ќе им престане работниот однос од тие причини, согласно членот 154 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

Имено, Програмата содржи ВИ глави, и тоа:

1) Организација на Министерството за внатрешни работи;
2) Структура на работниците во Министерството за внатрешни работи;
3) Анализа на промените во Министерството за внатрешни работи;
4) Број и квалификациона структура за работните места за чија потреба престанува потребата во Министерството за внатрешни работи;
5) Мерки кои ќе ги преземе Министерството за внатрешни работи; и
6) Права на работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со
Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи го во вид основот за донесување на оспорениот акт, како и неговата содржина, Судот оцени дека тој не претставува пропис, туку е акт што Министерството за внатрешни работи го донел во врска со потребата од воведување на нови промени во структурата, реорганизацијата, програмата и технологијата, кои ќе предизвикаат намалување на бројот на работниците на кои ќе им престане работниот однос од тие причини, согласно член 154 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи. Со оспорената програма, исто така е предвидено дека постапката за престанок на работниот однос со отказ поради економски, структурални или слични промени да се спроведува согласно Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994 – исправка, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003), Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002 и 17/2003) Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1998, 11/1998, 17/2000 и 2/2003) и оваа Програма.

Со оглед на тоа дека оспорената програма не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, туку оперативен, интерен акт на Министерството, Судот утврди дека Судот не е надлежен да одлучува за нејзината согласност со Уставот и Законот за работните односи, во однос на кои се оспорува нејзината уставност и законитост, поради што се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

По однос на прашањето, дали на работникот, работниот однос со отказ му престанал под услови и постапка утврдени со Законот за работни односи, истото е во надлежност на друг суд, до кој незадоволните работници можат да бараат заштита на своите права од работен однос.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.118/2004
15 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова