106/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 точка б) потточка 3) од Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002 и 31/2003).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 31 став 2 од Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.111/2000, 4/2001-исправка, 71/2001, 23/2002 и 55/2004).

3. Владо Маркоски и други од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение и за оценување на законитоста на одредбите од Правилникот означени во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба, во која било предвидено правото на основните здравствени услуги, како што се користење на протези и заботехнички средства да се остварува во специјалистичко-консултативната здравствена заштита, односно овие услуги да можат да ги вршат само лекари специјалисти, не била во согласност со членот 9 став 2 и членот 32 став 1 и 2 од Уставот. Ова од причини што со оваа законска одредба лекарите стоматолози во примарната здравствена заштита се ставале во нерамноправна положба, а истовремено индиректно се оспорувала и нивната диплома, односно оспособеност за работа на наведените стоматолошки услуги. Поради тоа со неа се повредувало начелото на еднаквост на граѓаните утврдено во членот 9 став 2 од Уставот, како и начелото дека секој има право на работа и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, утврдено во членот 32 став 1 и 2 од Уставот.

Со оглед на наведеното во иницијативата се предлага Судот да ја оцени уставноста на оспорената законска одредба и истата ја укине.

Во однос на оспорениот член 31 став 2 од Правилникот, во иницијативата не се наведени причините за неговото оспорување, ниту одредбите од законот што се повредуваат со овој член на Правилникот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 9 став 1 точка б) потточка 3) од Законот, основните здравствени услуги од членот 8 на овој закон во специјалистичката – консултативна здравствена заштита се: ортопедски и други помагала, помошни и санитарни справи и материјали и заботехнички средства според индикации утврдени со општ акт на фондот на кој министерот за здравство дава согласност.

Според оспорениот член 31 став 2 од Правилникот стоматолошките здравствени услуги од орална хирургија, ортодонција и протетика не спаѓаат во примарната здравствена заштита.

5. Судот на седницата, исто така, утврди дека со Решениие У.бр.74/2001, У.бр.77/2001 и У.бр.78/2001 од 21 ноември 2001 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на целината на четири правилници, меѓу кои и на Правилникот чија одредба се оспорува со оваа иницијатива.

Во ова решение Судот изразил мислење дека четирите правилници како целини, чија содржина всушност претставува разработка на правата на граѓаните определени во Законот за здравственото осигурување, како и уредување на начинот и постапката на остварувањето на законските права се во функција на остварувањето на Законот и како такви не излегуваат надвор од законските рамки, поради што утврдил дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со членот 34 од Уставот и наведениот закон.

Подоцна, со Решение У.бр.44/2002 од 27 март 2002 година Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на одделни делови од името (називот) на овој Правилник, потоа на дел од членот 1, 2 и 3, како и на членовите 4 до 97 од истиот Правилник.

Оваа иницијатива била отфрлена од причини што овој Правилник бил предмет на оценување во целина, па и во сега оспорените делови и Судот со решение не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста.

6. Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Во членот 39 став 1 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Согласно наведените уставни одредби, здравственото осигурување, како дел од социјалното осигурување, кое во Уставот е утврдено како едно од основните права на човекот и граѓанинот, е уредено со Законот за здравственото осигурување чија одредба се оспорува со оваа иницијатива.

Според членот 2 од овој закон, здравственото осигурување се востановува како задолжително и доброволно. Задолжителното здравствено осигурување се востановува за сите граѓани заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци. Со здравствените услуги кои се обезбедуваат согласно овој закон, истовремено се обезбедува и здравствената заштита, односно заштита на здравјето на граѓаните, како право што е посебно гарантирано со Уставот.

Согласно член 8 од Законот, со задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица им се обезбедува право на основни здравствени услуги, кои осигуреното лице може да ги оствари на товар на средствата на фондот за здравствено осигурување доколку истите ги користи под услови утврдени во самиот закон.

Видот и обемот на основните здравствени услуги што произлегуваат од задолжителното здравствено осигурување се утврдени во членот 9 од Законот со позитивно набројување на здравствените услуги на сите нивоа на здравствената заштита: во примарната, во специјалистичко-консултативната и во болничката здравствена заштита. Така, во рамките на основните здравствени услуги утврдени во овој член на Законот, во примарната здравствена заштита, меѓу другите услуги, спаѓа и превенцијата, лекувањето и санирањето на болестите на устата и забите, а во специјалистичко-консултативната здравствена заштита – користењето на протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и заботехнички средства.

Од наведените законски одредби произлегува дека правото на основни здравствени услуги е едно од правата утврдени со Законот за здравственото осигурување што се обезбедуваат во рамките на задолжителното здравствено осигурување, чиј обем, односно содржина и ниво на остварување се, исто така, утврдени во овој закон и тоа во членот 9, чија одредба се оспорува со оваа иницијатива.

Тргнувајќи од тоа дека согласно член 34 од Уставот, правото на социјално осигурување, а оттука и на здравственото осигурување, како дел на социјалното осигурување, се утврдува со закон, од аспект на Уставот не е спорно правото на законодавецот да ги утврдува видовите на права од здравственото осигурување, содржината, односно обемот на тие права и условите и начинот на кои тие се остваруваат.

Имајќи го предвид наведеното, како и тоа дека во конкретниот случај, со оспорената законска одредба, како впрочем и со целиот член 9 од Законот, се уредува токму содржината, односно обемот на правото на основните здравствени услуги утврдено со овој закон, и се утврдува начинот, односно нивото на здравствената заштита на кое се остваруваат овие здравствени услуги, Судот смета дека законодавецот со оваа одредба не излегол надвор од овластувањето утврдено во членот 34 од Уставот.

Прашањето, пак, дали во конкретниот случај правото на користење протези и на заботехнички средства ќе се остварува во специјалистичко-консултативната, а не во примарната здравствена заштита, поради што и се оспорува уставноста на членот 9 став 1, точка б) потточка 3) од Законот, е прашање што може да се разгледува во контекст на целисходноста, но не и во контекст на уставноста на оспорената законска одредба, затоа што, како што е веќе наведено, оваа одредба, а и другите одредби на членот 9 од Законот се во рамките на овластувањето од членот 34 од Уставот.

Освен тоа, а имајќи предвид дека со иницијативата уставноста на член 9 став 1 точка б) потточка 3) од Законот се оспорува во однос на членот 9 став 2 и членот 32 став 1 и 2 од Уставот, Судот смета дека оваа, а ниту другите одредби од Законот, не може да имплицираат повреда на начелото на еднаквост на граѓаните во врска со правото на работа и достапноста секому, под еднакви услови, на секое работно место, од причини што со овој закон се уредуваат прашања што се однесуваат на остварување на уставното право на социјално, односно здравствено осигурување, а не на правото на работа.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означените одредби од Уставот.

7. Со оглед на тоа што Правилникот, чија одредба се оспорува со оваа иницијатива веќе бил оценуван во целина, што значи и сега оспорената одредба и Судот со Решение У.бр.74/2001, У.бр.77/2001 и У.бр.78/2001 од 21 ноември 2001 година не повел постапка за оценување на неговата уставност и законитост, а не наоѓајќи основи за поинакво одлучување по оваа иницијатива, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи иницијативата во делот со кој се бара оценување на законитоста на членот 31 став 2 од Правилникот да ја отфрли.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.106/2004
15 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова