180/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 32 став 2 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2004 и 82/2004-исправка).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 32 став 3 и 4 и членот 77 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Група од 39 невработени наставници од Прилеп, Наташа Мирческа од Прилеп и група од 20 наставници по одделенска и предметна настава исто така од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативите оспорените одредби на членот 32 став 3, 4 и 5 и членот 77 од Законот не биле во согласност со Уставот, затоа што предвидувале наставник во одделенска и предметна настава да може да биде лице со соодветно високо образование (а не со више како што предвидувал законот до тогаш) со што невработените наставници со више образование не можеле да конкурираат за наставници во одделенска и предметна настава. Поради тоа, овие наставници спротивно на членот 9 од Уставот се ставале во нерамноправна, односно нееднаква положба во однос на другите наставници со завршено високо образование, а пред се во однос на наставниот кадар со завршено више образование кој според членот 77 од Законот продолжува да ги врши работите на работните места на кои се затекнале пред денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со овие законски одредби се вршело и ограничување на уставно гарантираното право на работа на оваа категорија наставници, што не било во согласност со членот 54 став 1 од Уставот. Од овој аспект посебно се оспорува и членот 32 став 2 од Законот во прво поднесената иницијатива.

Освен со членот 9 и 54 од Уставот, оспорените одредби на членот 32 став 3 и 4 и членот 77 од Законот, според наводите во трето поднесената иницијатива биле во спротивност и со членот 32 став 2 и членот 52 став 4 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според ставот 2 на членот 32 од Законот (со кој член се менува дотогашниот член 66) воспитувач во подготвителна година може да биде лице со завршено соодветно високо и више образование.

Според членот 32 став 3 од Законот, наставник во одделенска настава може да биде лице со завршено соодветно високо образование.

Во членот 32 став 4 од Законот е предвидено дека наставник по предметна настава може да биде лице кое завршило соодветна еднопредметна или двопредметна група на образование на наставници на факултет, висока школа, факултет за ликовна уметност и факултет за музичка дејност.

Според член 32 став 5 од Законот, наставници по ликовно образование и музичко образование можат да бидат и лица со завршени други оддели и стекната педагошко-психолошка и методска група предмети на факултетот за ликовна уметност и факултетот за музичка уметност.

Согласно членот 77 од Законот постојниот наставен кадар со завршено више образование во одделенска и предметна настава и натаму ги врши работите на работните места на кои е затекнат пред денот на влегувањето во сила на овој закон.

5. Судот на седницата, исто така, утврди дека со Решение У.бр.186/2004 од 3 ноември 2004 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 32 став 3 и 4 и член 77 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2004).

Имајќи ги предвид членот 32 став 5 од Уставот и членот 7 од Законот за работните односи, Судот во тоа решение оценил дека Законот за основното образование, во оспорените одредби на членот 32 став 3 и 4, определувајќи ги посебните услови за остварување на воспитно образовната дејност во основното образование, се движел и во рамките на Уставот и во рамките на Законот за работните односи. Во однос на членот 77 од Законот, Судот оценил дека со него не се повредува уставното начело на еднаквост, затоа што станува збор за два вида на кадри: едни кои треба да се вработуваат, а не го исполнуваат законскиот услов за поседување на високо образование за изведување на одделенска или предметна настава и други, кои се вработиле кога како услов за изведување на овој вид настава било предвидено више образование и пред денот на влегувањето во сила на овој закон се затекнале на работните места.

Поради наведеното Судот оценил дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на член 32 став 3 и 4 и член 77 од Законот.

6. Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничуваат само во случаи утврдени со Уставот.

Разгледувајќи ги оспорените ставови 2 и 5 на членот 32 од Законот, чија уставност за прв пат се оспорува во однос на наведените членови од Уставот со првоподнесената иницијатива, Судот утврди дека и овие одредби на член 32 од Законот се однесуваат на посебните услови за остварување на воспитно-образовната дејност во основното образование, кои законодавецот има право да ги утврдува согласно член 32 став 5 од Уставот.

Со оглед на тоа што со овие одредби се создаваат правни претпоставки за остварување, а не за ограничување на правото на работа и што условите во поглед на стручната подготовка утврдени во нив еднакво се однесуваат за сите граѓани, односно не се дискриминаторски по ниеден основ утврден во членот 9 од Уставот, Судот оцени дека со овие законски одредби не се повредува начелото на еднаквост на граѓаните, ниту, пак, се врши ограничување на слободите и правата во смисла на значењето на членот 54 став 1 од Уставот, како што сметаат подносителите на оваа иницијатива.

Од тие причини Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 32 став 2 и 5 од Законот со означените одредби од Уставот.

7. Имајќи предвид дека оспорените одредби на став 3 и 4 на членот 32 и член 77 од Законот веќе биле предмет на уставносудска оцена и Судот со Решение У.бр.186/2004 од 3 ноември не повел постапка за оценување на нивната уставност, а не наоѓајќи основи за поинакво одлучување по повод овие иницијативи, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи истите да ги отфрли.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.180/2003
15 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова