97/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 декември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување измена и дополна на Детален урбанистички план за “Крајбрежје” Струга бр.07-653/12 донесена од Советот на општина Струга на 26 април 2004 година (“Службен гласник на општина Струга” бр.35/2004).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.97/2004 од 27 октомври 2004 година, по иницијатива на Никола Стефановски од Струга, поведе постапка за оценување на законитоста на актот означен во точкаа 1 од оваа одлука поради тоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 9 став 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорениот акт, со оваа одлука се донесува измена и дополна на Детален урбанистички план за “Крајбрежје”-Струга.

Според членот 2, Деталниот урбанистички план содржи: графички дел, текстуален дел, стручна ревизија, одговор на стручна ревизија и извештај од стручна консултација.

Согласно член 3, извештајот од стручната консултација е составен дел од Одлуката.

Членот 4 уредува дека Деталниот урбанистички план за “Крајбрежје”-Струга ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски ПЕ Струга.

Според член 5, деталниот урбанистички план за “Крајбрежје” – Струга, се заверува со печат и потпис од Градоначалникот на општина Струга со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен.

Согласно член 6, Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”.

Врз основа на приложената документација што претходела на донесувањето на оспорениот акт, Судот констатира дека постапката за донесување на оспорениот акт е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Со Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/1977, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и 62/1993), Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро – нивните води, крајбрежја, извори и водотеци се прогласени за споменици на природата од особено значење за заедницата и се ставени под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки.

Членот 9 од овој закон кој што е во делот што предвидува мерки за заштита, е утврдено дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежјата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Според ставот 2 на овој член од Законот, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од наведената законска одредба произлегува дека при донесувањето на урбанистичките планови кои предвидуваат градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежјата на езерата, а кои се под посебна заштита, мора претходно да се прибави мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Со оглед на тоа што при донесувањето на Одлуката за донесување измена и дополна на Детален урбанистички план за “Крајбрежје” Струга, не е ниту побарана ни добиена согласност од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот оцени дека оспорениот акт не е во согласност со членот 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.97/2004
15 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова