У.бр.142/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Спогодбата помеѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука постигната на ден 22 јуни 2004 година.

2. Мирјана Попова од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Спогодбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата на ден 22 јуни 2004 година постигната е Спогодба помеѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), заведена под бр.0301-36/1 од 22 јуни 2004 година и Министерството за образование и наука заведена под бр.07-3113/1 од 22.06.2004 година, како социјални партнери, со која се имаат согласено меѓу другото и за тоа сметководствените работи за училиштата да се извршуваат од страна на трговско друштво за сметководствено-финансиски работи и консалтинг, кое што ќе го формираат работниците кои работеле како сметководители, а на кои им престана работниот однос поради технолошки вишок.

Потоа е предвидено Трговското друштво кое ќе се формира да склучи договор за работа со преземените работници (отпуштените работници) за период од најмалку 5 години и е наложено оние работници – сметководители кои ќе потпишат договори за работа со Трговското друштво да дадат изјава дека за тоа нема да поведат судски спорови.

Со таквата спогодба, смета подносителот на иницијативата, од страна на потписниците се суспендирани одредбите од Законот за работните односи од член 134 и 142 и соодветните членови од колективните договори со кои е регулиран “престанокот на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени.

Имено, со тие одредби е пропишана целата постапка како се прогласувале работниците за технолошки вишок во случај кога за нив престанала потребата за работа и кои права им следувале, што не било случај и со потребата од работа за сметководителите во училиштата. Потребата од работа за сметководителите во училиштата не престанала и не бил намален обемот на работите и работните задачи и смета дека тие работи и работни задачи никогаш нема да престанат да се извршуваат.

Подносителот на иницијативата напоменува дека согласно Законот за работни односи и колективните договори не била спроведена никаква постапка за прогласување на технолошки вишок, но во согласност со напред споменатата спогодба на сите сметководители со решенија им престанал работниот однос поради технолошки вишок.

Потоа, според подносителот на иницијативата суспендирани се и членовите од 143 до 147 од Законот за работни односи од Глава 8 – Заштита на правата на работниците, бидејќи им се одземало правото за барање заштита на поединечните права од работен однос кај работодавецот и другите надлежни органи: надлежниот суд, синдикатот, инспекциските органи и други органи.

Според наводите во иницијативата во уводот на Спогодбата е наведено дека таа е постигната врз основа на членовите 125 и 139 од Законот за работни односи, кое нешто било неосновано и незаконито.

Имено, во член 125 било регулирано дека престанок на работниот однос на работникот задолжително се дава во писмена форма со образложение за причините за отказот, а во член 139 биле утврдени правата кои е должен да му ги обезбеди работодавецот на работникот при престанок на работниот однос поради технолошки вишок, што значи дека постигнатата спогодба немала законска основа и како таква не можела да произведува правни дејства и од Уставниот суд треба да биде поништена.

Што се однесува до задолжението дадено во спогодбата самите работници да формираат трговско друштво, постапката за формирање на трговски друштва била регулирана со Законот за трговски друштва и никој надвор од тој закон не можел да наложува на друг да формира трговско друштво или да му го одземе тоа право. Ваквото задолжение за формирање на трговско друштво смета подносителот на иницијативата, е во спротивност со член 32 од Уставот на Република Македонија, каде што било предвидено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување итн.

Врз основа на изнесеното подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд на Република Македонија да ја прифати оваа иницијатива и согласно Уставот на Република Македонија да ја поништи Спогодбата постигната помеѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука заведени под напред наведените броеви и датуми.

3. Судот на седницата утврди дека Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука по преговорите водени за ублажување на последиците од престанок на работниот однос на сметководителите – книговодителите во основните и средните училишта поради економски, технолошки, структурални или слични промени, согласно член 125 и 139 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/2003) на ден 22 јуни 2004 година ја постигнале Спогодбата од точката 1 на ова решение.

Според точката 1 од Спогодбата социјалните партнери се согласиле да ги преземат сите мерки и активности во рамките на своите надлежности, со цел на сметководителите – книговодителите на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, да им се обезбеди:

а) вработување кај друг работодавец без огласување на работното место (член 10, од Законот за работни односи),
б) еднократен надомест во вид на испратнина (член 139, став 1, точка 3 од Законот за работни односи),

Со спогодбата е утврдено дека мерките и активностите од ставот 1 на спогодбата се спроведуваат согласно Закон, Колективен договор и Спогодбата.

Со точката 2 од Спогодбата е предвидено дека социјалните партнери се согласиле сите сметководствени услуги за училиштата да се извршуваат од страна на трговско друштво за сметководствено-финансиски, консалтинг и други слични услуги, согласно одредбите од Законот за јавните набавки.

Трговското друштво го формираат сметководителите – книговодителите во училиштата на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални и слични промени.

Според точката 3 од Спогодбата, трговското друштво формирано од работниците од точката 2 на оваа Спогодба, од училиштата ќе добие без надомест користење на средства и опрема со кои сега работат, како и соодветни просторни услови во период од 5 години.

За начинот, времето и условите за користење на средствата, опремата и просториите, училиштата и трговското друштво склучуваат посебни договори.

Според Спогодбата, за извршување на сметководствените услуги од страна на трговското друштво, Министерството за образование и наука преку училиштата ќе финансира по 6.000,00 денари месечно за буџетска и донаторска сметка на училиштето.

Трговското друштво е должно да склучи договори за работа со превземените работници за период од најмалку 5 години.

Согласно Спогодбата, училиштата за користење на услугите на трговското друштво склучуваат посебен Договор за трансферирање на финансиските средства од Министерството за образование и наука.

Во точката 5 од Спогодбата е определено дека финансирањето од точка 4, став 1, Министерството за образование и наука го врши континуирано и на крајот, според точката 6 од Спогодбата, сметководителите – книговодителите што го формираат трговското друштво од точка 2 потпишуваат договори за работа со трговското друштво и изјава дека за тоа нема да поведат судски спорови.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува и за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената Спогодба Судот оцени дека таа не претставува пропис, во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со неа се уредуваат меѓусебни односи помеѓу два субјекти. Всушност, Спогодбата претставува акт кој има правно дејство само за субјектите кои ја склучиле и за поименично наведените работници, а не и за неограничен број на субјекти и сите граѓани, поради што, Уставниот суд не е надлежен да ја оцени нејзината уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.142/2004
8 декември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова